Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!


ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 7 години, единка е. Отсекогаш сме имале проблеми со храната, како гадливост и повраќање, најчесто од миризбата или текстурата. Ручекот сѐ уште ѝ е блендиран со цел детето да внесе хранливи состојки. Секој друг обид завршува неуспешно. Лебот треба да биде без ништо, исто така и нездравата храна ја пребира, како одредени грицки, чоколади, сок и слично. Сега е второ одделение, првото беше на онлајн настава, па немавме проблем, но сега се соочуваме со страв од одење во училиште бидејќи појадуваат и ручаат во кујна. Стравот резултира со гадење и повраќање. Нејзините одговор е дека ѝ се гади од самата помисла на храната и начинот на кој децата јадат, не сака да ги гледа и да седи во кујна бидејќи ѝ се гади. Постојано е под стрес, кој повторно се манифестира со гадење и повраќање. Тоа е едниот проблем, кој мислам дека е поврзан и со другиот проблем, а тоа е дека е многу поврзана со другарка во одделението до која мора да седи во клупа, на маса или да се држат за рака, а секоја промена резултира со лутење или плачење. Дома отворено зборуваме, исто и со наставничките, не ја принудуваме со јадењето, но мора да оди во училиште. Ве молам за совет како да постапиме?

ОДГОВОР: Верувам дека ова е многу голем предизвик за вас и за вашето семејство.
Од вашето прашање немам многу информации во врска со обидите и начините на кои му ја нудите храната на вашето девојче, како и информации за вашата семејна динамика и односот со вашето дете. Добив впечаток дека ѝ се блендира само храната која е подготвена дома, додека „нездравата храна“ ја внесува без проблем, иако е исто така избрана.

Дали кога јаде грицки, чоколади, и тие ѝ ги блендирате? Како е кога одите некаде, кај блиски роднини?
Се прашував дали таа умее да џвака и дали откако е родена јаде само блендирана храна? Oд кога почнало гадењето и дали отсекогаш јаде исто? Kои мириси ѝ се омилени, што најмногу јаде? Дали нејзиниот педијатар е запознаен со оваа состојба… многу прашања.
Би било добро да го запознавате вашето девојче со друг вид храна и текстура, паралелно со блендираната храна. Да помириса јаболка, круша, банана… и да ја охрабрувате да проба. Да готвите заедно, храната да биде забавна и пријатна.

На која било возраст децата доживуваат моќни емоции. Нивниот свет може да биде застрашувачко и неизвесно место. Многу често анксиозноста и проблемите во исхраната се поврзани, а симптомите имаат тенденција да се зајакнуваат.
Манифестација на анксиозноста е прекумерната грижа и страв. Тие може да предизвикаат физички симптоми, како што се замор, раздразливост и проблеми со спиењето, а кај децата – чувство на вознемиреност кое често предизвикува стомачни тегоби. Тоа може да доведе до недостиг на апетит и намалување на количината на храна што детето ја јаде, како и гадење или одбивање.
Таа е на возраст кога почнува да се одвојува од вас, родителите, создавајќи свои пријатели. Во случај кога искажува голем страв за одење на училиште, кое за неа претставува една голема промена, таа развива силна приврзаност со другарката бидејќи ѝ дава чувство на сигурност и ја смирува.

Но затоа треба да разговарате, да ѝ дозволите да ги искаже своите чувства на лутење и плачење. Иако честопати е непријатно и вознемирувачко, добро е да може да ги искаже, а тогаш вие да ги рефлектирате и да ѝ понудите прегратки и поддршка полна со љубов. Потрудете се да ѝ ја објасните анксиозноста како чувство, на пр: „Кога си уплашена, веројатно чувствуваш како да имаш пеперутки во стомакот, како да ќе повратиш, а устата може да ја чувствуваш сува.“ Но, сепак, тоа што треба да го чуе од вас е: „Знам дека ова е тешко, но знам и дека ќе биде во ред.“ Зборувајте за ситуации кога вие сте биле исплашени и сте се соочувале со нешто што сте го надминале. Вашето девојче ќе доживува најразлични емоции, но и ќе се приспособува. Ваша задача е да ѝ помогнете да расте и да созрева релаксирано и со емоционална заштита колку што ѝ е потребна.

За да добиете повеќе информации за тоа како да реагирате во однос на исхраната и за приспособување во овој период на промена кај вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација во форма на опширен пишан одговор или, пак, онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X