Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 4 години. Пред една година почна да оди во градинка, а само еден месец пред тоа ги тргнавме пелените.
Оттука почнува проблемот кој нè мачи до ден-денес. Почна да се плаши од какање. На самиот почеток беше многу тешко, како за неа така и за нас, пробуваме на секој можен начин да се ослободиме од тој страв, со зборување, преку игри, трикови, само да заврши работа. Меѓутоа, проблемот сè уште е присутен, не во тој интензитет, но сепак постои.

Мислам дека секој страв што ќе го доживее го манифестира на тој начин (или сум грешка). Ве молам помогнете ни како да се ослободиме од овој проблем.

Прашува: Бети

ОДГОВОР: Со тешкотијата со која се соочува вашата ќерка се соочуваат голем број деца на таа возраст. Таа најчесто е иницирана од болно или непријатно искуство на какање кое се претвора во тригер на цела спрега од непријатни искуства кои само го продлабочуваат стравот и го затвораат детето во непријатен циклус од кој потоа самото не може да се ослободи.

Малите деца се навикнати да какаат во пелена. Познати им се сензациите што таа им ги дава и се чувствуваат комотно да какаат во неа. Кога пелената ќе се тргне, се менуваат и сензациите. Ова е некогаш доволно за детето да не се чувствува толку комотно да кака, па несвесно почнува да ги згрчува мускулите и да го задржува празнењето на цревата. Како резултат на ова, столицата се акумулира и станува поголема и потврда, а со тоа и какањето станува понепријатно, дури и болно. Доколку детето имало непријатно искуство на болно какање, може да почне да покажува отпор и страв во ситуации во кои му изгледа дека таквото болно искуство може да се повтори. Овој страв доведува до дополнителен грч и дополнително задржување на столицата, што доведува до влошување на состојбата. Секој дополнителен страв и вознемиреност што ќе ги доживее детето можат да доведат до зголемување на згрченоста во организмот, а со тоа и до влошување на состојбата.

Дополнителни фактори што придонесуваат за влошување на проблематиката се други непријатни искуства поврзани со какањето надвор од пелени, како што се: штипнување од адаптерот на тоалетот, непријатен настан со какање во гаќички или какање на несоодветно место, по што детето се чувствувало засрамено, или строга и лута реакција од возрасните што се грижеле за детето во тој момент. Од вашиот допис, за жал, не добивам јасна слика за процесот на самото одвикнување од пелени и дали некој од овие фактори бил присутен во вашиот случај. Особено бидејќи прекинувањето на пелените и тргнувањето во градинка биле доста временски поврзани, важно е да се погледне и во тоа како протекол процесот на адаптација кон градинката. Друго важно прашање е дали стравот и отпорот се јавуваат само кон какање или постојат и кон користењето нокшир/адаптер воопшто?

Во однос на справувањето со оваа проблематика, најпрво би ве упатила да се консултирате со матичниот педијатар на детето. Во вакви ситуации педијатарот може привремено да ви препише лесни лаксативи кои ќе му го олеснат какањето, а потоа да ве советува во однос на режим на исхрана која ќе биде лесно сварлива и богата со природни лаксативи. Ова ќе му помогне на детето да искуси дека какањето не мора секогаш да е непријатно и болно, и ќе го поддржи да се опушти. На овој начин може да се влијае врз промената на целата спрега за која претходно пишував. Пријатното искуство ќе го поддржи детето да се опушти, а опуштеноста понатаму позитивно ќе влијае врз промената на спрегата од згрчувачка во опуштачка.

Во текот на целиот овој процес психолошката поддршка која како родител му ја давате на своето дете е од клучно значење. Неопходно е да бидете многу смирени и поддржувачки за да му помогнете што поскоро да го преброди овој период. Доколку и покрај сите напори нема подобрување подолг временски период, тогаш обратете се кај детски психолог или игровен терапевт за индивидуална консултација низ која би утврдиле дали евентуално постои и друг фактор или некаков подлабок неадресиран проблем кој влијае врз целата ситуација.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X