Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка е прво одделение и на почетокот беше супер, но сега понекогаш се случува да не сака да оди на училиште. Ќе дојдеме до вратата и почнува да се вознемирува, наоѓа различни изговори само за да не влезе. Кога е на час, знае да си ги заврши сите задачи, а понекогаш вели: „Сакам да добијам единица како бато или сакам да бидам петто одделение како брат ми“. Кога носи фустанче, наставничката вели дека го крева за да ја видат другите деца и секогаш разговараме дека тоа однесување не е убаво, но пак продолжува. Казнета е со неизлегување на слободно пладне, а јас не знам како да постапам.

ОДГОВОР: Кога детето ќе се најде во нова социјална средина, се соочува со нови правила и граници во однесувањето, ги тестира, а доколку не му одговараат, се обидува да ги поместува, се повлекува или ги прифаќа. Колку што можам да разберам, вашето девојче растело со поголем брат и училиштето го аспирирало и преку неговите искуства што тој ги презентирал во домот.

Оттаму таа веќе има некои свои впечатоци за тоа. Кога таа ќе се најде во училницата, се соочува со поставени граници за тоа што таму е дозволено, а што не е. Однесувањето покажува дека таа се обидува да ги помести границите и не ги прифаќа. Кога ќе се соочи со тоа дека не постои друг избор, таа почнува да негодува и одбива да влезе во училницата. Затоа ве советувам да ги преиспитате вашите граници во домот што ги поставувате и да ја разидентификувате од искуствата на бато, објаснувајќи ѝ дека секој има своја приказна и секој има право на свој начин да ја креира.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X