Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата 4,5-годишна ќерка постојано ми дава отпор околу облекувањето. Сака сама да одбере што ќе облече. На почетокот се противев, но подоцна сфатив дека само полошо правам. Ја оставам сама да одбере, но и покрај полн плакар алишта, нејзе ништо не ѝ се допаѓа. Тогаш настанува непријатна ситуација бидејќи се ближи времето за да излеземе и секој ден мора со плачење да се заврши. Би сакала некој совет од вас.

ОДГОВОР: Во овој период од возраста кај децата се забележува силна потреба од самостојност и независност во извршувањето на секојдневните активности.

Потребно е да воведете ред и граници во вашата активност, конкретно облекувањето, со што обезбедувате контрола во однесувањето на детето. Најпрво средете го плакарот да има што помалку облека која ќе ја обновувате одвреме-навреме додавајќи нешто и одземајќи нешто со цел плакарот да не се преполнува со облека.

Секоја вечер договорете се што би носела утредента со тоа што ќе ѝ понудите две или три работи од кои таа ќе избере. Облеката оставете ја на столче и утрото не разговарајте за тоа, со напомена дека тоа е веќе договорено. Истото направете го и вие за себе, со што ќе бидете модел во однесувањето.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X