Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 8 години. Многу често е загрижена, се плаши, често е тажна и нервозна без причина (или барем ние не можеме да ја откриеме). Нема никаква самодоверба и често сама си претпоставува исходи од ситуации дека нема да успее, а реално не е така. Пробавме да ја запишеме на некаква активност, спорт, но се откажа. Така постапува во сите ситуации каде што треба да дојде до израз самодовербата и каде што ќе треба да се помрдне од комфорната зона. Зборуваме и зборуваме, но нема напредок. Дали е правилно да инсистираме да оди на некоја активност, спорт заради јакнење? Како можеме да ѝ помогнеме да стане посамоуверена? (Има помала сестра, која има силна позитивна ѕвезда и самодоверба и упорност.)

ОДГОВОР: Зад секое однесување постои некаква емоција, а зад секоја емоција стои некаква мисла, убедување, верување итн., што значи секое однесување има своја причина.

Честото расположение на тага и нервоза, ниската самодоверба, песимистичкиот став и приод кон успесите, откажувањето и неиницијативноста кон активностите, може да се должат на многу нешта кои зависат од природата и темпераментот на детето, воспитниот стил на двајцата родители, семејната динамика, односот на детето со секој член од семејството итн.

Во оваа ситуација се препорачува психолошка опсервација и тестирање со цел да се утврдат прецизно причините и да се дадат прецизни насоки и совети. Резилиентноста, т.е. отпорноста и психолошката јачина на личноста на детето е капацитет во справување со различни видови стрес, справување со предизвиците и непријатните искуства.

Резилиентните деца честопати се добри во решавањето на проблемите и учењето нови вештини баш поради тоа што преку непријатните искуства учат дека емоциите кои за нив во моментот се непријатни нема да траат засекогаш.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X