Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 8 години и уште од мала брзо се откажува од сѐ при првата пречка… Истото го правеше и во школото. Кога имаше некој тест, ќе си поставеше некоја блокада дека не може и дека ѝ е тешко и брзо ќе се откажеше и немаше ништо да напише… Ве молам за совет!
ОДГОВОР: Брзото откажување од дадени задачи кои детето ги доживува како нешто тешко уште пред да почне да ги работи е впрочем отсуство на механизми и психолошки сили во справување со стрес. Неотпорноста на стрес го прави детето да има ниска самодоверба и лоша слика за себе со неверување во сопствените капацитети и потенцијали. Бидејќи, како што можев да разберам од вашиот исказ, ова е карактеристично за неа уште од раните години на развојот, потребно е да се разгледуваат воспитните и родителските механизми кои тогаш биле насочени кон неа.
Ваквите состојби можат да бидат резултат на презаштитнички родителски стил во кој родителот правел сѐ наместо детето и детето секогаш го добивало резултатот на готово, без потрошен труд и фрустрација. На тој начин детето не развива отпорна сила кон фрустрацијата и понатаму со текот на растењето фрустрацијата станува негова блокада. Од друга страна, лесното откажување може да биде последица на страв да не разочара некој што веќе однапред поставил превисоки критериуми кои биле недостижни за детето, со што детето научило дека е неуспешно и се откажува од можноста да проба за да не се соочи со непријатноста од неуспех. За каков било соодветен понатамошен пристап, потребно е адресирање на причината за однесувањето на детето.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912