Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Би сакала да ве прашам како да му се објасни смрт на блиско лице на 6-годишно девојче? Станува збор за нејзиниот дедо. Таа беше присутна кога тој почина. Инаку, беа многу блиски. Беше сведок на доаѓањето на брзата помош и знае понекогаш во своите игри да вклучи и да спомне брза помош. Како треба да му се пристапи на детето во овој случај и со кои зборови конкретно да ѝ се објасни смртта, без тоа да ѝ остави последици, со оглед на тоа што таа веќе доживеа голема траума? Како да се постапи и дали во процесот треба да се вклучи посета на гробното место, а и кога би бил најдобар момент за тоа?
Прашува: Билјана

ОДГОВОР: Почитувана Билјана, прво примете сочувство за вашата огромна загуба. Воопшто не е едноставно да се зборува за загубата затоа што таа знае да не опсипе со тешка магливост, во која сите се обидуваат да видат и да разберат, но и да избегнат да видат и да прифатат. Ова е загуба која му се случила на целото семејство, а во која самото девојче било присутно во моментот на загуба. Верувам дека дедото бил исклучително значајна фигура во животот на девојчето, и ако е така, загубата уште потешко се пребродува и поминува. Она што е исклучително битно кај помалите деца што доживуваат загуба е да ја зачуваат рутината на живеењето затоа што тоа им носи сигурност и помала вознемиреност. Така, доколку вашата ќерка имала доста заеднички ритуали со дедото, треба дел од нив да се префрлат и да се прават со некој друг возрасен човек со кого девојчето е исто така блиско. На тој начин споменот на дедо останува жив и не постои силен рез на присутноста-неприсутноста, кој спротивно многу би ја вознемирил и би се повлекла.

Смртта е неприкосновен дел од животот, а траумата од загубата е особено поврзана со нагла и необјаснета смрт, и доколку не проциркулираат никакви информации на објаснување за тоа што се случило, детето останува во едно бунило и незнаење, кое се обидува да го потисне за да функционира.

Жалењето е дел од процесот на оплакување на загубата и сметам дека сите ние треба да ја имаме таа можност да не ги избришеме убавите сеќавања на човекот што го изгубивме, и како капацитет ги ставаме во поддршка на себе и на сопственото прифаќање. Секоја неоплакана загуба знае да демне во ќошевите на нашата душа, да нè притиска и да нè пече, и да нè тера да трошиме многу повеќе енергија за потиснување отколку за разбирање и надминување. Затоа сметам дека треба да се кажува вистината и да се зборува за смртта и за загубата како за дел од животот, и да се обезбеди простор за повлекување и жалење со цел да се истресе сета таа горчина на разделбата и заминувањето. Не ја знам целосно вашата приказна, но децата знаат да ја реконструираат вистината што им е потребна за да ја разберат реалноста, така што и да не ѝ дадете информации за тоа што и како се случило, таа ќе си ја создаде реалноста соодветна на тоа како се чувствува. Тоа значи дека е можно да се чувствува и виновна и збунета, и уплашена, и тажна ако вие не успеете да ѝ го пренесете доживувањето.

Присуството на возрасен човек, спремен да ја подели тежината со неа и да биде соодветно искрен, за тоа што и како се случило, во исто време спремен да ѝ дозволи целата нејзина ранливост од загубата да исплива на површина, и да каже: „Сè ќе биде во ред!“ е од неотповикливо значење.

Вашето девојче си игра со амбулантната кола затоа што се обидува да ѝ даде разрешница на ситуацијата, да ја преработи на свој начин, да го спаси дедо, за многу полесно да продолжи понатаму. Знаете, детската фантазија е многу голема и моќна работа, и ако остане непроверена и неподдржана во реалноста, останува долги години да биде единствена референција на сопственото значење. Особено кај случаите на очевидството при загуба кај децата, се бара многу посветеност и умешност, и сметам дека психоедукативен и советодавен разговор со психолог во однос на тоа како треба да се разговара со детето кога се случува загуба од ваков тип е исклучително потребен.

Ова е семејна загуба и е процес во кој не губи само детето, туку целото семејство, па потребна е поддршка во однос на одредени ефективни родителски стратегии за да може и онака скршениот родител да застане исправено пред болката на сопственото дете, да го прегрне и да го утеши.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X