Здравје

Ќе се менува менито во градинките

Работната група формирана со цел ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките денеска го одржа првиот работен состанок во Клубот на пратеници.

Иницијативата е на Министерството за труд и социјална политика во соработка со компанијата Ново Нордиск и поддршка на УНИЦЕФ. На состанокот се разговараше за изнаоѓање на најдоброто решение за составот на менито во детските градинки.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на работниот состанок потенцираше дека квалитетната исхрана не е важна само за одржување на доброто здравје, туку е суштинска за правилен физички и ментален развој особено кај децата во првите пет години од животот.

– Предизвиците со исхраната кај најмладата популација како глобално прашање се присутни и во нашата земја. Од една страна, е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна, се прекумерната тежина и дебелината, за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во земјата. Правилната исхрана има клучно влијание не само врз физичкиот развој на децата, туку и врз когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот, туку и на целото општество. Затоа, стекнувањето добри навики на исхрана во градинките придонесува за здравјето на децата – рече министерката Шахпаска.

Во насока на правилен раст и развој кај децата, министерката посочи дека е потребен мултидисциплинарен пристап, кој ќе обезбеди целосна промена на навиките. За таа цел се формира работна група која е составена од членови на Институтот за јавно здравје, Стоматолошкиот факултет, Универзитетската клиника за детски болести, Природно-математичкиот факултет, од каде што доаѓа експертот за нутриционизам.

Покрај ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките, предвидена е и едукација на децата, родителите и вработените во градинките со цел обезбедување поголема грижа и превенција на здравјето додека престојуваат во градинките, но и дома, во секојдневни и во услови на пандемија.
Присутните членови на работната група ја поздравија инцијативата на Министерството и изразија подготвеност за соработка со цел унапредување на исхраната на децата од најмала возраст.

Последната промена на Правилникот беше направена во 2014 година.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top