Децата првично не беа подготвени за онлајн-настава. Ги ослободува самиот факт дека се дома. Периодов се изнагледав еден куп комични ситуации. На пример, седат со нозете на бирото, јадат грицки на час и сите слушаме грицкање, лежат во спална, покриени со ќебе… Но, не се откажувам, вели наставникот Михајловски

Онлајн-наставата тече, а и покрај трудот на многу наставници, како и изработката на кодекс за однесување на онлајн-час и негово имплементирање во наставата, дел од учениците не го почитуваат. А на однесувањето не внимаваат ниту дел од родителите. Наставниците раскажуваат различни примери на дефокусирање на часовите и велат дека ќе треба време за дел од децата и родителите да научат да се однесуваат и при ваква настава.

Јадат грицки, си играат со играчки, играат видеоигри на час, се вртат во столовите, седат во пижами… ова се дел од ситуациите што ги забележува Даниела Геркоска, наставничка во 4. одделение, која вели дека треба да се работи со децата на тоа и да се разговара со родителите.

– Ги повикуваат родителите доколку не знаат на час, па во заднина шепкаат родители. Мислам дека се убедени дека не ги слушаме. Има случаи кога ученикот се повикува да одговара, па во тој момент му настанува технички проблем, во тој момент не му работи микрофонот. Ученикот следи настава во кујна, а во заднина се готви храна, па тропаат лажици. Разбирам дека има многу семејства во кои нема поинакви услови, но може да биде потивко и со подобра организација. Се случува наставата да ја попречува вклучен фен, правосмукалка, миксер. Има случаи кога родителите се караат меѓу себе. На дадени насоки за работа по пет пати се препрашува. Има изјави од типот: „Јас ќе се исклучам, мора да ручаме, ние сега ручаме“, „Си сликнав, не пишувам“. Има и несоодветно облечени родители што ги гледаме во заднина. Има случаи додека трае наставата, да се присутни некогаш и сите членови на семејството. Се упаѓа во збор додека зборува наставник или ученик – раскажува наставничката Геркоска.

Даниела Геркоска

Секако, ова не важи за сите. Таа додава дека голем дел од учениците и родителите се многу совесни и одговорни и се за голема пофалба. Но и дека некогаш навидум најбанална случка може да го насочи часот во непотребна насока, а има и состојби за кои потоа треба да се објасни што се случува.

Треба ли кодекс и за родителите?

– Ние како наставници настојуваме да укажеме дека е потребно ученикот да прифати дека треба да се однесува како да е во училиште. Наставникот е тука за сите тешкотии и нејаснотии. Потребно е да профункционира онлајн-триаголникот наставник-ученик-родител. Дел од родителите коментираат и прашуваат несоодветни работи среде час. Потоа разговараме телефонски, објаснуваме, кај дел има резултати, кај дел не. Онлајн-наставата не е видеоигра. Сево ова го изнесувам како дел од моето искуство и искуството на моите колеги – објаснува Геркоска.

Родителите се поприсутни на час од децата

И наставничката Милена К. забележува за несоодветно однесување кај учениците, но и кај дел од родителите за време на час.
– Јас како наставник немам некој проблем во реализацијата на наставата, учениците се мали, четврто одделение, а и многу се културни, одговорни и досега сè се одвиваше во рамките на нормалата. Можам да истакнам дека ми пречи притисокот од родителите кои седат до децата, им поткажуваат, им вршат притисок да се активираат, да кажат нешто, па ги споредуваат со други деца кои „знаат“ повеќе од нив. Истите тие родители потоа си дозволуваат да ја коментираат нашата работа, наоѓаат разни забелешки, а и најчесто имаат чувство дека нивните деца се игнорирани од наставникот. Се случува да слушнеме некоја расправија во заднина, службени разговори и договори, појако пуштени телевизори, да видиме испружени родители на кревет зад ученикот. За среќа, тоа се мал број родители, повеќето ученици се оставени самостојно да работат, во изолирана просторија и целосно го почитуваат кодексот за онлајн-настава кој им беше испратен пред почетокот на наставата – вели Милена.

Иле Михајловски

Домашни се праќаат и по полноќ, сите слушаме грицкање грицки… Но не се откажувам

Отсуство на кодекс на однесување забележува и одделенскиот наставник Иле Михајловски.

– Децата првично не беа подготвени за онлајн-настава. Ги ослободува самиот факт дека се дома. Периодов се изнагледав еден куп комични ситуации. На пример, седат со нозете на бирото. Јадат грицки на час. И сите слушаме грицкање. Една недела на еден ученик му укажував дека не треба да биде во пижами на час. Домашните им носат појадок за време на настава. Лежат во спална, покриени со ќебе. Не го исклучуваат телефонот за време на одмор, па секакви звуци и муабети се слушаат. Праќаат домашни во 23:00 часот. Не се вклучува на час затоа што го знаело материјалот, а родителите не знаат, седи на компјутер и си игра игри. И што уште не. Но не се откажувам и цело време се трудам да им ги наложам правилата што постојат и во вистинската училница. Потребни се работа, многу труд и мотивација за да се воведе дисциплина. Сакам да знаат дека која и да е форма на настава, правилата се исти – вели Михајловски.



912

X