Родителите често ја потценуваат моќта на зборовите. И денес многумина ќе речат дека нивните родители ги навредувале и строго ги казнувале и дека поради тоа пораснале во добри луѓе.

Ова е многу дискутабилно затоа што – кој е тој што мисли дека не пораснал во добар човек?

Значи, она што го направиле нашите родители, кога ќе го погледнете светот околу вас и возрасните што го сочинуваат, можеби не бил најдобриот метод за родителство. Децата апсорбираат сè и се како сунѓери. Така, односот на родителите и односот кон детето во детството често имаат одлучувачко влијание врз физичката и емоционалната состојба на идниот возрасен.

Оние фрази што ни ги кажувале нашите мајки, а ние ги повторуваме и денес, и кои или го нарушуваат нашиот авторитет или ги расипуваат односите со детето и ја уништуваат неговата самодоверба, многу родители сè уште ги користат и денес. Овие се некои од нив.

Ќе му кажам сè на татко ти

Што слуша детето: „Јас и татко ти сме на една страна, а ти на друга страна. Освен тоа, не постои начин да го решам овој проблем, не можам да се изборам, па морам да му се обратам на твојот татко за тој да го реши“.

Последици: Детето е убедено дека таткото ѝ верува само на мајката и дека нема шанси да ја објасни својата страна на приказната. Тоа останува осамено, а од друга страна, ја губи почитта кон неговата мајка, која не е во можност да воспостави комуникација со него и да ја реши ситуацијата.

Ништо не е твое, татко ти и јас купивме сè со наши пари

Она што детето го слуша: „Дури и таа твоја играчка што толку многу ја сакаш и не се одделуваш од неа, не е твоја, и ако сакам, можам да ти ја одземам и ништо не можеш да направиш во врска со тоа“.

Последици: Омилените работи стануваат главен предмет на уцена, а децата сфаќаат дека материјалните работи се поважни од што било друго затоа што ако се однесуваат добро, ќе ги имаат, ако не се однесуваат добро, нема.

Совет: Најважната задача на родителите е да му покажат на детето дека го сакаат и дека ниту една играчка, материјални работи или нешто купено со пари не може да го промени тоа. Материјалните работи никогаш не смеат да бидат користени за уцена и не смеат да се ставаат на тронот на тој начин.

Не можеш да го направиш тоа, сè уште си мал

Доволно е да поминете пет минути во паркот за да ја слушнете оваа реченица упатена на дете кое се обидува да ги имитира постарите деца и се качува на лулашките.

Што слуша детето: „Нема смисла да се обидуваш. Упорноста не се исплаќа, нема да успееш.

Последици: Со оваа „грижа“ го лишувате детето од можноста да научи нешто ново. Нека се обиде да се искачи, а вие бидете со него. Инаку, кога ќе порасне, тоа нема да може да биде независно, а единственото за што ќе биде сигурно е неуспехот.

Совет: Важно е детето да разбере каква улога има во семејството и да му се дадат задачи што може да ги извршува со напор. Ако некогаш не успее, тоа е во ред. Не е во ред да му забранувате каков било обид што вам ви изгледа несоодветен за неговата возраст. Бидете таму, бидете поддршка. Можеби нема да успее 10 пати, па ќе успее по 11-ти пат. И ќе ја почувствува таа среќа поради успехот.

„Зошто 4+, а не 5?

Она што детето го слуша: „Ти не ги исполнуваш моите очекувања. Да беше добар и вреден, сигурно ќе добиеше 5“.

Последици: Возрасните брзо забораваат како е да се биде дете и искрено веруваат дека децата немаат проблеми или причини за грижа. Но, тие доживуваат стрес на свој начин, што е исто толку силно како кај возрасните, така што задачата на родителите во тие ситуации не е да ги влошуваат работите.

Совет: Не заборавајте да го прашате детето како му поминал денот и ако забележите какви било тешкотии, насочете го кон решение. Никогаш не поистоветувајте дете со оценка и не споредувајте го со другите деца (пријатели, роднини, браќа и сестри).

Со тебе човек не може со убаво

Она што детето го слуша: „Посилен сум, затоа сум секогаш во право“.

Последици: Заканите брзо престануваат да функционираат ако не ги примените во реалноста. И, ако исто така физички казнувате дете затоа што не се однесува според вашите стандарди, немојте да бидете изненадени кога детето кое е здраво од раѓање подоцна ќе има здравствени проблеми: мигрена, артритис, болка во долниот дел на грбот, астма, хипертензија, хроничен замор, депресија и уште повеќе.

Совет: Довербата и разговорот можат да направат многу повеќе од закани и уцени.

Не те прашав што сакаш“

Она што детето го слуша: „Никој не се грижи за твоето мислење и за твојот став“.

Последици: Колку е поголем притисокот врз детето, толку повеќе тоа сака да му одолее.

Совет: Секогаш на детето објаснувајте му ја вашата позиција и зошто сакате нешто да биде точно како што сте побарале од него. Компромисот со децата е можен, само ако се слушате еден со друг и ако сте искрени.

„Не измислувај“

Она што детето го слуша: „Не ми е гајле за твоите проблеми“; „Не верувам дека имаш проблем“.

Последици: Негирањето на стравовите на детето не го решава проблемот. Какви било емоции (дури и ако се предизвикани од фантазии) се реални, и со изговарање на овие зборови го учите детето да ги крие своите чувства.

Совет: Разберете го стравот од лоши соништа или застрашувачки чудовишта, кажете му на детето дека му верувате и дека сте секогаш тука за него.

„Додека не ја напишеш домашната задача, нема цртани“

Она што детето го слуша: „За да те натерам да направиш нешто, морам да те уценувам затоа што не можам поинаку“.

Последици: Оваа тактика, попозната како „стап и морков“, функционира до одредена точка, но многу наскоро детето ќе почне да ги свртува работите – „ќе ја завршам домашната задача, но само ако ми пуштиш цртан филм потоа. Родителите се ужасно лути на ваквиот вид уцена и не сфаќаат дека тие самите го научиле детето на тоа.

Совет: Објаснете ја својата позиција и зошто е важно детето да го направи она што го барате од него. Обидете се да не го купувате однесувањето на вашето дете: порано или подоцна тоа ќе ви се удри од глава.

Замолчи

Она што детето го слуша: „Не те сакам“.

Последици: Секој груб збор кажан на детето во детството ќе се врати во иднина, а тогаш ќе биде навредлив за вас. Родителите се искрено изненадени од грубоста и занемарувањето од сопствените деца, иако не паметат дека заборавиле да се однесуваат со почит кон нив.

Совет: Пред да започнете дијалог со детето, обидете се да разберете сами: зошто сте толку вознемирени од типичното детско однесување? Можеби проблемот лежи во негативните искуства што сте ги имале, а детето не треба да биде ваш полигон за третирање на родителски фрустрации.

Ова се само некои од фразите карактеристични за нашите родители. Проблемот е кога родителите сметаат дека тие навистина немаат никакво негативно влијание и дека сето тоа е претерување. Бидејќи, да признаеме дека навистина е проблем да не го почитуваме детето, значи и да признаеме дека нашите родители не ја завршиле најдобрата работа, така што не испаднавме најдобрите верзии од себеси. А да се признае тоа не е лесно.

Извор



912

X