Кога како млада мајка слушнав дека сите помагала што ги купуваме за децата (колички, корпи, огради, цуцли…), всушност се помагала за родителите, сериозно размислував за тоа, а потоа сфатив дека навистина е така.

Дали количката е практична и понекогаш навистина потребна? Потребна е. Но, не ја купуваме затоа што ја сака новороденото дете, туку затоа што нам ни го олеснуваат секојдневното функционирање. Кога би се прашувало бебето, тоа би било свиено во прегратките на својата мајка 24/7, што е најблиску до средината во која се наоѓало до неодамна.

Истото важи и за сè друго – играчки, цуцли, проодувалки… сето ова го купуваме со надеж дека ќе си помогнеме да го поминеме денот полесно, а не затоа што на детето му е потребно. Апсолутно не му треба, уште повеќе, докажано е дека колку помалку вакви помагала имаме, толку детето е позадоволно бидејќи околината потоа треба активно да се справува со него!

И многу е важно да бидете свесни за такви работи и да ги нарекувате со нивното вистинско име. Тоа не значи да не купуваме повеќе колички и сето друго што ни го олеснува секојдневието, туку значи да не претеруваме и да сфатиме дека тоа се само привремени и краткорочни решенија и дека на детето не му треба ништо повеќе од нас самите.

Слично е и со употребата на технологијата и нејзината (зло)употреба.

Преплавени сме со докази за тоа колку е штетно влијанието на дигиталните уреди врз развојот на децата, особено во најраната развојна возраст, а сепак во околината може да видиме дека речиси секое дете има мобилен телефон во рацете – било да е тоа во ресторан, во количка или каде и да е. Да не зборуваме за нивната прекумерна употреба во подоцнежните години.

Многу е важно да кажам дека ова го пишувам од позиција на некој што поминал низ истото.

Кога нашето постаро дете имаше една година, почнавме да живееме самостојно, како мало тричлено семејство, одвојувајќи се од семејниот дом и заедничкото домаќинство. Во желбата да ги исполнам сопствените стандарди за тоа што една жена, мајка, сопруга мора да го постигне во текот на денот, но и стандардите на околината, најлесно ми беше да му дадам таблет на детето „само 20 минути“, додека ја чистев бањата. Откако ќе ја исчистев, тој и понатаму седеше мирен, односно како маѓепсан, а јас тоа време ќе го искористев за да подготвам ручек, да ги наредам алиштата… па така, 20 минути лесно се претворија во час, понекогаш и повеќе.

Во моментот кога почна да зборува и англиски и српски како да е еден јазик, а англискиот да го зборува со изговор и акцент како да му е мајчин јазик, сфатив дека нешто не е во ред.

Тогаш многу јасно сфатив колку е важно користењето на екранот да се сведе на минимум, но честопати попуштав, под некој скриен изговор дека децата се среќни додека ја гледаат таа одредена содржина и дека тоа нешто ќе им биде скратено ако целосно го ограничиме.

Сè се смени во моментот кога сфатив дека, исто како и другите помагала, телефонот, игрите и таблетот се всушност брза и лесна помош за родителите. Детето бара од нас внимание, а ние моментално мислиме дека нешто друго ни е поважно? Па му го даваме телефонот.

Дали детето не се однесува според нашите очекувања? Му го даваме телефонот. Детето сака да направите нешто заедно, но вие немате време во моментот? Му го давате телефонот.

Дали му е досадно на детето? Му го давате телефонот.

Разбирате ли? Во тие моменти ние всушност го „решаваме“ тоа што нѐ мачи, си олеснуваме.

Во моментот кога сфатив дека всушност го барам тоа брзо решение кога родителството ми е предизвик, или во моментот мислам дека нешто ми пречи, тогаш сфатив дека треба да се одвикнеме од зјапањето на детето во екран.

Не беше лесно, но упорноста од само неколку недели резултира со тоа децата да можат самостојно да се забавуваат, да се дружат, да разговараат повеќе, да учествуваат заедно во сите семејни активности, така што, генерално, сите гледаме колку реалниот живот е „пожив“ од виртуелниот.

Децата сега се ученици, за време на распустот им е дозволено да играат игри по половина час дневно, но воопшто не во текот на учебната година. Нам ни беше многу важно да разберат дека тоа не е казна, туку дека сме згрешиле што порано не сме ја ограничиле нивната употреба, односно не бевме доследни на нашите ограничувања бидејќи лесно излегоа од контрола.

Една вечер се возевме дома од соседниот град и помалиот син спомена игра на таблет, а постариот му објасни: „Те молам запомни дека веќе не ги играме тие игри, не затоа што сме казнети, туку затоа што тие целосно нѐ обземаат и ништо друго повеќе не ни е важно“.

И тогаш знаев дека сме истрајни во нешто за кое навистина вреди да се истрае.

Автор: Ивана Никиќ/ комуниколог, новинар, мајка

Извор



912

X