Според мене, казните нема да го решат овој проблем. Казнети имало и ќе има. Има родители плаќаат по 500 евра на три месеци. Но кај нас генерален проблем е ниското ниво на свесност, недовербата во квалитетот на вакцините. Ние како фела се залагаме за вакцинација. Едноставно не постои лек за некои болести, не се лекуваат на поинаков начин освен со вакцинација и најдобро решение е вакцинацијата, посочува педијатарот Ангелчо Андоновски

Поради зголемување на бројот на заболени од голема кашлица, сѐ повеќе родители ги вакцинираат своите деца. Двојно е зголемен бројот на вакцинирани деца на дневна основа. Вакциналните пунктови ќе почнат да работат во две смени. Надлежните подготвуваат низа препораки со цел да се спречи ширењето на епидемијата на голема кашлица. Покрај вакцинација, се препорачува и изолација на заразените.
Здравствената фела смета дека спасот од епидемијата и заразните болести е во свеста на граѓаните. Тие посочуваат родителите да мислат на здравјето на своите деца, да не го загрозуваат општото здравје и да ги вакцинираат децата. Сметаат дека казнените мерки не помагаат во вакви ситуации и упатуваат апел до родителите навреме да ги заштитат своите деца.

Ниско ниво на свесност кај родителите

Педијатарот Ангелчо Андоновски посочи дека според препораките, треба да се активираат мерките за вакцинација од Комисијата за заразни болести. Тој очекува дека свеста кај родителите ќе биде на завидно ниво и ќе ги заштитат своите деца од зарази и болести.

– Според мене, казните нема да го решат овој проблем. Казнети имало и ќе има. Има родители плаќаат по 500 евра на три месеци. Но кај нас генерален проблем е ниското ниво на свесност. Недовербата во квалитетот на вакцините. Родителите имаат поделени мислења. Ние како фела се залагаме за вакцинација. Едноставно не постои лек за некои болести, не се лекуваат на поинаков начин освен со вакцинација и најдобро решение е вакцинацијата. Конкретно за големата кашлица има лек, но од друга страна, таа е многу опасна за доенчињата. Сериозни проблеми предизвикува и кај децата од предучилишна возраст. Го напаѓа центарот за дишење. Кашлицата е иритативна, ја спречува работата на центарот за дишење, па понатаму настапуваат уште посериозни проблеми – истакнува Андоновски.

Толку е сериозна болеста, што се советува доенчињата од 0 до 3 месеци да се хоспитализираат за да им се укаже соодветна нега.

– Родителите треба да работат на имунизација. Секако, тука е здравата исхрана, потребен е чист воздух и прошетки на чист воздух, што во Скопје е речиси оневозможено. За да се спречи ширењето на болеста, пак ќе повторам – ние како фела сме за вакцинација. Главната препорака е вакцинација на децата со ДиТеПер вакцината, која се прима на 2, 4, 6 и 18 месеци, како и на 7-годишна возраст. Родителите да бидат разумни и да размислат за здравјето на своите деца. Антиваксери имало и ќе има, луѓе кои се за и против имунизација има насекаде, но болеста секогаш наоѓа начин да направи проблем – дополнува Андоновски.

Министерството работи на зголемување на свесноста на населението


На прашањето дали се спроведуваат казни за оние што не ги почитуваат мерките и чии деца се невакцирани, како и какви посериозни мерки се преземаат за проблемот, од Министерството за здравство ни изјавија:

– Министерството изготвува Програма за имунизација на годишно ниво, со која континуирано се обезбедуваат средства наменети за набавка на вакцини и потребни резервни дози на вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации. За оваа година, во Програмата се предвидени 358.000.000,00 денари, со можност за обезбедување дополнителни средства во текот на годината, согласно потребите. Во Програмата годинава се предвидени и средства за промоција на „Европската недела на имунизација“, како и за одржување работни средби со тимовите од вакциналните пунктови и регионалните координатори за имунизација со цел зголемување на свесноста на населението и здравствениот кадар за значењето на имунизацијата и безбедноста на вакцините и подготовка на промотивен материјал наменет за родителите – посочија од Министерството за здравство.

Според нив, големата кашлица е вакцино-превентабилно заболување и најдобра превенција од ова заболување е редовната вакцинација согласно распоредот за вакцинација даден во Календарот за имунизација. Посебен акцент е ставен на интензивирање на вакцинацијата на децата за ДиТеПер, односно детектирање на сите нецелосно вакцинирани и пропуштени за вакцинација деца и веднаш да се вакцинираат.

– За таа цел, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, епидемиолозите на терен вршат епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на голема кашлица, вршат пребарување на нивните контакти и даваат препорака за нивна хемиопрофилакса, а на територијата на која е детектиран случајот се врши истражување на вакциналниот опфат и се интензивира вакциналната кампања. Најважно е родителите да ги проверат вакциналните картони на своите деца за сите задолжителни вакцини, согласно календарот. Ако ја пропуштиле вакцинацијата на нивното дете, да го однесат веднаш за вакцинирање за да се спречи појава на болеста. Вакцинацијата против пертусис се спроведува со три дози (комбинирана, поливалентна вакцина), како примовакцинација, на возраст од 2, 4 и 6 месеци. И две ревакцинации, првата на возраст од 18 месеци, а втората на возраст од 7 години (односно во второ одделение) – објаснуваат од Министерството.

Проверка при запишување во предучилишни установи и во училиште

Вакцинацијата на лица од 0 до 18 години е законски регулирана со Законот за заштита на населението од заразни болести, како и со Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење евиденција и документација.

– Согласно Правилникот за имунизација, вакциналниот статус на секое дете задолжително се проверува при запишување во предучилишни установи и во училиште. Проверка на вакциналниот статус се врши со споредување на приложената документација за сите претходни имунизации, а врз основа на картон за имунизација – личен картон за извршена имунизација и согласно Календарот за задолжителна имунизација на лица на одредена возраст. Со цел обезбедување точни и навремени информации за бенефитот од вакцините, креирана е веб-страницата е-zdravstvo.mk со потврдени и стручни информации за важноста на редовната вакцинација и други теми од областа на здравството. Таму може да се најдат сигурни информации за вакцините што се даваат во земјата според националниот календар и за болестите што може да се спречат преку вакцинација – додаваат од Министерството.



912

X