Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на три деца, но имам проблем со мојот најголем син, кој има 13 години. Нашата приказна започна на мои 18 години и не бев свесна, ниту пак знаев на тие години како се воспитува, одгледува и едуцира едно мало човече. Тоа нѐ одбележа двајцата. Ако згрешеше нешто, ако направеше некоја беља, се разбира соодветна на негови години, публикава, да не именувам кој и како, ми велеа одма казни го, што чекаш, сега се учи, удри го да знае да не прави така, како ќе те слуша… Така, јас си го казнував детето. Во мојава околина тој беше прво дете и јас мислев дека така треба, сѐ додека не пристигнаа други дечиња, дали од другарка, комшивка или роднина и увидов дека моето дете не е ништо поразлично, дури тој беше најмирен од сите. Потоа видов дека грешам и почнав да се едуцирам, преку книги, интернет-страници и совети како треба да се постапи со дете.

Но, мислам дека детето на некој начин е со два карактера. Кога тргна во школо, јас веќе не бев старата, но тој сепак се плашеше и немаше доверба. И за успех и за неуспех не ми кажуваше, сѐ држеше во себе, на пример, тој уште во прво одделение научи сам да чита и пишува и тоа го криеше сѐ додека учителката не ми посочи дека е доста интелигентен.
Проблемот е сега, како тинејџер, што многу ме лаже. На училиште многу попушти. Со другарите е свој, но штом се приклучи возрасен, тој се менува, не е слободен или ако направи беља, нема шанса да каже и не признава. Не се спротивставува, не е бунтовен, но не е ниту искрен. Како да му помогнам да се ослободи од тој страв, да биде комплетно свој, да не се плаши и да не лаже.


ОДГОВОР: Најнапред да ви честитам за вашите досегашни родителски заложби и храброста на млади години да се донесе дете на овој свет. Родителството е едно животно училиште во кое родителите ги ретестираат своите способности и учат нови родителски вештини, а детето во рамките на ова училиште расте, се развива и се инспирира за понатамошниот живот. Не постои строго одредена возраст во која родителот би бил успешен и спремен во родителството. Иако вие на почетокот од вашето искуство се чувствувавте збунети и, како што велите, изгубени во просторот и времето, сепак со текот на времето научивте да се слушате себеси и да постапувате во согласност со тоа.

Можеби се каете и чувствувате вина за некои родителски постапки, како казни и слично, но можеби да не бевте таква каква што бевте, немаше да воспитате вака учтиво, љубено и културно дете. Не постои идеален родител. Не постои равенка за родителство од аспект што сите сме индивидуални со некој свој неповторлив психолошки склоп.
Она што ме воодушевува сега кај вас е вашата свесност, вашата посветеност, аналитичност и самокритичност во родителството.

Поради овие ваши обележја, сегашниот или актуелниот проблем не го занемарувате и се обидувате да пронајдете соодветен начин како да пристапите. Дете што било воспитувано со поставени правила и граници на кои сме се држеле доследно е дисциплинирано дете. Тоа би почнало да лаже кога правилата и границите се круто и ригидно поставени и несоодветни за неговата возраст. Затоа, научете да препознавате кога вашето дете лаже, но не третирајте го како осомничен и не испрашувајте го нападно.

Ве советувам да не го прашувате за она што веќе и самите го знаете, не користете термини како лажго или некој на кого не може да му се верува бидејќи може да почне да се сомнева во себе, ќе мисли дека не може реално да ги оценува работите и дека не може да разграничи што е лага, а што вистина или што е фантазија, а што реалност, напротив, кажете му: „Верувам дека навистина си ги решил задачите, многу сум горда на тебе и твојата искреност“. Бидете смирени и не покажувајте лутина ако го фатите во лага. Колку што сте посмирени, толку подобро ќе комуницирате. Наградувајте ја и пофалувајте ја искреноста.

Стравот како чувство ја блокира искреноста, но ако му покажете и докажете дека во вас може да има доверба и да ви верува, дека го почитувате и прифаќате таков каков што е, дека не го осудувате, дека одобрувате грешки и од нив заедно учите, верувам и сигурна сум дека тој ќе исчезне. Тогаш детето ја чувствува својата психолошка слобода да зборува на која било тема.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X