Неодамнешна студија за физичко казнување покажала дека родителите ги тепаат децата многу почесто отколку што се мислело. Што е најважно, оваа студија покажала дека физичкото казнување е неефикасен метод на едукација. Со оглед на тоа што 73 % од децата, откако добиле клоца по задникот, чекале помалку од 10 минути за да го повторат однесувањето, оваа студија потврдила дека тепањето не е најефективниот начин за дисциплина.

– Многу родители реагираат на лошото однесување на нивните деца така што им ги одземаат играчките, им забрануваат дружење и ги испраќаат в ќош. Но, за деца со силна волја како мене, ниту еден од овие методи не функционираше – вели Рини Вилијамс во авторски текст објавен во „Вашингтон пост“. Како и многу деца со нарушување кое подразбира дефицит на внимание, Вилијамс била дете кое правело проблеми од досада и било потребно да биде преокупирано со нешто. „За среќа, татко ми рано го сфати ова и разви свој дисциплински систем кој веднаш даде резултати и ми донесе долгорочни придобивки“, пишува таа.

Бидејќи нејзиниот татко бил високо квалификуван воен ветеран и хирург, неговото искуство во специјалните сили му помогнало да користи некои необични тактики во своето воспитување.

„Не бев многу среќна што бев единственото петгодишно дете во областа што имаше инспекции во собата и кое мораше да ги собере сите играчки пред да излезе надвор да игра“, вели Вилијамс. „Меѓутоа, терањето да ја читам енциклопедијата секојпат кога лудував низ куќата беше најдоброто нешто што можеше да го направи“.

Па така, таткото би избрал поим од енциклопедијата и би рекол: „Научи сè за тоа и ќе те прашам подоцна“. Ова не било казна во смисла дека таа морала веднаш да прекине со тоа што го прави, туку неговата цел била да ја окупира и да ѝ даде ментален предизвик. И тоа функционирало. Освен што ѝ помогнал да го промени своето однесување, методот на нејзиниот татко ја научил да земе книга секогаш кога ѝ е досадно. Ова, се разбира, се случувало често и методот функционирал. Таа станала правник и писател, со многу „енциклопедиски“ знаења.

Друга добра страна на оваа казна, забележува Вилијамс, е тоа што детето има контрола над својата ситуација бидејќи од него зависи колку долго ќе трае задачата. Вилијамс на денешните родители им дава неколку идеи како да го применат овој метод кај современите деца:

– Смислете игра на пронаоѓање и поправка на правописни и граматички грешки.

– Задајте задача како: „Прочитајте нешто за кучињата и научете да набројувате и опишувате пет различни раси“.

– Предизвикајте ги со прашањето: „Кој од вас може најмногу да ѝ каже на мајка си за лавовите?

Ако направите некаква игра од казна, ќе ги одвратите децата од лошо однесување, но и ќе им дадете ментален поттик кој ќе ги ослободи од здодевноста, која е причина за пакост – заклучува Рини Вилијамс.

Извор



912

X