Има две многу свежи студии во кои се презентира дека бебињата што се хранат сами не се во поголем ризик од задушување од оние што се хранети со лажичка. Бебињата имаат природен рефлекс на исфрлање храна што не може да ја совладаат и тоа многу вешто го прават, вели Катерина Галиќ, сертифициран инструктор по Бејби лед вининг методот за дохрана

Бебе со чинија со парчиња храна пред себе. Задоволно бебешко лице. Густирање на храната. Учење како да ја совладаат. Истражување на вкусови, форми… Валкана облека, лице, рачиња… Парчиња храна насекаде околу себе. Вака сликовито изгледа Бејби лед вининг (БЛВ) методот на исхрана.


Бејби лед вининг е метод на исхрана кој се однесува на самостојно хранење на бебето од самиот почеток на дохраната, што значи од петтиот, шестиот месец, и тоа без лажица, односно со раце.
Катерина Галиќ е сертифициран инструктор за ваквиот метод и вели дека ваквиот начин на дохрана се применува години наназад во семејства кои увиделе дека нивните бебиња одбираат храна како онаа на целото семејство, одбиваат да бидат хранети и не отвораат уста на приложена лажица. Односно, сами се хранат од моментот кога ќе ги исполнат критериумите и се во таа развојна фаза и тие се водичи во хранењето. Најчесто тоа е околу шестиот месец, многу ретко порано.

Ни го раскажа своето искуство.

Бебето ги следи сопствените инстинкти

Во многу култури низ светот бебињата го јадат она што го јаде и семејството, се разбира, модифицирано за возраста, има места во светот каде што сѐ уште не е достапна комерцијална храна за бебиња, па тие супер напредуваат и се хранат. Многу родители мислат дека овој метод е измислен пред неколку години, но тоа не е точно, туку само му е даден термин по кој сите што го практицираат се раководат, односно бебињата како водичи во дохраната, истакнува Галиќ.
Бебињата, според БЛВ, можат да јадат добро зготвена храна на парчиња, храна што е доволно мека за да може да се јаде свежа, а бебињата при исхраната ги користат образите, јазикот и вилицата, која е доволно јака за да може да ја изџвака храната што е понудена.

– Почетокот на дохраната почнува кога самото бебе е спремно за тоа, му дозволува на бебето да ги следи сопствените инстинкти, да ги копира родителите, браќата, сестрите и да ги развие вештините во една забавна, природна атмосфера. Ако им се дозволи, бебињата ќе им покажат на нивните родители дека се многу поспособни, со земање парче храна од чинијата и ставање в уста. Тие уживаат во хранењето, имаат поголема самоконтрола што и колку внесуваат, истражуваат, експериментираат, учат зa храната, како изгледа, каков вкус има, учат како таа храна се совладува, учат за нивниот свет и околината – вели Катерина.

Сѐ повеќе се практикува

Таа се запознала со БЛВ-методот кога реално ѝ притребало решение за нејзиниот прв син.

– Читајќи многу книги и рецепти, многу брзо се префрливме на храна во парчиња и самохранење, но не и од самиот почеток на дохраната. Со БЛВ-методот се запознав преку моја роднина, која го донесе искуството на нејзина пријателка од Шпанија. Ја гледав внуката како јаде пред нас многу често, најпрвин со чудење, а потоа почнав подлабоко да истражувам и многу ми се допадна најпрвин искуството од задоволните родители, а потоа и подлабоките придобивки кои овој метод ги носи. Решив да го имплементирам со вториот син, се разбира, со многу читање, консултации, обука. Нашето позитивно искуство решив да го споделувам на „Инстаграм“, каде што запознав многу мајки кои се охрабрија да започнат да го применуваат овој метод, а бидејќи сакав да им бидам од помош со релевантни и издржани информации, се едуцирав и се сертифицирав како инструктор и веќе две години сум член во Меѓународната мрежа на регистрирани диететичари од Канада кои практицираат БЛВ, а исто така сум член и на Мрежата за пребирливи јадачи кои работат со родители – ни сподели Катерина.

Според нејзиното искуство, има сѐ повеќе родители што го одбираат овој метод. Некои се запознаваат преку интернет, некои од блиски пријатели или роднини, преку пренесено позитивно искуство.

– Мислам дека овој метод е сѐ повеќе распространет и сѐ повеќе одобрен и од педијатрите кај нас. Се почнува со храна што ја јаде семејството, модифицирана за возраста. Има начини на сечење, што се дава во оригинална форма, што се дава модифицирано и што никако не се дава до 4-5-годишна возраст. Родителите мора да бидат добро информирани за постапките на готвење и што никако не смее да им се дава на мали деца. Најчесто родителите го тргаат овој метод настрана од стравот од задушување на бебињата. Но, има две многу свежи студии во кои се презентира дека бебињата што се хранат сами не се во поголем ризик од задушување од оние што се хранети со лажичка. Бебињата имаат природен рефлекс на исфрлање храна што не може да ја совладаат подалеку од душникот и тоа многу вешто го прават. Треба да се внимава на начинот на кој е послужена храната, бебето да ги исполнува критериумите за да може да се храни само, да се јаде во пријатна и мирна атмосфера без одвлекувачи на вниманието. Една од најпозитивните изјави што ги добивам од родителите кои го применуваат овој метод е: „Денеска изеде повеќе од нас“ – потенцира таа.

Една од најдобрите сензорни „игри

Бебе со храна насекаде околу себе. Задоволно бебешко лице. Валкана облека, парчиња храна на сите страни… Вака обично изгледа БЛВ-методот во реалноста, но со многу значајни придобивки во заднина.

– Има многу придобивки од валкано лице и тело при јадење. Знам дека родителите се ужасуваат од глетката, но она што се случува во заднина е многу побитно од извалканата облека или размачкано лице. И не трае засекогаш. Најпрвин, константно бришење и борба доколку бебето сака да ви ја земе лажичката додека трае оброкот воопшто не го прави искуството со храна позитивно, а треба да биде. Со самото тоа што на бебињата им е дозволено да допираат храна, учат за нови текстури, за тоа каква може да биде храната, лигава, леплива, млака, ладна, учат дека можат да се хранат сами само со нивните раце, учат да ја носат лажицата до устата, може и да погрешат некогаш, можеби ќе ја шмукаат другата страна од лажичката, но тоа е во ред. Учат за можностите што ги има во нивната уста, што може да први јазикот, каде се става храна, што се гризе, што се џвака, што се шмука – објаснува Катерина.
Потенцира дека стимулацијата што ја добиваат од самохранење е многу моќна и многу битна за развојот, можеби една од најдобрите сензорни „игри“.

– Игра во наводници затоа што бебињата никогаш не си играат со храната, секогаш учат, затоа што овој процес му праќа многу битни сигнали и го стимулира мозокот на позитивен начин – вели Галиќ.

Потребна е едукација на оваа тема

Стравови од давење резултираат со пасирани каши до година и повеќе. И градинките кај нас нудат пасирани каши до две години. На прашањето каков хендикеп му правиме на детето доколку го оставиме на пасирана храна, таа вели:

– Џвакањето храна не доаѓа тукутака. Џвакањето е процес кој треба да се учи низ практика и треба да се дозволи да се развива таа вештина. Доколку ние не му дозволиме на бебето да ги користи правилно јазикот, образите и вилицата, подоцна тоа ќе биде многу потешко и процесот ќе трае многу подолго. Мора повеќе да се едуцираме за тоа што претставува задушување и зошто се случува. Како се реагира, да ја кренеме свеста за истото. Каде се јаде? Зошто не се лежи кога се јаде? Зошто не се трча кога се јаде? Доколку бебето или детето ја има контролата врз храната, доколку храната е добро подготвена и модифицирана за возраста, доколку се зборува за намирници кои никако не смеат да се даваат и претставуваат потенцијални задушувачи, задушувањето ќе биде на последната скала на грижа кај родителите за дохрана на нивните деца. Секој родител мора да познава зафат за прва помош при задушување, децата не се задушуваат само од храна, туку и од предмети кои ги има насекаде низ нашиот дом и околина. Многу често родителите им даваат потенцијални задушувачи за ужина на своите деца, а храната е целосно блендирана. Мора повеќе да се разговара на оваа тема – истакнува Галиќ.

Нејзиниот апел до родителите е што побрзо да се префрлат на храна со поинаква текстура од целосно блендирана, да му дозволат на бебето да ја фати лажицата, да не го бришат додека трае оброкот и да ги почитуваат неговите сигнали за глад и ситост.

Фото: Приватна архива



912

X