Откако ќе наполни два месеца, бебето станува поактивно, сè повеќе е будно и почнува позначајно да се интересира за околината.

Доенче во третиот месец во положба на стомак – ја подига главата за четириесет и пет до деведесет степени и поактивно ги набљудува предметите пред себе. Во положба на грб – го следи предметот кој се движи во средна линија на околу дваесет сантиметри пред неговите очи. Интензивно гуга и им се насмевнува на познати лица.
Ако цврсто ја држи главата, не мора повеќе да му ја придржувате кога го носите в раце. Тогаш може да го држите исправено до вашето тело, на кое се потпира со предната страна или со грбот. Последната положба му е омилена бидејќи може поубаво да го набљудува светот околу себе. Во секој случај, бебето станува неодоливо! Барем така им изгледа на „надворешните набљудувачи“.

А вие? Дали конечно се наспавте? Од една страна, сега ви е полесно, но од друга, искрснуваат нови проблеми што ве загрижуваат.

Исхрана на бебето

Кога е во прашање исхраната – и понатаму се препорачува исклучиво доење, со додаток на витамин Д. Доколку лекарот на систематскиот преглед е задоволен од напредувањето на бебето, не треба ништо да се менува. Но ако бебето недоволно добива на тежина, ќе препорача прихранување со адаптирана млечна формула.

Колку често треба да цица бебето во третиот месец?

Се сеќавате дека на почетокот советувавме бебето да цица кога ќе посака. Но, до третиот месец би требало самото да воспостави некаков ритам и постепено да го намалува бројот на оброците, при што количината на млеко се зголемува по оброк. Бебињата што цицаат обично имаат еден ноќен оброк, а повеќе од тоа навистина не им е потребно.

Што ако вашето бебе се буди на секои два часа ноќе и бара дојка?

Иако досега сте се труделе да му угодите, таквиот ритам целосно ве исцрпил. Бидете сигурни дека на вашето бебе, ако убаво напредува, сосема му е доволен еден ноќен оброк, а останатите треба да ги исфрлите. Тоа ќе го правите постепено – така што нема да му нудите дојка кога ќе се разбуди, туку малку ќе го „забавувате“… и можеби ќе продолжи да спие.
Најдобро би било воопшто да не го земате од креветчето, туку само да му ја вклучите музичката играчка или да му запеете нешто. По неколку дена бебето ќе се одвикне од тој ноќен оброк и ќе го преспие.

Што ако бебето сепак е гладно?

Доколку е гладно, обидете се да го зајакнете последното доење пред спиење, макар и да го дохраните со свое измолзено млеко или со формула (која секогаш ја давате по своето млеко). Понекогаш бебето во текот на денот составува по шест часа спиење, а ноќе се буди на секои два-три часа.
Гледајте периодот на подолго спиење да го нагодите така што да се паѓа ноќе, а не во текот на денот (на пример, бањајте го бебето што подоцна навечер и добро нахранете го по бањањето). Не заспивајте го бебето ни со дојка ни со шише бидејќи ќе создаде лоша навика. Ако заспие во текот на хранењето, разбудете го да го доврши оброкот и обидете се будно да го спуштите во креветчето. Ако плаче, малку забавувајте го со тивка музика или приказна додека не заспие. Вака многу полесно физички ќе се одвојува од вас. Во случај бебето упорно да плаче и да бара да цица, посоветувајте се со педијатар.

Дали треба да се очекува бебето да спие цела ноќ?

Не барајте од бебе во третиот месец по секоја цена да спие цела ноќ. Некои бебиња навистина го прават тоа (главно оние што се хранат со шише) но повеќето не. Инаку, тоа е единствената и само привремена предност на исхраната со помош на шишенце, дури и кога се користи мајчино млеко. Недостатоците се многубројни, па шишенцето не треба да го заменува ноќното доење само заради личен комфор.
Исто така, не се препорачува ноќното доење да се заменува со вода – бидејќи тоа едноставно или му е потребно или не му е потребно на детето. А на бебето му се дава вода само кога е дехидрирано и ако е на вештачка исхрана (доволно е да се дава во текот на денот, ноќе нема потреба).

Растење на млечните заби

Оваа (непријатна) фаза од развојот обично почнува да ги „пројавува“ симптомите во третиот месец од животот, а трае додека не никнат сите млечни заби, иако е најизразена пред никнувањето на долните запчиња. Доенчето често е многу вознемирено и повремено вреска, ги става рачињата в уста и постојано се лигави. Мачнините можат да му се ублажат со мачкање на потечените непца со анестетски раствор за таа намена, иако не треба да се претерува.
Добро е на детето да му се даде гумена „глодалка“, додека цуцла-лажалка не се препорачува – бидејќи ги деформира непцата и доведува до крвавење на млечните запчиња. Иако лигавењето почнува во третиот месец, првите запчиња ретко никнуваат пред шестиот.

Грчевите уште траат

Уште не престануваат. Бебето интензивно писка – обично секој ден во исто време (најчесто навечер) а по два часа престанува како ништо да не се случило. На бебето може да му се помогне со рачна масажа на стомакот околу папочето, во насока на стрелките на часовникот. Ќе му годи и положба на стомак, особено на вашите гради.
Постојат разни препарати што помагаат за елиминација на воздухот од цревата – во вид на сирупи и капки. На некои деца им користат, а на некои не, но во секој случај не можат да наштетат. Некогаш ништо не помага, а грчевите спонтано поминуваат по третиот месец од животот, без никакви последици.

Склоност кон алергии

Бидејќи слузницата од цревата во првите шест месеци не е целосно зрела да прими каква било храна освен мајчино млеко, таа најчесто е и влезно место за алергени кои можат да ја оштетат и да предизвикаат упорни проливи, придружени со голем губиток во телесната маса. Тогаш во исхраната, ако нема мајчино млеко, мора да се додадат специјални формули – кои се многу скапи и тешко се набавуваат.

Една од најчестите манифестации на алергија на вештачко или кравјо млеко е детската егзема, црвенило и влажна кожа – обично на образите, иако може да зафати и поголем дел од телото. Може привремено да се повлече по употреба на крем на база на хормони, но задолжително се враќа, сè додека детето е изложено на алергени од храната, а поретко и од други видови алергени. Од друга страна, пречестата употреба на хормонски кремови ја оштетува кожата.
Егземата може да претставува вовед во потешки алергиски заболувања, пред сè – бронхијална астма. Голем број деца кои како доенчиња имале егзема подоцна во текот на животот покажуваат склоност кон алергии. Таа склоност е наследна, па кај доенчиња во чии семејства постои како појава се инсистира на природна исхрана до навршување една година. Притоа, бебето во првите шест месеци треба да се храни исклучиво со мајчино млеко. Во случај на недостиг на мајчино млеко, се дават специјални хипоалергиски формули.
Алергиите може да бидат предизвикани и од разни средства за бањање и нега, детергенти и омекнувачи за алишта, како и од лекови, но спонтано се повлекуваат штом се елиминираат таквите супстанции.

Лекување на соор

Белите наслојки од габичката кандида на јазикот, непцето и/или страните од усната шуплина (соор) се многу чести кај бебињата, особено во текот на терапија со антибиотски сирупи.
За разлика од млекото, не можат да се отстранат со лажичка. Се отстрануваат механички, со газа натопена во раствор од сода бикарбона (задолжително пред оброк за да се избегне повраќање). Се лекува уште неколку дена со нистатин-капки, во доза од 15 капки – четири пати дневно по јадење, или со дактанол-гел кој се става на јазикот на бебето, исто така четири пати дневно по јадење.

Уште некои проблемчиња

Ако бебето досега не било болно, веројатно во наредниот период првпат ќе настине. Најчесто првиот симптом е затнато носе кое ќе му смета во спиењето и при доењето, па детето ќе биде исклучително нервозно и вознемирено. Како да му се помогне?
Носето мора да се чисти пред секој оброк, а ако е потребно, и почесто. Тоа се прави со физиолошки раствор, кој се продава во аптеките – во пластични ампули и директно од нив му се вшприцува во носот. Лекови во вид на капки за нос не се даваат на оваа возраст. Чистењето на носот со хигиенски стапчиња обично не е ефикасно, додека аспираторот за нос е добар ако се користи правилно – според упатството. Пумпичката за нос не се препорачува пред возраст од три месеци.
Бебето што има секрет во носот обично и кашла, бидејќи тој се слива низ грлото и ги надразнува рецепторите за кашлање. Сè додека бебето е со добра општа состојба (весело е, заинтересирано), не треба да се брза со посета на лекар. Но, појавата на густ, зелен секрет во носот, покачена температура, болка во увото, а особено отежнатото дишење, помодрена кожа и општа истоштеност – налагаат задолжителен лекарски преглед.
Инаку, вообичаено е изметот на бебето што има секрет во носот да содржи слуз, која бебето ја голта и ја исфрла преку цревата. Обично кај доенчињата секоја инфекција, особено уринарната или ушната, е проследена со пролив, на што треба да се обрне внимание ако инфекцијата потрае подолго време.

Бебето и температурата

Никогаш не давајте му самоиницијативно лекови на бебето, освен парацетамол, и тоа кога температурата ќе биде повисока од 38 степени мерено под пазувите или 38,5 степени – ректално.
На бебе со покачена температура задолжително треба да му дадете вода!

Прошетки

Бебето во третиот месец треба да се изнесува надвор кога условите го дозволуваат тоа (може и на температура околу нулата, под услов да е соодветно облечено и да не дува ветер). Сè уште се препорачува лежечка положба во количката. За кенгур-носилка уште е прерано!

Дали бебе од три месеци смее да патува?

Под одредени услови. Во зима и во лето ризикот е поголем отколку во пролет и во есен поради претерано високите или ниски температури, кои можат да доведат до хипотермија или прегревање на доенчето. Најмалку проблеми ќе имате ако го доите бебето. Вашето млеко е извор на храна и течности, секогаш при рака, стерилно и бесплатно. Ако доите, можете речиси безгрижно да патувате со бебето каде било.
Ако не доите, ќе ви треба полна патна торба само за бебето. Мора да го обезбедите со храна и вода во текот на патувањето, како и со стерилен прибор за храна. Идеално би било да набавите млечна формула во течна состојба и тоа во пакувања од по 250 милилитри. Водата за пиење треба да биде превриена, а најдобра е пакуваната во шише, со назнака дека смее да се употребува за доенчиња, или специјална вода за подготвување на формула.

За помладо доенче, не се советуваат долги патувања, особено ако не цица. Во зима секое патување подолго од 200 километри е ризично, без оглед на видот на превозното средство, поради можните временски неприлики. Побезбедно е да останете дома до пролет и секој сончев ден да го користите за прошетка со вашето бебе.

Ако сакате да излезете

Ако посакувате да излезете некаде без бебето, тоа повремено и треба да го правите. Соберете ваше млеко во шишенце и оставете го во фрижидер. Кажете му на лицето што ќе ви го чува бебето додека сте отсутни кога да го нахрани, со помош на лажичка или шишенце. Млекото не треба да се вари пред употреба, туку само да се загрее до температура на телото.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X