Пишувањето е една од основните човечки вештини, која започнуваме да ја развиваме од најрана возраст. Најчесто се фокусираме на формата на буквите и правилноста на пишувањето. Многу ретко го забележуваме притисокот што го применуваат децата врз моливот додека се пишува на хартија. Притисокот на моливот може да биде различен, некои деца пишуваат со лесен допир, додека други притискаат посилно, оставајќи длабоки траги на хартијата. Ваквите разлики може да се поврзат со навиките при пишување, развојот на фината моторика, но и со психолошките фактори како концентрација и напнатост. Притисокот што го применуваме врз моливот е тесно поврзан со развојот на фината моторика. Децата кои сè уште ја развиваат оваа вештина може да имаат тешкотии во регулирањето на силата на допир, додека возрасните кои имаат стекнато моторна контрола обично користат порамномерна сила.

 Постојат три типа притисок со молив за време на пишување врз хартијата:

Преголем притисок

Децата што пишуваат со силен притисок често остават длабоки траги на хартијата, што може да доведе до одредени тешкотии.  Кога се применува премногу сила, мускулите на раката и прстите се напрегаат повеќе од потребното, што доведува до побрзо заморување и дури болка при подолготрајно пишување. Премногу силниот притисок може да предизвика кинење на хартијата или нерамномерно впивање на мастилото, доколку пишувањето е со пенкало. Кога детето применува преголем притисок, буквите може да изгледаат претерано дебели или нерамномерни, што ја намалува читливоста. Постојаното силно притискање доведува до често острење на моливот, што резултира со негово побрзо трошење.

Премногу слаб притисок

Од друга страна, децата што пишуваат со премногу лесен притисок може да се соочат со блед и нечитлив ракопис, линиите што ги создаваат се премногу слаби, што може да го направи текстот нечитлив, особено кога пишуваат со моливи со пониска густина на графит. Постои нестабилност во движењето на моливот, прстите не држат доволно цврсто, контролата врз моливот се намалува, што доведува до нестабилни линии и нерамномерни букви. Ако буквите се премногу слабо испишани, тоа може да го отежне нивното распознавање, особено при учење и читање, односно потребен е поголем напор за читање на напишаното.

Оптимален притисок

Правилен притисок е рамнотежа помеѓу силниот и слабиот допир, овозможувајќи јасен и читлив ракопис без оштетување на хартијата и комфор при пишување, што овозможува долготрајна активност без замор. Подобрата контрола врз моливот резултира со рамномерни и уредни букви. Затоа најдобро е да се постигне балансиран притисок кој обезбедува јасен ракопис, удобност и правилен развој на фината моторика.

Како да се постигне правилен притисок при пишување?

  1. Избор на соодветен молив – Најдобро е детето да користи молив со средна тврдина за да се одржи рамнотежа во притисокот. Премногу тврди моливи бараат силен притисок за јасни линии, додека меки моливи може да дадат премногу темни и дебели линии.
  2. Правилно држење на моливот – Трипрстното држење (палец, показалец и среден прст) овозможува подобра контрола и регулирање на силата на притисок.
  3. Контролирање на силата при пишување – Може да се направат вежби со различен интензитет на пишување, при што ќе се проба пишување со слаб, среден и силен притисок за да се почувствува разликата.
  4. Редовни паузи за одмор –  Ако се пишува подолго време, паузите помагаат за релаксација на мускулите и намалување на непотребниот притисок.

Стратегии и вежби за пишување со молив кај деца

Како долгогодишен специјален едукатор и рехабилитатор, би дала неколку корисни совети за подобрување на фината моторика, правилен стисок и развој на пишувачките вештини, но најважно е да се напомене дека на секое дете треба да му се пристапи индивидуално, затоа што на некои деца ќе им биде доволна една од стратегиите, додека на некои ќе им биде потребна комбинација од стратегии за да ја усовршат својата вештина на пишување.

Подготовка пред пишување

Јакнете ја кај детето фината моторика преку активности со глинамол, пластелин, сечење со ножички, играње со коцки. Употребувајте забавни активности за контрола на раката како: цртање линии, следење точки, спојување форми. Применувајте ги и вежбите за координација око-рака.

Правилен стисок на моливот

Детето нека користи трипрстен стисок (палец, показалец и среден прст) за подобра контрола.
Давајте му кратки моливи (или триаголни), бидејќи тие се полесни за држење. Држењето на моливот нека биде релаксирано, затоа што премногу силен притисок може да ја замори раката.

Вежби за пишување

Следење на линии – Децата прво нека вежбаат следење на прави, брановидни и кружни линии.
Големи букви пред мали – Почнете со пишување на големите букви, потоа преминете на малите. Пред да пишуваат букви, нека цртаат форми и симболи.

Вежби за контрола на моливот

Следење на линии – Децата следат прави, криви, цикцак или спирални линии.
Поврзување на точки – Спојување броеви или букви за да формираат слика.
Лавиринти – Движење низ тесни патеки за подобрување на координацијата.

Вежби за јакнење на трипрстен стисок

Цртање со памучни стапчиња – Натопени во боја, за контрола на движењата.
Користење пинцети – Фаќање мали предмети (помага во зајакнување на прстите).
Игри со копчиња или мониста – Нанижување на конец за фина моторика.

 Автор на текстот: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/наставник-ментор/ реедукатор на  психомоторика



912

X