Воспаление на уво, грло, крвавење од нос или ларингитис како по правило почнува нагло, ненајавено, обично за време на викенд, летување или зимување и претставува извор на фрустрација за родителите и детето. А младите родители неретко се изненадени кога лекарите ќе ги вратат од ординација само со упат за чистење на носот, намалување на температурата, внес на голема количина течност и следење на состојбата на детето. Во Прирачникот за родители со наслов „Заедно низ детската оториноларингологија“, примариус д-р Жељка Роја од Хрватска, одлучи да им помогне на младите родители да препознаат кога е време за одење на лекар, а таа одговара на најчестите прашања што ги мачат родителите.

Со оглед на тоа дека кај новороденчињата проодноста во носот е многу важна, препорачувате ли метода за влажнење на слузницата и плакнење на носот со физиолошки раствор секојдневно или не?

Ако детето нема никакви проблеми со носот, се разбира дека тоа не е нужно. Единствено ако има затнат нос, па отежнато цица, тешко диши и немирно спие, тогаш треба да се преземат мерки кои ќе му помогнат во воспоставувањето нормална функција на слузницата на носот. Имено, слузницата на површината има ситни мали трепки кои мора да се допираат во влажен медиум за да можат да ја извршуваат функцијата на чистење на вдишениот воздух од микро и макрочестичките. Ако слузницата е сува, тие не можат да се придвижуваат и доаѓа до застој на секретот во кој се собираат разни нечистотии, вклучувајќи и вируси и бактерии. Затоа е многу важно да се влажни слузницата, повремено да се плакне под благ притисок бидејќи секретот е некогаш многу густ (ако е воспалително променет), па е потребна и таа механичка компонента на млазот.

Дали методите за плакнење на носот се препорачливи или не? Дали со тоа се нарушува природната заштита на слузницата, можеби се плакнат и некои корисни бактерии што ни помагаат во обновување на слузницата?

Во носот не постојат таканаречени корисни бактерии, како на пример во цревата кои имаат пробиотски ефект. Во брисот од носот на секое дете, особено оние деца што одат во градинка, се наоѓаат истите бактерии – стафилокока, мораксела, пневмокок, хемофилус инфлуенца. Тоа се примарно патогени бактерии, но ако детето нема симптоми, нема покачена температура, лоша општа состојба и слично, не треба да ги лекуваме со антибиотици. Важно е да се напомене холистичкиот пристап: го лекуваме пациентот во целина, а не микробиолошкиот наод. Кога сите деца што ги имаат овие бактерии во брисот од носот би ги лекувале со антибиотици, целата детска популација од градинка би била на антибиотици. Затоа, родители, брисот од носот не се применува според препораките на Хрватското и Светското микробиолошко здружение повеќе од 10 години, бидејќи нема никаква терапевтска вредност. Немојте да се заплеткате во бесконечната мрежа на брис-антибиотик и да лекувате всушност здраво дете, чиј имунолошки систем успешно се справува со наведените бактерии.

Кога велите дека капите и шаловите не го штитат увото од воспаление, туку дека тоа доаѓа однатре, на што точно мислите?

Капите и шаловите се дел од облеката со која се стоплуваме и постигнуваме чувство на пријатност при излегување на ниска температура. Луѓето обично ги доживуваат како брана за влегување на бактерии во увото, што е неточно. Ставањето капа штити од студенило, но не од воспаление на увото. Се разбира, ако смрзнете, полесно ќе се разболите, но капата не е нешто посебна. Што се однесува до шалот, може добро да послужи при наглите промени на температурите кога со ставање преку нос и уста го користите при спречување на „температурните шокови“ за слузницата, бидејќи таа може премногу да се надразни, да почне да ви тече носот и слично. „Шокираната“ слузница е повеќе склона на инфекции, па во таа смисла шалот придонесува кон подобар локален имунитет.

Во вашата книга го има изразот секреторен отитис и ваши интересни препораки како да се третира во лето, додека детето е на море. Може ли прво да појасните што е тоа секреторен отитис?

Децата од претшколска возраст најчесто имаат ослабен слух поради секреторен отитис, односно насобрана течност во шуплината на средното уво поради долготрајна лоша функција на Евстахиевата цевка. Течноста е прво воденикава, а потоа станува погуста и оневозможува нормално движење на слушните коски и со тоа е ослабен преносот на звук во внатрешното уво. Ако таквата состојба потрае, околу слушните коскички и зглобови доаѓа до создавање израстоци и трајно оштетување на преносот на звучен сигнал во средното уво, а детето никогаш не ни имало акутно воспаление на средното уво. За разбирање на настанувањето на овој тип воспаление, клучна е улогата на Е. цевката и блокадата на нејзините вентилациски и дренажни функции. Најчесто се јавува кај деца со голем трет крајник и кај деца што боледуваат од алергиски ринитис.

Секреторен отитис е една од најчестите дијагнози кај децата до 15 години. Претставува најчеста причина за оштетување на слухот кај децата од претшколска возраст. Зачестеноста се движи од 15 до 40 проценти кај деца од претшколска возраст. Може да настане по акутно воспаление на средното уво, но може да настане и тивко и полесно, без предупредување во смисла на воспаление, туку да се појави само до прогресивно оштетување на слухот. Децата со оваа дијагноза имаат чувство во ушите еднакво на она што го имаме при менување на надморска височина. Затоа, треба да се дејствува пред развојот на трајни последици со воспоставување на функцијата на Е. тубата или со замена на нејзината функција со мали цевчиња кои се поставуваат надвор на ушното тапанче. Бањањето и нуркањето се одлична природна терапија за проодност на носот и Е .тубата, бидејќи слузницата во хипертонична морска вода станува сè потенка, проодноста на дишните патишта подобра, се намалува третиот крајник, кој го зачепува отворот на Е. туба и така едноставно и лесно се постигнува целта.

Може ли по бојата на секретот од носот да се заклучи дека се работи за бактерија?

Проѕирниот секрет од носот секогаш е знак или за вирусна инфекција или за алергиски ринитис. Кога секретот ќе стане колоритен и тоа во жолта, зелена, кафеава боја, знак е дека се случува бактериска колонизација која не треба да се лекува со антибиотици ако детето нема општи знаци на инфекција (покачена температура, премаленост и слично).

Дали е вистина или мит дека крајниците всушност го штитат организмот?

Палатинските крајници и третиот крајник се дел од Валдејеровиот прстен кој функционира како имунолошки чувар на местото на влез на микроорганизми во нашето тело. Се работи за насобрано лимфно ткиво на преминот од дигестивниот и дишниот пат и претставува замка за микроорганизмите што влегуваат во организмот преку воздух и/или храна. Основни делови на прстенот се: третиот крајник кој се наоѓа зад носните шуплини, палатинските крајници кои се наоѓаат во фаринксот, тубарните тонзили кои се наоѓаат веднаш покрај третиот крајник и јазичната тонзила која се наоѓа на коренот на јазикот. Од оваа положба разновидна е нивната одбранбена улога. Но, кога ќе станат постојано жариште на инфекција или кога со својата големина го попречуваат нормалното дишење и хранење на детето, претставуваат проблем кој го загрозува здравјето и квалитетот на животот на детето, што значи дека штетата е поголема од користа. Така што, нешто што е замислено за добро, станува контрапродуктивно. И кога штетата ја надминува користа, тонзилите се оперираат.

Може ли проблемите со крајниците да се повлечат во пубертетот, или и тоа е мит?

Повеќето тонзили се менуваат во зависност од возраста и наследството. Тешко е да се дефинира нивната нормална големина и изглед. Во првите 5 или 6 години од животот палатинските крајници рапидно се зголемуваат, достигнувајќи максимална големина во пубертетот, кога имаат големина од 20 до 25 мм во вертикала и 10-15 мм попречно. Нивното намалување започнува по пубертетот, па во повозрасна доба стануваат само остатоци од ткива во палатинските лакови. Третиот крајник е најразвиен во раното детство, по што постепено се намалува ако не е болен и до пубертет исчезнува. Меѓутоа, ако во третиот крајник се повторуваат вирусни или бактериски инфекции, може да се случи да ја задржи својата величина или да порасне, па некогаш треба и да се вади. Ова се, се разбира, идеални околности, но ако се вплетка инфекцијата со стрептокока во која било животна доба, или на пример мононуклеозата, сето наведено паѓа во вода, па индикација за операција може да се постави на која било возраст.

Извор



912

X