Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар, вели дека текстовите за читање во тестовите ќе бидат пократки, адаптирани за логичко размислување на учениците. Прашањата и задачите бараат логика и креативност од ученикот.

Децата прво читаат приказна, на пример, „Пита за непријателот“?
Потоа одговараат на прашања слични на овие:

– Што мислел Том дека би можело да се случи откако непријателот ќе ја проба питата за непријателот? Напишете едно нешто.
– Искористете го она што го прочитавте за да објасните зошто таткото на Том навистина ја направил питата за непријателот.
– Како се чувствувал Том кога првпат ја мириснал питата за непријателот? Објаснете зошто се чувствувал така.
– Што во приказната ви кажува дека фармерот бил нежен со малото орле?
– Каква поука може да извлечете од приказната?

Ова се само некои од прашањата-примери на кои учениците од трето одделение ќе треба да дадат одговори откако внимателно ќе прочитаат текстови во форма на приказни, на националното тестирање кое на 2 и 4 јуни годинава ќе се спроведе на 4.000 ученици избрани по случаен избор од училиштата низ државата што следат настава на македонски и на албански јазик.
Ваквиот тип прашања се дел од меѓународната студија ПИРЛС за проверка на способноста на учениците од 9- и 10-годишна возраст за читање со разбирање, а ќе бидат урнек по кој се прават прашањата за националното тестирање на нашите третоодделенци.
На националниот тест ќе се проверат нивните математички и јазични вештини.
На овој линк најдолу на веб-страницата на dic.edu.mk има примери на задачи и збирки на ослободени задачи.

Потребни се логика и креативност од ученикот

Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар, вели дека токму од овој тип ќе бидат изготвени и тестовите за националното тестирање.
– Разликата ќе биде во текстовите за читање, кои ќе бидат пократки, адаптирани за логичко размислување на учениците. Прашањата и задачите бараат логика и креативност од ученикот.

Елизабета Наумовска

Прашањата ги подготвуваа одделенски наставници. Ова е пилот-тестирање, ќе видиме и дали ваквите прашања се доволно лесни или тешки, како и дали одговараат на нивото на учениците. Тоа ќе ни биде пример за следните години – вели Наумовска. Според неа, Бирото за развој на образование, сектор за обуки, веќе работи со наставниците како континуирано да ги подготвуваат учениците за ваков методолошки пристап кон задачи кои не бараат само меморирање на податоци (како што беше во екстерното тестирање), туку логичко размислување и читање со разбирање.
– Протоколите се подготвени, веќе е испратен материјал со прашалници во училиштата, информирани се и избраните деца, како и координаторите во училиштата за државното тестирање. Со оглед на тоа дека спроведувањето на државната матура ни е приоритет, анализата и резултатите од ова тестирање сигурно ќе ги имаме наесен – посочува таа.

Идната година тестови ќе има за ученици од 3., 5. и 9. одделение

Од посочените прашања-примери се гледа дека поентата не е децата да напишат едноставни одговори на едноставни прашања, туку овие барања ги тераат да размислуваат и попродлабочено да ги исчитаат текстовите за да можат да дадат соодветни одговори.

Читање со разбирање или читачката писменост е способност да се разберат и да се користат различни форми на пишан материјал што општеството го бара или/и пак индивидуите го сметаат за важен.

Младите читатели треба да знаат да читаат традиционални пишани форми, како што се книги, списанија, документи и весници, како и дигитални форми, како што се е-пораки, текстуални пораки и интернет-страници каде што текстот често е интегриран во разни мултимедијални формати. Учениците ќе се учат на сосема нов пристап на учење, а образовните власти се подвргнаа на вакви промени бидејќи на меѓународните тестирања нашите ученици покажуваа многу слаби резултати во читање со разбирање, како и во постигнувањата по математика.
Претходници на националните тестови се екстерните тестови, кои неколку години по ред ги полагаа нашите ученици во основното и во средното образование. Екстерните тестови се укинати од 2017 година.

Идната година вакви тестови ќе полагаат учениците во трето, петто и во деветто одделение.
Со резултатите од ова тестирање образовните власти ќе прават анализи како да се направи подобрување во образовниот систем.



912

X