Кога се враќате дома од болница по породувањето, се разбира, ако ви е прво бебе, навистина чувствувате дека не знаете што треба да правите во секој момент од мајчинската улога и сте загрижени дали воопшто ќе бидете во можност да се грижите за вашето бебе. Сето она што сте го прочитале за спиење на бебето, менување облека, хранење, е само теорија чија функционалност допрва треба да ја тестирате. Оваа состојба, со поголем или помал интензитет, ја доживуваат до 90 отсто од новите мајки. Еве ги најчестите стравови со кои се соочуваат новите мајки и како да ги надминат.

1. Дали бебето дише?

Првите неколку дена кога ќе дојдете со вашето бебе од породилното одделение одвреме-навреме ќе проверувате дали е во ред бебето и дали дише. Сте читале секакви работи во текот на бременоста и сега најверојатно ви се вртат секакви мисли. Ајде веднаш да ги срушиме тие најмрачни стравови за вас: синдромот на ненадејна смрт кај новороденчиња е исклучително редок, па ако внимавате и ако вашето бебе не е на перница со која може да се покрие и нема ништо до него во кое може случајно да се завитка, не грижете се. Исто така, можете да спиете покрај вашето бебе бидејќи мајките што спијат со своите новородени бебиња велат дека постојано ги чувствуваат.

2. Што ако бебето е гладно и немам доволно млеко?

Жените не секогаш го чувствуваат надоаѓањето на млекото. Но, тоа не значи дека нема доволно и, ако некој сака да ве убеди во тоа, запомнете дека стомакот на новороденче е мал и може да прима 5-7 мл млеко. Ако бебето не плаче и ако има 5 до 6 влажни пелени дневно и ако столицата е златно-жолта, тогаш нема за што да се грижите.

3. Што ако ми падне бебето?

Бебињата и децата паѓаат, и тоа е често во текот на првата година од животот. На почеток можете да ставите заштита на подот, ќебиња, перници. Додека одите, носете стабилни влечки, чевли, проверете дали има работи на подот на кои би можеле да се сопнете. Ако навистина се случи пад, тоа сепак не значи ништо, но дефинитивно треба да бидете информирани за тоа кога му е потребна лекарска помош на бебето. Главниот показател е плачењето: ако бебето не плаче веднаш по паѓањето, нешто е чудно, па треба да побарате помош.

Не ставајте го бебето некаде каде што може да се истркала, никогаш не знаете кој ден моторните вештини ќе му се развијат до тој степен што ќе се сврти кон подот. Внимавајте кога му ги менувате пелените бидејќи главното правило е секогаш да го држите бебето со една рака и да ви е на видик.

4. Некој ќе донесе вирус во мојот дом

Можеби да, а можеби не. Доените бебиња се добро заштитени со мајчиното млеко, но, се разбира, секогаш постојат можности да закачат некој вирус. Одговорните луѓе нема ни да дојдат на гости ако се болни, и секогаш можете да ги прашате пред да ве посетат. Редовно проветрувајте го станот, без оглед на надворешните температури. И резервирајте го првиот месец само за бебето и партнерот.

5. Што ако не се поврзам емоционално со детето?

Понекогаш тоа се случува на прв поглед, понекогаш по одредено време, но ако тоа не е голема траума поврзана со бременоста, породувањето и животот, немате ментална болест, сите мајки се поврзуваат со бебето. Бидете со бебето, дојте го, сакајте го, држете го в раце, галете го, разговарајте со него и работите ќе си дојдат на своето место.

6. Дали ќе можам да препознам дека детето е болно?

Следете го однесувањето на вашето бебе, проучувајте ги феномените што се нормални за новороденчињата. На крајот на краиштата, секогаш можете да повикате педијатар или медицинска сестра за да ве советува. Обично се доволни редовни прегледи кај педијатар за да се проверат моторните вештини и развојот на бебето. Искусни пријатели, исто така, можат да помогнат, и важно е само да не се двоумите да побарате помош.

7. Што кога ќе дојдат коликите?

Којзнае, можеби вашето бебе нема ни да ги има. Но, ако се соочите со колики, постојат извори од каде што може да се информирате што да правите. Бели звуци, повивање на бебето, лулање, доење, возење автомобил, масажа на стомак… навистина има многу начини и еден дефинитивно ќе му помогне на вашето бебе. Знајте дека овој период брзо ќе помине и ќе дојде помирен период.

8. Се плашам дека никогаш нема да спијам!

Иако ќе има моменти кога ќе спиете малку, ќе има и моменти што ќе можете да ги искористите за да спиете. Спијте кога ќе спие бебето, користете ја целата достапна помош, не надминувајте ги вашите можности. Не треба да правите сѐ сами. Бебињата спијат многу, а мајките не мора тоа време да работат низ дома. Спиењето нека ви биде приоритет, а другото – ако стигнете.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X