Во книгата „А ги праша ли некој учениците?“, која со помош на ментор ја напишале и уредувале токму ученици, издвојуваме дел во кој опишуваат какви наставници би сакале да имаат:

„Наставниците би требало да бидат внимателни кон своите ученици. Знаеме дека и тие се луѓе, но никако не би требало да доаѓаат лути на час, бидејќи таа негативност автоматски преминува на учениците. Ако се веќе толку лути поради нешто или едноставно немаат добра волја, нека се обидат тоа да го сокријат од своите ученици бидејќи ним им е подобро да работат со професор кој сака да се шегува и кој е позитивен. И никако не би требало да не ја користат шегата бидејќи секогаш е пријатно ако се каже и нешто смешно.

Оние ученици што не се толку активни и заинтересирани за работата, наставниците би требало првин да ги прашаат во што е проблемот. Ако не сакаат да им кажат, би требало да разговараат со родителите. Ќе им биде полесно и на наставникот и на ученикот. Наставниците не би смееле да го диктираат материјалот, а учениците само да запишуваат. Можат да им понудат на некој час во групата да направат некој леток или да пишуваат состав, или пак да работат некаков креативен проект за да им го олеснат учењето. Понекогаш можат да уфрлат и некој квиз или нешто слично. Од голема помош се и листовите со задачи пред тестот бидејќи го олеснуваат учењето. Ако има многу материјал, добро е целините да се поделат на повеќе тестови во полугодието.

Заклучокот е дека наставниците не треба да се однесуваат кон учениците како кон војници, туку како родител кон деца.

Еве уште неколку совети за наставниците:

– Наставниците не би требало да бидат само толерантни, туку и да ги почитуваат работата и чувствата на учениците.
– Наставниците треба појасно да кажат за што се работи во материјалот што го толкуваат“.

Извадок од книгата „А ги праша ли некој учениците?“



912

X