Во општините, кои по закон се основачи на основните училишта и кои треба да се грижат за хигиената, велат дека родителите немаат никаква обврска да купуваат. Но практиката покажува дека и покрај тоа, родителите купуваат сапуни, бришачи за раце, тоалетна хартија, влажни марамчиња и антибактериски гелови
Редовното одржување лична и општа хигиена е единствената заштита од заразната жолтица, која во период од четири месеци заразила повеќе од 60 лица, но и од цела низа други болести. Бидејќи училиштата и градинките се плодна почва за ширење на заразата, задолжително е хигиената да се одржува на високо ниво.
Колку ни се чисти училиштата и кој вложува за одржување на хигиената кај децата додека се на училиште?
Во општините, кои по закон се основачи на основните училишта и кои треба да се грижат за хигиената, велат дека родителите немаат никаква обврска да купуваат. И покрај тоа, многу родители се тие што купуваат сапуни, бришачи за раце, тоалетна хартија, влажни марамчиња, антибактериски гелови.
Многу наставници велат дека тие не смеат директно да го бараат тоа од родителите, но го прават на суптилен начин – за сами да се сетат дека треба да набавуваат.
– Нема доволно тоалетна хартија и средства за хигиена, па купуваат родителите. Не смееме да побараме директно, но го вртиме муабетот додека не кажат сами. Ужасно се чувствувам поради тоа, како да просам, но битно е и за здравјето на децата и за нашето, на вработените – вели наставничка.
Во секоја паралелка во која родителите купуваат средства за хигиена за децата различно се организираат.
– Во нашето училиште нема случаи на жолтица. Но и покрај тоа, кога станува збор за одржување хигиена на децата, ние како родители не даваме пари, туку во договор со наставничката секој од нас купува сè што треба. Тоа оди по азбучен ред, на пример, мене наставничката ми кажува дека ми дошол ред да купам хартија за печатење и тоалетна хартија. Потоа друг родител купува друго, зависно од потребата. Се вртиме во круг. Годишно излегува дека околу 1.000 денари давам само јас за средства за лична хигиена и други потребни работи за децата – вели К.Г., мајка на четвртоодделенец во училиште во Центар.
И градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, потврдува дека родителите немаат никаква обврска да купуваат средства за хигиена за училиштата.
– Општината им дава тоалетна хартија и течен сапун, а училиштето набавува средства за чистење. Родителите немаат никаква обврска, освен кога самоиницијативно се договараат, да купуваат влажни марамчиња, бришачи за раце и слично. Во однос на хигиената на училиштата, тие редовно се чистат со соодветни средства – вели Богдановиќ за „Деца.мк“.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) двапати годишно прави редовни надзори во училиштата со кои се прави увид во тоа каква е хигиената. Директорката на ДСЗИ, д-р Ирина Бухова, вели дека последен пат контроли се направени во септември и во октомври.
– При нашите редовни и вонредни надзори во голем дел од училиштата имало и средства за чистење и сапуни во тоалетите. Онаму каде што ќе утврдиме недостиг, со решение ги задолжуваме да набават, по што повторно правиме контроли. Инаку, кога има појава на жолтица, добиваме известување од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и тие си постапуваат. Ние одиме со нив, се прават вонредни дезинфекции и постапуваме секаде каде што ЦЈЗ ќе иницира – информира Бухова.
ЦЈЗ неодамна информира дека за четири месеци во главниот град се регистрирани околу 60 случаи на заразна жолтица (хепатит А). Оваа бројка е двојно поголема во споредба со истиот период лани.
912