Има ли вашето дете модели на кои се угледува? Зошто токму тие личности му се примери? Дали сте задоволни со неговиот избор на модели?

Повеќето родители не ги знаат одговорите на овие прашања. Тие, всушност, не ги познаваат своите деца. Уште повеќе се збунети кога ќе им го поставите прашањето: Зошто на вашето дете не сте му вие моделот на кој се угледува?

Во првите години од животот децата најпрво ги гледаат своите родители како идоли бидејќи тие ги задоволуваат сите нивни потреби (хранење, спиење, бањање). Со растењето и стекнувањето нови искуства, детето сфаќа дека родителите не се суперхерои, туку човечки суштества што грешат, односно „само“ мама и „само“ тато. Меѓутоа, тоа не значи дека на своето дете ќе му станат и примери и модели на кои се угледува. Имено, примери стануваат оние родители што се:

–  Задоволни од својот живот

Поважно од тоа колку заработувате или имате успешна кариера или висок животен стандард е колку сте задоволни со животот, бидејќи тоа чувство и на детето ќе му послужи како пример.

– Добар личен пример

Бидете добар модел за копирање. Она што го зборувате мора да биде во согласност со она што го правите. Ако му велите на детето да ја среди својата соба, а истовремено вашата маса е натрупана со хартии – вашите барања нема да допрат до детето. Децата учат многу подобро од вашето однесување отколку од вашите зборови. Доколку зборувате едно, а правите друго, детето непогрешливо ќе знае на што треба да му даде предност и ќе го копира вашето однесување, а не вашите зборови.

– Врсници

Неретко родителите мислат дека влијанието на врсниците е посилно од нивното, родителското. Забораваат дека децата  ги избираат своите пријатели во зависност од здравата основа што ја воспоставиле. Сепак, секој што има какво било влијание врз вашето дете му отвора врата од некој, за детето, непознат и примамлив свет. Затоа, кога разговарате со детето за неговите пријатели, размислите и која врата се отвора пред него. Ако се противите на некое дружење, секогаш инсистирајте дека не сте против самото дете, туку против влијанието што тоа дете го има врз вашето. Особено бидете внимателни кога вашето дете се дружи со оние што најчесто иницираат инциденти, одбиваат да разговараат со вас или се премногу доминантни во однос на детето. Тоа може да бидат знаци за предупредување. Од друга страна, ако некој пријател изгледа неуредно, живее далеку, родителите му се разведени, нема одлични оценки… тоа не мора да значи дека е лош избор на пријател. Еден од предизвиците на родителството од модерното време е што родителите се премногу зафатени, па децата се препуштени на новите технологии преку кои многу работи им се достапни. Кога детето не наоѓа примери во своето најблиско опкружување, тоа се врти кон виртуелниот свет. Таму му се нудат различни претстави за пејачи, актери, спортисти. Младите не го разликуваат имиџот од вистинската личност, па така веруваат дека популарните лица се такви какви што се претставени – идеални лица со идеални животи.

– Медиуми

Дали сте сигурни дека знаете кои содржини од виртуелниот свет ги следи вашето дете? Кои му се омилени цртани филмови, кои му се омилени компјутерски игри? Немојте да мислите дека не можете да влијаете врз тие содржини. Можете и морате. Од вас не се очекува да му забраните на детето да ги следи или целосно да го изолирате од нивното влијание. Сигурно е дека токму од вас зависи дозирањето на медиумите и контролата на содржините што ги презентираат.

– Некогашните примери

Пред неколку децении како позитивни и посакувани особини биле издвојувани јачината на личноста, креативноста, хуманоста, интелектуалната способност. Овие особини ги краселе и оние што се наоѓале на врвот на листата со примери за угледување. Во 70-тите и 80-тите години децата како свои примери и модели ги набројувале Јосип Броз Тито, Никола Тесла, а од уметниците Џон Траволта, Мерилин Монро, Брус Ли. Меѓутоа, во 90-тите години почнуваат да се издвојуваат и некои историски личности, но и таканаречени „новокомпонирани бизнисмени“, како што тогаш се нарекувале. Оттогаш примерите и моделите постојано се менуваат, главно под големо влијание на медиумите.

Постепено кај младите се развива материјалистичко-хедонистичка ориентација, односно желба за што полуксузен живот без вложување голем труд. Медиумските ѕвезди стануваат икони на современиот период, а како примери за средношколците најчесто се споменуваат ликовите од естрадата.

Моделите денес

Иако родителите веруваат дека денес најчести примери за децата се оние личности што како главни карактеристики ги имаат моќта, славата, популарноста, богатството… тоа не е така. Благодарение на спортистите, на пример, тенисерот Новак Ѓоковиќ, децата сè повеќе ги препознаваат „вистинските“ вредности. Односно, ако порано примери биле познатите медиумски личности кои до парите, успехот и моќта дошле „преку ноќ“, денешните примери, без разлика дали се работи за спортисти, научници или уметници, испраќаат силна порака дека успехот може и мора да се постигне со континуирана работа и труд.

Искористете го трендот и фактот дека вредностите се стабилизираат, младите сè повеќе ги препознаваат вистинските, а не лажните авторитети, и токму нив ги избираат за модели на кои се угледуваат.

Што можете да направите за да ги вратите „вистинските вредности“, а со тоа и „вистинските модели“ за вашето дете?

– Дозирајте го времето што го поминува со електронските медиуми и контролирајте ги содржините што ги следи;
– Разговарајте за медиумски познатите личности и кои вредности тие ги застапуваат. Поддржете го изборот на детето кога се работи за спортист, научник или некој што постигнува резултати со својата работа или талент бидејќи тоа се вредностите што сакате да ги негувате;
– Бидете добар пример. Секое правило што сакате да го усвои детето најпрво вие презентирајте го со вашето однесување;
– Важно е да знаете и како детето го поминува своето слободно време. Вие, од своја страна, смислете заедничко време, така што ќе му дадете квалитетни семејни вредности. Гледајте заедно некој филм, прочитајте приказна, погледнете ги семејните фотографии.

Преземете одговорност. Можеби не сте сега свесни колкаво е вашето влијание врз детето, но сосема е извесно дека токму тоа влијание ќе ви се врати. Сè додека користите реченици како: „Јас сум друго“ (во превод: Мене ми се може, а тебе не ти дозволувам), ризикувате еден ден вашето дете да има идентично однесување и на некое ваше прашање, на пример, на „Како можеш?“ – да ви одговори баш како што научило:„ Друго сум јас“.

Избегнете го овој бумеранг така што ќе преземете одговорност за нивното растење и сега ќе почнете да мислите за примерот кој им го давате на своите деца, како и за нивната потреба да ги копираат оние што им се најблиски, односно вие.

Автор: Јелена Холцер, дипломиран педагог



912

X