На Бадник 2018 година, трипати одев за Скопје. Бебето се губеше и минути беа во прашање. Со најголема брзина стигнавме во Скопје со екипата, а таму дежурната лекарка ме пречека со зборовите: „Ице, или си луд или Господ те чува. Такво бебе да го одржуваш еден час без боца со кислород, без интубација, со масажа на срцето и амбу е вистинско чудо“. Кога ова го слушна мајката на бебето, плачејќи ме прегрна и ми рече: „Докторе, ти за мене си Господ“. Па кажете вие дали има поголемо признание од ова?

Д-р Ице Дојранлиев до неодамна беше единствениот педијатар во Гевгелија. Така, подолго од една деценија ги лекува дечињата од овој град и од околината. И не работеше само во ординација, туку и во гевгелиската болница, каде што беше ангажиран кога ќе дојде ново бебе на свет. Но и кога бил загрозен животот на некое дете, па „летале“ со брза помош да го спасат во некој поголем центар, додека по пат го контролирал здравјето на малечкото, кога и минути биле пресудни…

– Телефонот нонстоп ми ѕвони. А јас на секој му одговарам – вели д-р Дојранлиев.

Четири работни позиции на 4 локации

Д-р Дојранлиев е матичен лекар на околу 3.000 пациенти, а во болницата ги опслужува сите деца од општината. Од 2014 година до пред Нова година истовремено работи на детското одделение во гевгелиската општа болница и на одделението за неонатологија, каде што престојуваат новородените.
– Бев ангажиран со договор на дело и бев на повик 24 часа. Наутро, пред да почнам со работа во мојата амбуланта, правев визита на детското одделение, а потоа на неонатологија. Од 13 до 17 одев во кампот за емигранти, за време на бегалската криза бев ангажиран од Црвениот крст на Македонија како единствен педијатар. Бев срдечно прифатен во кампот од страна на емигрантите, околу 200 на број, од кои околу 80 деца. По 17 чaсот се враќав во својата амбуланта и таму работев до 20 часот. Во меѓувреме имав повици од болницата за породувања или за интервенции кои често завршуваа со патувања до Скопје, до Детска клиника, со амбулантско возило. Мојот ангажман беше на четири работни позиции, на четири различни локации – раскажува докторот.

Секој ден нова борба

Работниот ден на д-р Дојранлиев нема граница. Нема ни цена со која може да се плати таа посветеност.

– Кога си ја сакаш работата, кога гледаш детски лица со зацрвенети обравчиња и свенати очиња, тогаш даваш сè од себе не мислејќи на уморот и исцрпеноста. Не можеш, а да не дејствуваш најбрзо што можеш. Кога се работи за итни случаи, организирам пренос на пациентите до Детската клиника во Скопје, каде што организирано ме пречекуваат и ефикасно дејствуваат. Нема цена што може да го плати тој ангажман, но задоволството е преголемо кога родителите ќе се насмеат и ќе кажат: „Благодарам докторе, ни го спаси детето“. Такви случаи има многу, а тоа ме одржува и ми дава сила да продолжам понатаму со истото темпо. Впрочем и нашата лекарска работа е да дадеме сè од себе, а верувајте јас се давам максимално – вели д-р Дојранлиев.

Две децении наназад тој не бил на одмор, ниту еден ден. Без семејството, пак, и поддршката од најблиските никогаш не би успеал.
– Каков одмор? Семејството има огромно разбирање и без нив не би успеал во ова што го правам. Уживам кога сум со моите најсакани. Некако успеваме да се организираме и да имаме убави заеднички моменти. Тоа ми ги полни батериите и ми дава сила да продолжам понатаму со истото темпо. Секој ден е нова борба – вели докторот.

Другар, ракометар, вљубеник во музиката, а го препливал и Дојранското Езеро

Сограѓаните за Ице велат дека е голем другар и дека е човек кој сака секому да помогне. Го сака спортот. Голем фан е на тенисерот Новак Ѓоковиќ. Тој е поранешен ракометар, но и прв нашинец што го преплива Дојранското Езеро. Исто така, бил и прва мандолина во градската пејачка група „Распеани гевгеличани“. Ужива во кафе со најблиските и со пријателите во убавите сончеви денови.
Со својата животна филозофија, пријателствата и задоволствата се обидува да го покрие стресот од работата.

Трипати одев за Скопје во ист ден, ама го спасивме бебето

– Најстресно е кога треба пациентот да го носам со амбулантно возило до Скопје. Со помош на екипата со најголема брзина се пристигнува до Скопје (50 минути) и по пат вршам контрола на детето. Целта ми е детето да го предадам навреме за да можат добро да интервенираат и крајниот исход да биде позитивен. Сета таа ситуација е стресна и полна со адреналин и не завршува тука. Кога ќе се вратам, постојано сум во контакт со професорите на клиниката и со родителите на детето – раскажува докторот.

Голем дел од најсреќните моменти во животот ги поврзува со работата.

-Најсреќен бев кога многу тежок случај (бебе) го однесов на интензивното одделение во клиниката и сè се заврши добро, бебето беше спасено. Тоа се случи на Бадник 2018 година. Тој ден трипати одев за Скопје. Се работеше за случај со дијагноза пулмонален едем. Бебето се губеше и минути беа во прашање. Со најголема брзина стигнавме во Скопје со екипата, а таму дежурната лекарка ме пречека со зборовите: „Ице, или си луд или Господ те чува. Такво бебе да го одржуваш еден час без боца со кислород, без интубација, со масажа на срцето и амбу е вистинско чудо“. Кога ова го слушна мајката на бебето, плачејќи ме прегрна и ми рече: „Докторе, ти за мене си Господ“. Па кажете вие дали има поголемо признание од ова? – раскажува д-р Дојранлиев.

Прво многу прашања, па малку шега, па дури потоа преглед

Сè е интересно во амбулантата на докторот. Со секое поголемо детенце што зборува прво си „даваат петка“ со рацете или прават „да пукне“.  Со тоа детето е усвоено.

– Му поставувам многу прашања на детето и развивам разговор со него. Се смееме, се шегуваме и стравот исчезнува. Обично децата се плашат од инјекции. А по таков разговор и смеење се ослободуваат. Некогаш и мантилот го вадам за да не се чувствува страв кај детето. Задоволство е да работиш со таква популација. Најсреќни се кога им подарувам чоколадо или тефтерче со пенкало. Тие се моите мали пријателчиња со кои најдобро се разбирам – додава докторот.



912

X