Верувам дека сте ја чуле изреката: „Какви родители – такви деца“. Значењето на оваа мудрост би можело да се прошири, па да гласи вака: „Каков е односот помеѓу родителите, такви се и децата“. Семејството е најзначајниот систем на кој му припаѓаме.

Имајќи го тоа предвид, фактот дека децата наследуваат од своите родители некои особини на личноста, како и тоа дека низ набљудување на моделот тие усвојуваат одредени однесувања како пожелни, можеме да претпоставиме дека и климата што владее меѓу родителите, во нивниот родителски и партнерски супсистем, ќе влијае врз тоа како ќе се однесуваат и развиваат нивните деца.

Што мислите, дали децата влијаат врз родителите? Дали и вие сте забележале дека истите методи не се делотворни во иста мера кај секое ваше дете?

Многу е важно да се знае дека и детето со својата индивидуалност, составот на личноста кој е карактеристичен само за него, влијае врз тоа како ќе го воспитуваат родителите. Паметен и посветен родител и тоа како може да почувствува на која воспитна мерка неговото дете најдобро ќе реагира. Некое дете подобро ќе реагира на казна, а друго ќе биде попродуктивно ако почесто му упатувате пофалби, без разлика што тоа се деца на исти родители. Бидете паметен родител бидејќи, верувам се согласувате со мене, здравата средина, мирот во домот и здравиот психолошки развој на детето се најважни за секој родител.

Родителскиот сојуз, како и неговата функционалност, е многу важна алка во системот наречен семејство. Доколку не функционира добро, воспитувањето на децата може да тргне во правец во кој не сме сакале да тргне. Дали сте слушнале за изразите „лош полицаец“ и „добар полицаец“? Дали сте се препознале во некои од овие улоги кога се работи за воспитувањето? Често можеме да слушнеме родители кои велат: „Јас ја презедов улогата на строг родител, додека мојата жена е попопустлива и погрижлива кон децата“.

Кога мама и татко имаат различни улоги, децата знаат кому за што треба да му се обратат. Нешто што во ваквата поделба на улогите е погрешно е етикетирањето на родителот како добар или лош за детето. Доколку само едниот родител му поставува барања на детето, а другиот е целосно лишен од тоа, односот и поврзаноста во односот родител-дете би можеле да се нарушат. Замислете адолесцент кој има еден строг и еден попустлив родител. Со кого ќе има поотворен и поблизок однос?

Доколку мајката и таткото не се согласни за начинот на воспитување, тие не го учат детето што е добро, а што лошо, што е дозволено, а што не е дозволено однесување, туку го збунуваат и го прават несигурно. Доколку еден родител охрабри некое однесување кај детето, а другиот го забранува, детето нема да биде сигурно во себе и своите реакции, ниту во своите родители и нивните реакции.

Родителскиот сојуз, како и сите сојузи, за да биде успешен, мора да биде составен од сложни членови, со иста мисија и усогласени чекори и стратегии.

Еве неколку совети:

– Никогаш не покажувајте пред детето различни воспитни ставови. За најдобриот став договорете се кога детето не е присутно.
– Бидете доследни и не попуштајте пред детските каприци.
– Заедно донесувајте одлуки за тоа што е најдобро за вашето дете.
– Поддржете се еден со друг во присуство на детето. На тој начин сте одлучни и му давате добар пример на детето како треба да се однесуваат мајката и таткото. Тоа ќе му користи кога ќе порасне.
– Еднакво ангажирајте се околу своето дете. Поделете ги задолженијата за да ви биде полесно.
– Бидете отворени во комуникацијата со своето дете. Дајте му дозвола да може да ви се довери на обајцата.
– Не запоставувајте го својот брачен однос. Задоволството во брачниот однос во голема мера влијае врз успешноста и во другите семејни релации.
– Обидувајте се да ги усогласите, на ниво на сојуз, барањата, пофалбите и критиките упатени на однесувањето на детето.

Верувам дека секој од вас го сака само најдоброто за своето дете, па така, со јасна и добра комуникација и усогласен брачен однос, сигурна сум дека секој родителски сојуз може да функционира добро и во корист на детето.

Автор: Оливера Ковачевиќ, мастер психолог, семеен и партнерски советник

Извор



912

X