Шетајќи низ природата, а и урбаните средини, ќе забележите куп отпадоци на кои ќе им бидат потребни илјада години за да се разградат. Тоа е сосема доволен показател дека живееме во места каде што еколошката свест е на многу ниско ниво. Многу земји, членки на ЕУ, благодарение на ригорозните закони, успеале драстично да ги подобрат еколошките услови за многу кратко време. Освен што ни останува да се надеваме дека слични промени ќе се случат и тука, би било добро и самите да бидеме избор на тие промени и позитивен пример за своите деца. Детето најпрво треба да се воспитува да ја штити животната средина од своите, но и од лошите постапки на околината.
Како тоа да се направи на најдобар можен начин?
Со личен пример покажете како се штити природата
На децата ние сме им модел на однесување. Впиваат како сунѓер сè што ќе им кажеме, прокоментираме или дури кажеме на некој друг во нивно присуство. Доколку само ја споменуваме еколошката свест, а нашите постапки зборуваат поинаку, не можеме да очекуваме позитивен исход. Дури и ако ви се случи некогаш да направите нешто непромислено, признајте ја својата грешка, а потоа исправете ја. Ваквите ситуации ќе им користат на вашите деца бидејќи ќе ги научите и самите да признаат кога ќе погрешат, како и да покажат спремност да ја исправат својата грешка. Ако вашето дете ве исправи во некоја лоша постапка, најпрво заблагодарете му се за тоа, а потоа исправете ја грешката. Ова истовремено може да ви биде показател дека детето го совладало сето она на кое усно сте го учеле или што научило на училиште. Доколку шетате низ природа и наидете на некој биоразградлив отпад, наместо само да коментирате поради неодговорното однесување на поединците, соберете ги отпадоците бидејќи на тој начин со сопствен пример му покажувате на детето како се штити животната средина.
Организирајте заедничка акција на чистење
Она што го покажувате со практичен пример, детето најдобро ќе го усвои. Се разбира, не можете самите да ја исчистите целата улица или цел град, но доколку бидете иницијатор на некоја акција, можете да направите многу нешта. Анимирајте го соседството и кренете го на заедничка акција за чистење на паркот во близина или околината на зградата. Не само што многу брзо ќе го исчистите нередот, туку ќе успеете да создадете и поблиски соседски односи. Без разлика на тоа што е во прашање јавна површина, набрзо ќе забележите дека луѓето кои доаѓаат отстрана ќе бидат повнимателни и ќе водат повеќе сметка да не го нарушат затекнатиот ред. А кога ќе наидат на запуштено и валкано место и двор, во повеќето случаи си дозволуваат невнимателност.
Задолжително во ваквите акции вклучете ги децата. Доволно е да анимирате едно дете, а другите брзо ќе се приклучат. Кога ќе завршите, бидете сигурни дека главната еколошка инспекција ќе бидат токму децата. Не само што нема да фрлаат хартија и слично, туку и без двоумење ќе ги опоменуваат другите доколку забележат недолично однесување. Не заборавајте да ги наградите децата за вложениот труд и да им напоменете дека нивната помош многу ви значела.

Еколошката свест се развива и со престој во природа
Еколошката свест подразбира неколку важни компоненти. А тоа е да размислувате и да се однесувате во согласност со природата. Секогаш кога можете, преземете некоја акција за зачувување на животната средина. И најважно, не затворајте ги очите при ситуации кои го загрозуваат екосистемот. Суштината е детето од вас да научи дека не треба да ја загадувате животната средина, но и дека не треба благонаклонето да се гледа на оние што токму тоа го прават. Се разбира, не значи дека нужно треба да „влече за ракав“ и опоменува непознати луѓе, но ќе биде сосема доволно на таа тема да зборува со своите врсници и да им го сврти вниманието на значењето на сочувувањето на природата.
Најдобар начин за развивање еколошка свест кај децата е престојот во природа. Кога детето ќе стане свесно за своето опкружување, станува свесно и за важноста од зачувување на природата. Љубовта кон природата се учи со престојот во неа. Заедно со детето погледнете некој пејзаж, свртете му го вниманието кон некое чудно дрво, убава долина, интересно камче и слично. Покажете необична птица, инсект или друго интересно животно со напомена дека природата е нивен дом. Раскажете им на децата интересна приказна, што ќе ги заинтригира и ќе им остане во сеќавање. Организирајте прошетка низ шума, престој во парк, заедничко возење велосипед и слично. На тој начин децата секогаш ќе го поврзуваат престојот во природа со убави искуства, а со самото тоа многу полесно ќе ги усвојуваат и почитуваат навиките за зачувување на животната средина.
Автор: Славица Бијелиќ