И покрај прогласената вонредна состојба, децата-спортисти најдобри во своите категории без прекин се одржуваат во форма. Вежбаат по дома, на кеј, трчаат, возат велосипед, прават фитнес-вежби, имаат онлајн-тренинзи со тренерите, симулираат тениски вежби, учат теорија по џудо, сè што е потребно за да се одржат во топ-форма

Шампионите не се раѓаат, туку се создаваат со неуморен тренинг. А доказ за тоа се и нашите деца, за кои нема пауза ниту во вонредна состојба ниту во карантин. Тие без пропуштен ден се одржуваат во форма, напорно тренираат по дома, во природа, секаде каде што не ги прекршуваат времените мерки наложени од Владата. Максимално се адаптирани на новонастанатата состојба и со нетрпение чекаат да се вратат на старите терени.

На пример, тринаесетгодишната пливачка Бела Жунгулова, и покрај тоа што веќе два и пол месеца не може да скокне во базен, да исплива и да ја потроши енергијата најдобро што умее, се одржува во форма со трчање, возење велосипед и фитнес-тренинзи по дома.

Без базен – како риба на суво

Бела почнала да тренира пливање од својата петта година. Прво рекреативно, а последниве години тренира професионално со 7 до 9 тренинзи неделно. Досега има освоено 120 медали.

– Откако почна вонредната состојба, за жал, немам услови да пливам, па во форма се одржувам со тренинзи на кеј, трчање, возење велосипед и тренинзи во домашни услови. За среќа, нашиот тренер Иван Банов сите овие денови откако почна вонредната состојба на „Зум“ ни организираше секојдневни тренинзи, првиот во 9:30 наутро, вториот во 20:30, со траење од еден час. Некои денови во периодот помеѓу домашните тренинзи тренерот ни организираше и дополнителен тренинг на кеј. Тие тренинзи ги организираше со по две деца, при што ја држевме потребната дистанца помеѓу нас. Со оглед на тоа што пливањето е спорт кој се одвива во вода, многу е тешко вежбите од редовните тренинзи да се спроведат на суво. Но, сепак, мускулите ни се постојано активни и во базенот ќе се вратиме во добра форма. Морам да признам дека многу ми недостига допирот на водата, ми недостига бодрењето од тренерот кога ќе си го поправам времето, смеењето и дружбата со останатите пливачи. Сите едвај чекаме да се вратиме во вода – ни сподели Бела, која минатата година на државен натпревар освои прво место во дисциплината 200 грбно, а во неколку категории исплива и со одлични времиња.

Бела Жунгулова

Суви онлајн-тренинзи

Тренерот по пливање Банов, исто така, ни потврди дека со прогласувањето на вонредната состојба и затворањето на базените, сувите онлајн-тренинзи им биле единствена опција за одржување на формата.
– Првичните тренинзи ги правевме на отворено, на кеј, со воведување на новите рестриктивни мерки бевме принудени да преминеме на онлајн-тренинзи. Имавме по 10 тренинзи неделно. Најчесто правевме вежби за обликување на телото, за издржливост, за сила, скокање јаже и, секако, истегнување. Бидејки сите базени се затворени, нема ни индивидуални тренинзи. Се надеваме на што поскоро отворање на базените, каде што на почеток тренинзите ќе се одвиваат со ограничен (намален) број деца – ни рече Банов.

Тешко, но не и неизводливо

И Александар Трифуновски и Филип Стојановски симулираат спортување по дома деновиве. Тие се шампиони во тенис во категоријата јуниори. Александар има 12 години и тренира тенис од четири години. Вели дека одржувањето на формата во домашни услови е тешко, но не и неизводливо.

Александар Трифуновски

– Тренирам секојдневно некој вид фитнес, и тоа еден час наутро, а навечер еден час тенис. Се трудам фитнес-вежбите да бидат различни, но во основа се вежби за нозе, за грб, за раце и за стомак. Исто така, правам нешто и како симулација на игра. Насоките секогаш ми ги дава тренерот Предраг Русевски и ја имам целосната негова поддршка. Во домашни услови е тешко да се симулира играње тенис, но најчесто ги изведувам ударите без топче, се движам и одржувам ритам. Во моментов најмногу ми недостигаат тенискиот терен, играта, дружењето и натпреварите. Веќе една недела почнавме со тенис во клубот каде што тренирам. Конкретно, имаме индивидуални тренинзи, но бидејќи ги следиме протоколите за заштита од вирусот, нема поздравување, нема менување страни, додавање топчиња со рака и, за жал, нема многу дружење – ни рече Алек, кој досега има освоено 11 први места и три втори места на државни првенства.

Четиринаесетгодишниот Филип Стојановски тренира тенис 10 години. Има освоено 9 први места, 9 втори места и 2 трети места. И тој во вонредната состојба вежба фитнес по дома.
– Во првиот дел од карантинот тренирав само фитнес, но во вториот дел од карантинот почнав да играм тенис три пати неделно по 1 час и 30 минути, плус фитнес-вежби три пати неделно по 1 час и 30 минути. Тренерот Предраг Русевски ми даваше инструкции како да се одржувам во форма во карантин. Најтешко ми беше да најдам место каде што моите родители ќе можат да ми помогнат да направам тениски вежби и најмногу ми недостигаше секојдневното тренирање и натпреварување. Деновиве откако ги отворија тениските терени, играм секој ден по 1 час индивидуално – ни изјави Филип, кој лани освои прво место на отворено првенство на Македонија.
Тој годинава ги освои двете зимски отворени првенства на Македонија.

Џудо-техники со брат ми дома

И за џудистите нема прекин во тренинзите додека трае вонредната состојба. Никола Магдески има 14 години. Тренира џудо веќе девет години. Вели дека досега освоил многу медали на државни и меѓународни натпревари. Последниве две години е државен првак во неговата старосна категорија (пионери), а на последното државно првенство за пионери/ки, кое се одржа на 8 март годинава во Прилеп, стана државен првак за пионери во категорија до 55 кг.

– Имам поголем брат кој прв почна да се занимава со џудо, кој исто така е шампион во својата категорија, и јас покрај него сакав да почнам. Откако почна вонредната состојба поради Ковид-19, вежбам дома. Најчесто правам вежби за мускулите на рацете и нозете. Вежбам секојдневно по околу еден час. За мене, во целата ситуација е добро што и мојот брат е џудист, па заеднички го работиме тренингот, односно ги изведуваме техниките во домашни услови. Ние постојано добиваме инструкции од нашите тренери како да ја одржуваме спортската форма, телесната тежина, но и психо-физичката кондиција. Стручниот тим тренери од нашиот клуб во Прилеп уште од самиот почеток на прекинот на тренинзите во сала со нас, членовите, одржуваат онлајн-комуникација, при што добиваме методи на тренинг во домашни услови по возрасни категории, потоа добиваме видеоматеријал преку соодветни примери на изведби на џудо-техники, и не само тоа, туку ни даваат и да учиме теорија на џудото, правила и прописи во џудо-спортот и сè друго поврзано со нашиот спорт – вели Никола.

Како и другите спортисти, и тие од тренерите добиваат анимација со предизвици.

– Со предизвикот добиваме задачи да решаваме одредени тестови поврзани со прашања околу џудо-спорот и така сите заедно учиме. Потоа имавме задачи, секој од нас да сними видео од тренинг во домашни услови и да предизвика друг член од клубот да го стори истото, како и многу други занимливости. Кога станува збор за џудото, најтешко да се изведе дома се борбите и некои од вежбите, како фрлања на татамите кои ги правевме за време на тренингот. Исто така, најмногу ми недостига одењето на тренинзи и натпреварите што ни претстоеја, а се одложени – додава Никола.



912

X