Ново истражување кое го опфаќа цел свет покажува како влијае мајчинството врз кариерата.

Да се ​​биде родител на мало дете, подразбира работа со полно работно време – во повеќето земји родителите на новороденчињата имаат право на отсуство од работа.

Промените во вработувањето на родителите, по раѓањето на првото дете, јасно покажуваат дека воспитувањето на детето е претежно оставено на жените. Некои мајки се враќаат на полното работно време по неколку месеци. Други ја балансираат грижата за децата со работа со скратено работно време. Многу од нив и по десет години воопшто не се враќаат на пазарот на трудот. Ова се нарекува „казната на мајчинството“.

Новото истражување го проценува влијанието на мајчинството врз кариерата на жените во 134 земји.

„Кога работите стануваат лоши, ние ги менуваме“, „Протестирам за мајките“, „Воспитувањето деца не треба да нѐ чини нашата иднина“ – ова се некои од транспарентите видени на протестот во Велика Британија во октомври 2022 година.

Пораките одекнале во Вестминстер: шест месеци подоцна конзервативната влада објавила субвенции за деца од предучилишна возраст. Првата од серијата мерки стапила во сила во април. Трошоците за одгледување деца можат да бидат пречка за работа. За многу Британки ова е особено застрашувачко. Според истражувањето, во кое учествувале 24.000 родители, трошоците за одгледување дете, кај една од десет жени, ја надминуваат нејзината месечна заработка.

Само во Америка, Ирска и Нов Зеланд трошоците за одгледување дете сочинуваат поголем дел од вкупниот приход на домаќинството на родителите. Ова се однесува токму на богатите земји. Но, речиси секаде кариерите на жените страдаат откако ќе станат мајки.

95% од мажите на возраст од 25 до 54 години се дел од пазарот на трудот. Таа бројка за жените, кои се на иста возраст, е само 52%. Не се знае доволно колку од оваа разлика може да се објасни со напуштањето на работното место по породувањето. Но, група академици од Лондонската школа за економија (LSE) и Универзитетот Принстон собрале мноштво податоци за да го измерат овој ефект во 134 земји, кои сочинуваат 95% од светската популација.

Земајќи ја како основа работата на Клаудија Голдин, економист од Харвард, која добила Нобелова награда за нејзиното истражување за родовата нееднаквост на пазарот на трудот, авторите ги споредуваат мајките и татковците со луѓето без деца на иста возраст, со исто образование, брачен статус итн.

Истражувањата покажале дека учеството на мајките на пазарот на трудот се намалува по породувањето – речиси во секоја земја.

Авторите ја дефинираат „казната на мајчинството“ како намалување на веројатноста за вработување на жената во текот на десет години по раѓањето на нејзиното прво дете. Во просек, 24% од жените го напуштаат пазарот на труд во првата година. Пет години подоцна, 17% сѐ уште се отсутни. По десет години таа бројка е 15%.

Многу жени во богатите земји се грижат за друг проблем: пониските плати од мажите. Но, овие два проблеми се поврзани: празнините и прекините во вработувањето имаат тенденција да ја ограничат вкупната заработка на жената. Невработеноста може да значи одложување или пропуштање на унапредување и други можности за кариерата, а исто така може да го отежне и наоѓањето работа.

Влијанието на мајчинството врз вработувањето варира низ целиот свет. Во богатиот дел на светот 80% од разликата помеѓу машкото и женското учество на пазарот на трудот може да се објасни со фактот дека жените го напуштаат пазарот на труд по породувањето. Спротивно на тоа, во најсиромашните земји мајчинството објаснува само околу 10% од јазот. Таму жените имаат тенденција да го напуштаат пазарот на труд по бракот, обично долго пред да се роди нивното прво дете. На пример, во Маврициус и Замбија бракот може да објасни само половина од појавениот јаз.

Во земјите со среден приход, жените имаат поголема веројатност да работат по бракот, но многумина трајно ја напуштаат работата откако ќе станат мајки. На пример, во Латинска Америка, 38% од жените на работоспособна возраст ја напуштаат работата откако ќе добијат дете, а 37% сѐ уште се надвор од пазарот на труд една деценија подоцна. Како резултат на тоа, вкупниот јаз во вработеноста во тие земји малку се разликува од оној на посиромашните земји.

Многу мајки ги напуштаат своите работни места бидејќи тоа има економска смисла.

-Нема смисла да се враќам на работа четири или пет дена во неделата бидејќи би заработила околу 100 фунти (127 долари) месечно по грижата за детето – рекла Алисон Греторекс, мајка која не се вратила да работи по раѓањето на нејзиното дете.

И културните норми имаат свое влијание.

Меѓународната организација на трудот проценила дека во 2018 година 606 милиони жени во светот биле спречени да размислуваат за вработување поради семејни обврски, наспроти бројката од 41 милион мажи. Во претходната, помала меѓународна студија, истражувачите откриле дека жените чии мајки биле домаќинки имаат тенденција да го следат истиот модел.

Со оглед на стапките на вработеност во многу богати и сиромашни земји, многу политичари се обидуваат да најдат начини да ги охрабрат жените да се вратат на пазарот на трудот. Како Британија, и Австрија, Германија и Холандија планираат да ги реформираат субвенциите за згрижување деца или породилно отсуство. Во 2021 година Канада почна да нуди субвенции за воспитување деца за само 10 канадски долари (7,50 американски долари) на ден.

Јапонија ги реструктурира даночните олеснувања за да ги мотивира жените да работат. Минатата година Јордан постави цел да го удвои учеството на жените на пазарот на труд до 2033 година и планира да обезбеди субвенции за згрижување деца за вработените мајки.

Истражувањето објавено минатата година од Светска банка анализирало 95 земји и открило дека учеството на жените на пазарот на трудот се зголемило за 4%, пет години откако земјата усвоила закони за помош на родителите.

Но, и интервенциите можат да тргнат на погрешен пат. Родителите во Канада и Германија се соочуваат со долги листи на чекање за прием на децата во градинките.

Претходното продолжување на правата за родители со деца, во Британија, довело до помали суми бидејќи владата премногу штедела. Меѓутоа, префрлањето на високите трошоци на даночните обврзници може да го лиши системот од мотивација за нивно контролирање.

Во секој случај, 4% е мал ефект во споредба со огромниот јаз што постои меѓу вработувањето на мажите и на жените. Според Светскиот економски форум, со оглед на сегашниот тренд, ќе бидат потребни уште 170 години за да се затвори глобалниот економски јаз меѓу половите.

Извор



912

X