Задачата на родителите уште од првата година на детето е да го научат да ги толерира забраните, да го одлага задоволувањето на потребите и самото да се забавува некое време. Ова, според зборовите на психологот Светланка Кнежевиќ, се важни услови детето да се вклучи во општеството, бидејќи доколку тоа не го научи, нема да биде прифатено од врсниците и со самото тоа нема да биде задоволно, па ќе се однесува агресивно.

– Овие правила особено важат во светот на возрасните. Така личноста што не ги почитува забраните, односно законите, не може да функционира во општеството, туку оди во светот на криминалот. Така од разгалено дете добиваме незадоволна, некогаш дури и антисоцијална личност. Овој став се однесува на забраните што може да му нанесат штета на детето, на другите луѓе, животните и светот околу него – истакнува психологот Кнежевиќ.

Експертите се согласуваат дека децата што растат без забрани стануваат пасивни, несамостојни, насочени исклучиво кон себе и сопствените потреби, неретко се лошо социјализирани, слабо ги контролираат импулсите, не се истрајни, особено во ситуации кои бараат вложување напор, не се оспособени да се носат со животните проблеми.

За претерано попустливите родители да научат како да кажат „не“, за почеток треба да ги променат своите уверувања, па покрај љубовта, на детето треба да му постават јасни граници и да му помогнат да стане самостојно. Тоа ќе го направат така што на детето ќе му постават јасни правила, како и последици ако не се придржуваат. Во таа смисла, според зборовите на психологот, важно е да се биде доследен и истраен. Исто така, потребно е да научиме да го гледаме своето дете и кога е луто, тажно или несреќно, бидејќи тогаш и тоа самото ќе научи како да се носи со различни ситуации и сопствените непријатни емоции. На тој начин детето учи да сака, да се почитува и прифаќа себеси, како и другите, но и да препознае што треба да менува во своето однесување и зошто.

Премногу заштитеното дете го доживува светот како опасно место

Од друга страна, забраните што се однесуваат на движењето на детето и на неговото запознавање на светот (внимавај, немој…) не се корисни, напротив, тие создаваат премногу заштитено и несигурно дете. Премногу заштитеното дете го доживува светот како опасно место бидејќи гледа дека некој постојано мора да се грижи за него, иако никогаш нешто претерано страшно не му се случило.

– Таквото дете кога ќе порасне, нема самодоверба и тешко се снаоѓа во светот. Таквата личност не е самостојна и постигнува многу помалку од своите можности – објаснува психологот Кнежевиќ.

Затоа, никако немојте да му браните на детето самото да јаде, да се плаши да сече, да учествува во домашните обврски, со ризикот од искршени чаши и чинии, бидејќи со тоа го игнорирате детското создавање и ги занемарувате неговите интереси, наметнувајќи ги сопствените. Детето мора самото да истражува и во тоа има право да греши.

Како да воведете ред?

Поставете јасни граници – во секое семејство би требало да постојат забрани и правила на однесување, како и одредени последици за нивно непочитување. Доколку во вашата заедница е малку хаотично и сте одлучиле конечно да „воведете ред“, немојте истовремено да ги организирате сите области. Работете прво на оние за кои верувате дека се итни.

Не попуштајте пред хистеричните напади на децата

Навреме посочете му ги и објаснете му ги последиците од несоодветното однесување на детето – смирено и доследно спроведете „казнени мерки“, секогаш образложете го тоа што го правите и објаснете му на детето како да се однесува. Не попуштајте пред хистеричните напади на децата – бидејќи во тој случај почесто ќе се повторуваат. Кога детето „прави претстава“, бидејќи нешто (не) сака, немојте да го подмитувате, да се надвикувате со него, ниту да му се заканувате. Одведете го на некое мирно место и кога ќе се смири, обидете се да му објасните зошто таквото однесување е неприфатливо.

Барајте од децата одреден степен на одговорност за она што го прават – на пример, ако детето скрши играчка, во бес или невнимание, немојте да му купите нова и објаснете му дека во иднина мора да биде повнимателно и повеќе да води сметка за предметите. На тој начин ќе му помогнете на детето да сфати што значи да се биде одговорен за своето однесување.

Наметнете ги природните последици – ако вашето дете стане по ручекот и почне да се шета наоколу, и покрај тоа што одамна сте утврдиле правило дека масата не се напушта додека оброкот не се изеде, отстранете ја неговата чинија и соочете го со последиците од таквите одлуки. Не попуштајте ниту за миг!

Немојте да претерувате со забраните – бидејќи тоа ќе биде контрадикторно. Наместо тоа, предложете јасни опции.

Автор: Радмила Николиќ

Извор



912

X