Понудете им цртан филм кој ќе има јасна содржина, но и поучна, едукативна со изразени вредности. Најважно, не заборавајте да разговарате со вашето дете за чувствата и доживувањата од она што го гледа

Гледањето цртани филмови е една од најчестите активности на денешните деца. Продуктивноста од нив може да биде огромна доколку се конципира и ограничи времето на гледање, како и содржината на цртаниот филм.

Цртаните филмови може да ги зголемат имагинацијата и креативноста кај детето. Тие директно влијаат врз развојот на неговата личност. Детето може да создава нови идеи инспирирани од ликовите и да измисли нови приказни или уметнички дела врз основа на цртани филмови што ги гледало. Во секој од цртаните филмови детето пронаоѓа и обожава некој својот омилен лик кој го имитира, т.е. се идентификува со него, при што се стреми да биде како него и презема особини од ликот. Доколку ликот е позитивен, детето преку учење по модел во таквата идентификација ќе усвојува и одреден позитивни или морални форми на однесување, често го прифаќа и вокабуларот на таквиот лик, ги присвојува неговите омилени нешта и практично живее со таквиот омилен лик.

Со смеа до подобар имунитет

Преку цртаниот филм детето неформално учи поими, термини и содржини кои се неопходни за неговата едукација. Сликите во цртаниот филм што се движат, ликовите што зборуваат и шарените визуализации го прават учењето интересно за децата. Цртаните, исто така, можат да ги стимулираат децата да слушаат и усвојуваат различни јазици, со што им помагаат на децата во развивањето на нивните јазични способности, секако и за развој и учење на мајчиниот јазик.

При гледањето на цртаниот филм децата често пати се смеат. Смеата е одлична алатка за амортизација и растoварување од стрес, го подобрува имунитетот и предизвикува ослободување на ендорфин, што предизвикува позитивни чувства и добро расположение кај детето.

Гледајте заедно

Гледањето цртан филм заедно со детето е и одлично средство за поврзување со него и создавање комуникациски канали. На родителите често им препорачувам да се вклучат во таа активност заедно со децата. Да следат што го интересира детето и како и на каков начин ги доживува и презентира нештата што ги гледа.

Децата што го гледаат цртаниот филм заедно со родителот или родителите имаат многу прашања во врска со тоа што го следат. Доколку не е вклучен активно, родителот треба најмалку пасивно да биде вклучен во ваквата активност. Потребно е заедно со детето да структурирате време во текот на денот кое ќе биде предодредено за гледање цртан филм заедно со ограничувањето на времетраењето на активноста, како и содржината на истата. На пример, можете да ја структурирате и како дневна рутина, еден час на пладне.
Родителот треба секогаш да знае што гледа детето и на каков начин го следи сето тоа. Од тоа може да се инспирира и од тоа може да научи многу за своето дете. Во спротивно, гледањето на цртаните филмови може да биде пренасочено во контрапродуктивна и деструктивна активност врз развојот на детето.

Времето поминато пред екран не треба да биде подолго од еден час во текот на денот. Некогаш времето искористете го за да им ги покажете цртаните филмови од вашето детство на вашите деца. Разговарајте за тоа кој цртан филм и кој лик ви бил омилен вам. Понудете им цртан филм кој ќе има јасна содржина, но и поучна, едукативна со изразени вредности. Најважно, не заборавајте да разговарате со вашето дете за чувствата и доживувањата од она што го гледа.

Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог во Здружението „Хармоничен свет“



912

X