Родителството е процес и со самото тоа не е ниту статично ниту ограничено со време во кое ќе се создадат саканите резултати. Активностите и одговорностите на родителите, но и самите родители, се менуваат и развиваат заедно со своите деца, а овој процес на промени и приспособување трае цел живот.
Меѓутоа, иако многу сознанија ни се подостапни од пред неколку децении, впечатокот е дека денес е сè потешко да се биде родител. Зошто? Ако го прифатиме фактот дека детето учи така што нè набљудува и нè имитира, тогаш треба ние да му бидеме модел, пример. Родителите неретко очекуваат децата без приговор да ги слушаат, да ги почитуваат, но не разбираат дека баш тие мораат да му го покажат тоа на детето со свој пример.
Токму тука родителите често негодуваат или имаат дилеми, бидејќи мислат дека треба и мора да биде обратно и дека ќе ги изгубат авторитетот и контролата ако го променат пристапот на детето. Сите ние, а особено децата, многу повеќе ќе научиме кога сме во состојба на позитивни емоции отколку кога ни се наметнува строгост и некој крут однос. Тренирањето строгост дава краткорочно решение, а предизвикува негативни состојби – чувство на нерасположение, неразбирање, неприфаќање. Кога е во прашање авторитетот, треба да се знае дека тој не може да се гради од чувството на страв, тензија, негативни состојби, туку од чувството на сигурност.
Зошто родителите се однесуваат сосема спротивно од она што би дало подобри резултати?
Притисокот кој го создава околината (често тоа се бабите, дедовците, роднините, пријателите, па дури и воспитувачите, но и соседите, случајните поминувачи, а особено медиумите), некогаш е толку голем што родителите се чувствуваат беспомошно и изгубено, дури и во некои секојдневни ситуации. Стравот од губитокот на контрола и авторитет, но и стравот од грешка ги наведува да постапуваат онака како што мислат дека е општествено прифатливо и очекувано, а не како што чувствуваат во длабочината на душата или како што е корисно за детето и нивниот однос.
Друг важен чинител кој родителите ги оддалечува од неговата суштина е претрупаноста со информации кои стигнуваат преку разни канали и во различни облици. Новите технологии секако придонеле за побрза и поголема размена на информации, сè е достапно брзо и лесно, но овој напредок им ја скратил на многу генерации млади родители вештината која во родителството е од големо значење, а тоа е – ТРПЕНИЕТО! Така што, обемот на информации за некои родители е повеќе товар отколку корист. Бидејќи, во тоа море од идеи, предлози, туѓи искуства, многу нешта звучат примамливо. Изгледа дека баш „ова или она“, лесно и брзо би го решило „проблемот“ и тамам кога родителите ќе помислат дека нашле добар модел, веќе стигнуваат нови предлози и така во недоглед. Јасно е дека кога нема трпение, нема ниту доследност, а потоа нема ниту резултати, бидејќи на децата им се потребни насоки и граници. Без трпение да се истера воспитниот модел докрај, и родителите и децата се во незавидна ситуација. Кога постојано нешто се пробува, тестира, менува… децата немаат јасно воспоставени правила, а родителите немаат сигурност во себе бидејќи резултати постојано изостануваат.
Разбирањето на развојните фази, препознавањето и прифаќањето на разликите помеѓу родителите и детето, како и децата меѓусебно, познавањето на елементите што влијаат врз развојот на емоционалната интелигенција, конструктивната комуникација – сето ова е основа за позитивно родителство и создавање односи базирани на доверба.
Да се биде функционален родител значи да можете да му помогнете на детето да се развива со полн потенцијал, да се чувствува сакано, прифатено, поддржано, сигурно, почитувано, дека е важен дел од семејството…
За родителите да можат да го спроведат ова, важно е прво да создадат чувство на сигурност и верба во себе и своите способности, да воспостават правила кон кои ќе се придржуваат во воспитувањето и да бидат насочени кон детето, себеси и кон развојот на нивниот однос. Значи, мораат да му одолеат на притисокот од опкружувањето.
Како?
Со раѓањето на детето сте се родиле и вие како родител и токму тогаш сте добиле фантастични сили – родителски инстинкт и безусловна љубов. И едното и другото ве насочуваат како на детето да му го дадете најдоброто. Кога го следите вашето чувство, кога го слушате својот внатрешен глас, вие непогрешливо знаете што треба да правите.
Не дозволувајте надворешната врева да ве надгласа!
Иако родителството нема рок на траење, времето за поставување на темелот е многу ограничено, само во првите неколку години од животот. Просторот за промена можеби е во следните 7-8 години, а потоа Х години живееме во односот кој сме го креирале. Сè што сакаме да промениме кај детето, прво треба да го промениме кај себе. Работата на себе, преиспитувањето на личните уверувања, како и доживувања на родителството како улоги, уочувањето и промената на шаблонски и некорисни однесувања – се важни елементи за позитивна промена и крајна цел – однос базиран на доверба, разбирање и почитување.
Затоа, кога ви изгледа дека денес е тешко да се биде родител, преиспитајте се и слушајте што ви кажува внатрешниот глас. Чувството на непријатност кога правите нешто што другите ви рекле дека треба е всушност првиот „знак“ дека тоа нешто не е во согласност со вас и вашето доживување на родителската улога. Пробајте тогаш да постапите различно од вообичаено и погледнете каков резултат имате. Можеби пријатно ќе се изненадите.
Автор: Драгана Алексиќ/ професионален семеен тренер