Институтот за психијатрија „Макс Планк“ во Минхен веќе со години го истражува „епигенското наследување“, односно начинот на кој акумулираните искуства во текот на животот на родителите влијаат врз гените на нивното потомство и каква улога тоа може да има во развојот на децата.

Поимот „епигенетика“ се состои од зборовите генетика и епигенеза, односно развојот на живо битие, објави „Дојче веле“. Како своевидна врска помеѓу влијанието на околината и гените, епигенетиката истражува под кои околности кој ген станува активен или неактивен. Тоа се нарекува регулација на гените. Како настануваат траумите и кои болести кај идните генерации можат да бидат предизвикани со тоа, објаснува професорот Алон Чен, директор и научен соработник на Институтот за психијатрија „Макс Планк“, за „Дојче веле“.

Која е разликата помеѓу стресот и траумата?

– Постојат многу различни видови стрес. Постои лесно оптоварување кое може да стане хронично. На пример, ако сме вознемирени на работа или сме заглавени во сообраќајот секој ден. Таквите фактори, кои на крајот предизвикуваат стрес, можат да ја зголемат подложноста на депресија. Но, тоа не ја создава траумата која би покренала „посттрауматско стресно нарушување (ПТСП)“. За тоа мора да постојат силни и акутни трауми. Тоа е случај, на пример, со силување, несреќи или војни. Од тоа пациентите главно заздравуваат по неколку седмици и можат да се вратат на нормалниот живот. Но, ако симптомите се појават и по еден месец, тогаш зборуваме за ПТСП. Некои луѓе имаат исти симптоми дури и по 40 години.

Какви се симптомите?

Типични симптоми се проблемите со спиење и кошмарите. Пациентите страдаат од анксиозност и често имаат проблем со концентрацијата. Освен тоа, плашливи се. Генерално, тие луѓе не се во можност правилно да функционираат во секојдневниот живот.

Во својата актуелна студија сте откриле дека траумата може да доведе до епигенски промени. Како воопшто функционира епигенетиката?

Тоа е релативно ново подрачје. Кога зборуваме за епигенски промени, не мислиме дека кодовите во ДНК, односно нивниот редослед се менува. Бидејќи, епигенетиката ја надминува генетиката. Се работи за хемиски промени што влијаат врз она на што ДНК во краен случај ќе се формира. Низ тој процес настануваат протеини во нашето тело, вклучувајќи ги и оние во нашиот мозок. Протеините се функционални единици кои всушност ја завршуваат вистинската работа. На пример, тие одредуваат кои нервни клетки се помалку или повеќе активни, а тоа на крајот влијае врз нашето однесување.

Како му го пренесуваме нашето искуство на потомството?

Баш како и ДНК, таканаречениот „епигенски потпис“ се пренесува на следната генерација. Во моментов, тој „епигенски потпис“ може да се следи до третата генерација. На пример, кога ќе ја погледнеме третата генерација на преживеани лица од холокаустот или внуци на војниците од Втора светска војна, сè уште може да се забележат епигенски траги од траума. Тоа на крајот доведува до тоа тие луѓе да се повеќе анксиозни или склони кон болести што се поврзани со стрес.

Уште не е јасно како точно се наследуваат епигенските промени бидејќи улога играат многу фактори. Доколку, на пример, мајката е изложена на голем стрес или го наследила епигенскиот потпис на своите родители, тоа го менува начинот на кој се однесува со своите деца. Покрај тоа, факторите од околината играат важна улога во развојот на детето, како и наследството. Поради тоа е толку тешко да се разберат сите механизми.

Како може да се лекуваат пациентите со ПТСП?

Лицата што страдаат од ПТСП денес можат да земаат лекови или да бараат психотерапија. Меѓутоа, двете методи се само делумно ефикасни во лекувањето на болеста. А потребата е огромна. За да развиеме нови видови третман, мораме првенствено да ги разбереме механизмите. Мораме да сфатиме што точно се случува во мозокот, кои гени се вклучени и кои епигенски модификации ги доведуваат луѓето до зголемен ризик од болеста. Дури тогаш можеме да развиваме методи за лекување или методи кои ќе спречат кај погодените лица да се развие посттраума.

Тогаш би можеле и доволно рано да видиме дали лицето е посебно ранливо за развивање на ПТСП и да кажеме, на пример, дека не треба да се испраќа во војска во Авганистан.

Дали епигенските промени исчезнуваат по успешно лекување?

Засега не знаеме дали епигенските карактеристики се менуваат по заздравувањето. Или евентуално доколку нешто ги блокира и дали повторно се активираат доколку лицето доживее друга траума. Дури и кога ембрионот во мајчината утроба е изложен на стрес, тоа ги менува неговите епигенски особини. Таа личност и понатаму може нормално да се развие и тоа да не го забележува, но во моментот кога е изложена на траума, епигенскиот потпис станува пресуден.

Извор



912

X