Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има 11 месеци (родено малку предвреме), веќе е во фаза кога сака сè да биде по негово. Доколку не може да ја дофати играчката, почнува да плаче, дури и се трга наназад. Пробуваме во тој момент да му го свртиме вниманието кон нешто друго, некогаш и со повисок тон да го скараме. Сè уште не зборува, не оди (не лази), па изгледа дека е налутено ако не е по негово, а кога ќе го добие она што го замислило, веднаш е задоволно.
Ме интересира како да постапуваме, со оглед на возраста, а да не биде разгалено дете?
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Вашето дете е во возраст кога станува сè пољубопитно за светот околу себе, затоа и има потреба да истражува, има потреба да ги запознава и открива сите работи околу себе. Рековте дека сè уште не лази, не оди, не зборува, па можете да замислите колку му е тешко да комуницира со вас или да дојде до она што го сака. Плачењето и изјавувањето лутина се единственото нешто со кое тоа може да ви каже што сака. Во оваа возраст чувствата на децата се непредвидливи, па така веќе се способни за јаки, ненадејни прикажувања на темпераментот. Начинот изгледа доста бурен бидејќи го користат целото тело за да ги пренесат своите емоции (среќа, тага, лутина итн.). Затоа вашето дете ќе се фрла, ќе клоца, ќе се трга наназад, ќе протестира кога нешто сака, а не го добива или кога нештото ќе му го земе некој. Честопати ќе сака да прави работи за кои сè уште не е способно, а тоа ќе предизвикува да се чувствува фрустрирано.
Целата оваа ситуација е фрустрирачка и за вас, но уште повеќе е за вашето дете.
Сето ова е само одговор за неговата ситуација или да кажеме најдобар начин за неговата неразвиена зрелост. Поради тоа, како најсоодветен одговор на ваквото однесување на вашето дете е да бидете емпатични и разбирливи. Треба да бидете свесни за тоа низ што поминува вашето дете во текот на неговиот развој за да може соодветно да одговорите.
Исто така, во оваа возраст вашето дете сè уште нема развиен концепт за „задоцнето задоволување“, затоа и реагира бурно кога нештото не му е дадено и пружено веднаш. Но, секако, учете го вашето дете што е добро, а што не, обезбедете му структура во неговиот живот, сигурно и безбедно место за да се развива.
Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт
Кога зборуваме за дисциплинирање на децата, всушност, мислиме „да ги научиме“, затоа пробајте да не викате, бидејќи тоа уште повеќе ќе го вознемири. Наместо тоа, брзо и смирено заинтересирајте го за друга активност или некој друг предмет (играчка) кој може да го има, значи пробајте да го пренасочите. Пренасочувањето на неговото внимание не само што му става крај на несаканото однесување, туку со текот на времето го учи дека некои работи не се за него.
Бидете доследни, ако побара нешто, а вие бидејќи плаче му го давате по некое време, тогаш тоа учи дека и следниот пат ќе го добие на тој начин и дека „може“… ќе се труди да поместува граници. Како ќе расте вашето дете, постојано ќе ве тестира за да види колку може и што ќе му дозволите да направи. Ќе се обидува да открие што е добро, а што не. На децата им требаат јасно дефинирани граници. Откако ќе ги поставите своите граници, бидете конзистентни… недоследностите само ќе го збунат и ќе го спречат учењето.
Кажете отсечно и гласно НЕ само во опасни ситуации, за сè друго пробајте да останете позитивни, да не викате и со друг тон да кажете, на пример: „Ова ќе го тргнеме и ќе оставиме овде, а ќе го земеме ова“, „Ајде сега да играме со коцките“ или „Погледни ја таа прекрасна книга, можеме да ја прочитаме“, а подоцна кога ќе биде поголемо, можете и да давате поопширни објаснувања.
Децата повеќе гледаат што правиме ние, возрасните, отколку што слушаат, бидете пример за вашето дете и секогаш покажете задоволство кога ќе направи нешто што е добро, што ви се допаѓа, секогаш охрабрете го, кажете браво.
Знам дека понекогаш е тешко да бидете смирени ако не се чувствувате смирено. Потрудете се да бидете како сидро за вашето дете и имајте доверба во себе. Останете силни и уживајте во овој скапоцен (сè уште предизвикувачки) нов свет на детството.
Ви посакувам многу љубов и трпеливост.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912