Антисоцијалното однесување е поим на кој, поради сеопфатноста на која се однесува, му се дава предност во новата литература во однос на поимите деликвенција и престапност, кои подразбираат исклучиво кршење на законите. Како синоним за антисоцијалното однесување често се употребува „ризично однесување“.

Меѓутоа, би можеле да кажеме дека поимот „антисоцијално“ претставува поконкретно разбирање бидејќи опфаќа само екстернализирано однесување, кое е во судир со општеството насочено „кон надвор“. Кога велиме ризично однесување, тука мислиме и на интернализирани проблеми, како што се зголемената анксиозност, депресијата, различните фобии, склоноста кон самоповредување.

Како одредени семејни околности и семејната атмосфера може да ја зголемат веројатноста децата и младите да покажат некои од облиците на проблематично однесување?

Не е правило, но не е ниту реткост младите што се во судир со општествените и/или правните норми да потекнуваат од дисфункционални семејства. Семејството, како основно опкружување на секоја личност и како примарен фактор на социјализација, на развојот на ризичното однесување може да влијае на два начина: 1. Со присуство на фактори што го погодуваат настанувањето на ризичното однесување и 2. Со отсуството на фактори што го негуваат просоцијалното однесување. Преку многубројни истражувања се дошло до дефинирање на конкретни причинители кои во оваа смисла може да се набљудуваат како значајни.

Отсуство на позитивни афективни врски помеѓу родителите и детето

Афективната (емоционална) врска се воспоставува во првите моменти од животот на детето, особено помеѓу мајката и детето – преку допир, чинот на доење, пријатноста што кај бебето ја предизвикува мајчиниот глас. Рамнодушноста, отфрлањето и избегнувањето на детето може негативно да се одразат врз целокупниот понатамошен развој на личноста.

Проблеми во функционирањето на семејството

Овој фактор се активира кога доаѓа до неможност на родителите да организираат секојдневни семејни активности преку кои ќе ја завршуваат својата родителска улога. Тоа може да се изрази на 2 нивоа. Првото е дистанцирано и неангажирано родителство. Дистанцираноста се согледува во недостигот на интеракции помеѓу самите родители, и помеѓу родителите и децата. До тоа може да придонесе преголемата окупираност со работа, или лошата материјална ситуација, кога родителите се принудени да работат повеќе работи. Неангажираноста се однесува на недостигот на пофалби кон детето за пожелно однесување, сугестија и совети за просоцијално однесување, позитивни поттикнувања за јакнење на мотивацијата. Другото ниво е недоследно родителство кое се изразува преку непостоење на јасни правила на однесување, или доколку постојат, недоследност во нивното спроведување. Овој аспект подразбира и неусогласеност на родителите во однос на поставувањето граници, постоењето на двосмислени правила, противречност во нивното спроведување, во одредени моменти и казнување, а во некои други толерирање на истото. Сето ова доведува до неуспех во воспоставувањето дисциплина и намалена контрола над однесувањето на децата. Истражувањата покажале дека родителите на децата што насилно се однесуваат, најчесто не знаат каде, како и со кого нивното дете го поминува слободното време.

Недостиг на респонзивност. Респонзивноста се однесува на способноста на родителите да ги препознаат потребите на детето, да се стават во „негови чевли“, да не го минимизираат она што го мачи детето бидејќи на возрасните во тој момент тоа им изгледа смешно или неважно. Се докажува дека преку покажување интерес за активностите на детето, преку конструктивна грижа и поддршка, давање топлина, доаѓа и до ефикасно спроведување на правилата на однесување. Истражувањата покажуваат дека слабата респонзивност е во врска со ризикот од развивање ризични облици на однесување.

Конфликти помеѓу родителите

Детето што присуствува на секојдневни кавги и судири помеѓу родителите го усвојува тој модел како прифатлив начин за носење со проблемите. Партнерските конфликти доведуваат и до тоа родителите да бидат незадоволни од својот живот и премногу оптоварени со своите лични проблеми, па често за децата стануваат емоционално недостапни. Дополнително, во таква атмосфера можат да почнат да се судираат и околу начинот за воспитување на децата, или тоа дури да стане поле на кое и едниот и другиот родител се инаетат.

Развод

Разводот или раздвојувањето на родителите настапува како последица на конфликти. Со тоа семејството станува и деградирано, со уште помала можност за вршење на основните семејни функции. Истражувањата покажуваат дека раздвојувањето на родителите пред навршена 5. година на детето ја зголемува шансата за нарушувања во однесувањето. Критичен период е и оној пред адолесценцијата и адолесценцијата. Ова секако не е правило – не се сите деца од разведени родители склони кон проблематично однесување. Родителите што соодветно ги завршуваат своите родителски улоги и по разводот и „здраво“ поминуваат низ него и заеднички се грижат за децата, значително ќе ја намалат веројатноста за развивање ризично однесување кај децата.

Непрепознавање на проблематичното однесување

Не е реткост родителите од една страна да го негираат постоењето на проблемот кај детето, додека од друга страна ја идеализираат сликата за својата оствареност во родителската улога. На тоа се главно склони родителите што негуваат попустлив воспитувачки стил. Кога несоодветното однесување се покажува, недостигот на реакција од страна на значајни возрасни лица е поттик за тоа однесување во иста мера како на детето да му е дадена награда.

Психопатологија на родителите

Антисоцијалните облици на однесување на родителите, како што се зависност од алкохол, психоактивни супстанции, криминалитет и агресија, му нудат на детето негативен модел за носење со проблемите. Ваквиот животен стил на родителите воедно го остава настрана промовирањето на социјално прифатливо однесување. Во ваквата атмосфера детето, всушност, и нема каде и како да научи поинаку. Не се негира фактот дека постојат и деца кои и во таквите околности излегуваат на вистинскиот пат, но во тој случај клучна улога имаат силни заштитни фактори кај самата личност. Докажано е и дека шансата за покажување на антисоцијалното однесување кај децата е поголема во случајот кога еден или двајцата родители се соочуваат со депресија. Депресивната состојба влијае врз намалување на родителската контрола, како и енергијата и волјата за грижа за детето.

Ризичните фактори може да се пронајдат уште во доменот на врсничката група, на училиште, пошироката општествена заедница, како и во самата личност на индивидуата која е склона на антисоцијално однесување. Кај повеќето млади кај кои се јавува некој од облиците на ризично однесување присутна е комбинација на фактори од различни домени, па и на самиот третман – за да биде што поуспешен, потребно е да му се пристапи системски.

Автор: М-р Анѓела Златковиќ, педагог

Извор



912

X