Откако ќе се роди бебето, веројатно постојано ќе му мавтате со шарени играчки пред носот, ќе му покажувате секакви форми и предмети кои првпат ќе ги види и ќе го мамите да ве погледне со ококорени очи.

Но, долго пред раѓањето – всушност во текот на подолгиот дел од бременоста, очите и мозокот на бебето се развиваат за да се подготват за различни дразби. Потребни се повеќе од шест месеци развој во утробата пред очите на бебето да бидат подготвени да обработат визуелни информации од надворешниот свет.

Кога ги отвораат очите бебињата во утробата?

Дури и пред да се роди, вашето бебе може да ги отвори очите. Тоа го прави првпат околу 27. недела од бременоста, на крајот од вториот триместар.

Дали бебињата трепкаат?

Бебето почнува да трепка неколку месеци пред раѓањето. Околу почетокот на третиот триместар (28. недела), бебето почнува да ги држи очите отворени и да трепка кога е будно.

Како се развива видот?

Исто како и другите сетила, очите го хранат мозокот со информации. Во текот на 4. недела од бременоста, клетките на мозочното ткиво во развој почнуваат да формираат два оптички нерви, по еден на секоја страна од главата. Овие дебели снопови од милиони индивидуални нервни влакна ќе пренесуваат информации од очите до мозокот и обратно.

Речиси во исто време, други клетки почнуваат да се развиваат во она што на крајот ќе стане очна леќа, која ќе му помогне на бебето да се фокусира на предметите, оние блиските и оние далечните. Околу еден месец подоцна (околу 8. недела од бременоста), структурата на окото е уште посложена. Почнува да се формира мрежницата, слој од клетки на задниот дел од окото кои ја перципираат и обработуваат светлината.

До 16. недела, развојот на видот на вашето бебе напредува до точка каде што може да почне да ја препознава светлината. Како одговор на светлината, очите можат да прават лесни движења од едната до другата страна иако очните капаци сè уште не се отворени.

Иако нема многу што да се види во утробата, бебето ќе го почувствува движењето на силна светлина надвор од вашето тело. Ако насочите светилка кон стомакот од 22. недела натаму, може да видите како се движи стомакот.

Околу 28. недела, очите на вашето бебе може да чувствуваат светлина, можат да се отворат, па дури и да трепкаат кога е будно.

Како да се обезбеди правилен развој на видот за бебињата?

Балансираната исхрана во бременоста го поттикнува правилниот развој на видот на бебињата. Одредени хранливи материи се неопходни за формирање на очите, особено витаминот А кој се наоѓа во рибата, месото, млечните производи, кељот, спанаќот, морковите и слаткиот компир. Разновидната исхрана и земањето пренатални витамини гарантираат дека вашето бебе, преку вас, добива важни хранливи материи.

Изложеноста на сончева светлина, се разбира, во умерени количини, помага и за развој на видот кај новороденчето, покажуваат некои истражувања. И покрај тоа што е темно во утробата, фотоните на светлината сè уште минуваат низ вашата кожа ако стоите на сонце. Како и секогаш, следете ги стандардните правила за заштита на сонце и користете крем за сончање што е безбеден за трудници за заштита на кожата.

Што по раѓањето?

Очите на вашето бебе ќе продолжат да се развиваат по раѓањето. Очите на новороденчето имаат должина од околу 16,5 милиметри, додека на возрасен околу 24 милиметри. Значителен раст на очите се јавува во текот на првите две години од животот, иако тој повторно се забрзува (заедно со остатокот од телото на вашето дете) околу пубертетот.

Бојата на очите на бебето може да се промени до 3-годишна возраст, како и видот додека се приспособува на многу посветлиот и позафатен свет надвор од матката.

Значи, ако вашето новороденче ги криви очите или на почетокот не може да се фокусира на вашето лице, не грижете се. Почекајте да наполни околу 6 месеци, а потоа посетете офталмолог доколку сте загрижени.

Извор



912

X