За аутизмот многу се зборува во последните години, но родителите сѐ уште понекогаш се збунети и исплашени кога ќе забележат некое „сомнително“ однесување кај своето дете. Не е секогаш лесно да се разликуваат и препознаат „аутистичните однесувања“, односно оние што се карактеристични за аутизмот и некое „лошо“ однесување кај невротипично дете.

Некои однесувања што се вообичаени кај аутизмот може да се сметаат за проблематични кај другите деца. На пример:

-Децата со аутизам може да гребат или да викаат кога се фрустрирани или престимулирани.
-Понекогаш може да трчаат од соба в соба, да удираат други, па дури и да се повредат кога се вознемирени.
-Децата со аутизам обично не гледаат директно во луѓето кога зборуваат.
-Не е невообичаено да се нишаат кога се очекува да седат мирни.
-Можат да бидат фокусирани на себе и да не обрнуваат многу внимание на настаните и емоциите околу нив.
-На пример, на училиште, децата со аутизам може да реагираат несоодветно на барањата или потребите на другите деца (на пример, да туркаат друго дете во ред или да ги игнорираат барањата за движење, брзање итн.).

Тешкотии во реакциите за покажана љубезност

Децата со аутизам понекогаш може да имаат тешкотии да реагираат соодветно на љубезноста на друг возрасен или врсник.
На пример, кога детето и неговите родители одат да ги посетат своите баба и дедо, тие може да ги рашират рацете за да го прегрнат својот внук или внука, но детето може да оди во спротивна насока. Кога бабата или дедото ќе го прегрнат, малото дете може да ги удри.

Или, на пример, бабата или дедото му купуваат подарок на детето, а тоа, иако веќе е доволно пораснато, вели:

-Не ми се допаѓа ова, сакав… (нешто друго).

Исто така, може да се случи некој од врсниците да дојде кај детето со аутизам да си игра, но малиот целосно да го игнорира друштвото и да си игра сам. Или, што и да се обиде да земе од играчките, детето со аутизам му вели „не допирај го“.

Разлики помеѓу лошото однесување и однесувањето кај децата со аутизам

Треба да се напомене дека децата со аутизам можат да покажат сосема поинакво однесување, така што предизвиците со кои се соочуваат нивните родители се исто така различни.

Сензорни предизвици

Речиси е неизбежно детето со аутизам да реагира премногу слабо или премногу силно на звуци, светла, мириси и допири. Така, на пример, дете кое бега од бабата и дедото може на ист начин да реагира на нивниот парфем. Детето кое мрази прегратки можеби всушност не го сака чувството дека е „стиснато“ (во прегратка) иако можеби ја сака личноста.

Сетилните предизвици можат да бидат и причина за „лошо однесување“ кога детето ќе се најде во толпа, каде што е гласно и луѓето го притискаат од сите страни.

Предизвици во комуникацијата

Децата со аутизам можат да имаат различни тешкотии во социјалната комуникација. На пример, тие може да имаат тешкотии да ги препознаат туѓите емоции или да реагираат претерано на туѓите емоции.

Обрнете внимание на намерата на детето бидејќи не е секогаш свесно дека неговото однесување може да ги повреди другите. Така, на пример, дете со аутизам среде игра или разговор може да ја напушти просторијата затоа што му е досадно и сака да прави нешто друго, а не сфаќа дека неговото однесување влијае врз другите.

Исто така, имајте на ум дека децата со аутизам имаат задоцнет развој. Невротипично 12-годишно дете треба да може да им се заблагодари на своите баба и дедо за подарокот, дури и ако не му се допаѓа. Сепак, осумгодишно дете можеби не е многу добро во тоа. Децата со аутизам често се незрели за нивната возраст, па, на пример, тинејџер со аутизам може да се однесува како многу помладо дете.

Предизвици во однесувањето

Постојат некои аутистични однесувања кои се, така да се каже, очигледни, односно лесно се разликуваат од невротипното однесување. Еве на што треба да обрнете внимание:

Самостимулација – детето се ниша, чука со прстите или мрмори за да се смири и да остане фокусирано.

Недостиг на контакт со очите – Кај многу деца со аутизам, речиси е невозможно да воспостават контакт со очите, особено кога разговараат со некого. Иако со текот на времето може да научат да воспоставуваат контакт со очите, ова однесување речиси никогаш не е само знак за „лошо“ однесување.

Самоповредување – иако не мора да е знак на аутизам, не е невообичаено децата со ова нарушување да се повредат со удирање по главата, чешање по кожата и слично.

Недостиг на фокус и внимание – на овие малечки понекогаш им е лесно да се фокусираат на едно, а тешко на друго. Тие обично никогаш намерно не игнорираат некој што зборува, но може да им биде тешко да се фокусираат ако лицето зборува брзо, или презентира некои апстрактни идеи.

Правење врева – децата со аутизам може да испуштаат звуци, како што се чкрипење, потпевнување или мрморење кога се во непријатна ситуација.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X