Здравје

Како се менуваат соништата на новите мајки

Да се стане мајка, за многу жени е голема желба. Всушност, не е невообичаено многу од нив, без разлика дали се сами или мажени, мајки или не, порано или подоцна да сонуваат за бременост. Како што велат: соништата се желби, нели? Но, кога овие желби ќе се реализираат, колку работи се менуваат? Покрај телото кое претрпува трансформации за да се направи простор за растот на малото бебе во текот на 9. месеци, новите мајки, често дури и неволно, го менуваат своето секојдневие, начинот на живот и навиките во исхраната.

Но, не само тоа, во овој период од животот на жената или по породувањето може да се променат и соништата. Сè зависи од различниот квалитет на спиење пред, за време и по бременоста – тоа ни го кажуваат многу истражувања.

Како се менуваат соништата на бремените жени

Кога жената ќе дознае дека е бремена, таа веќе знае како ќе се променат нејзиното тело и нејзините секојдневни навики. Она што не го знае е дека и соништата ќе се променат. Сите ние генерално сонуваме, дури и ако некој разбуден тврди дека не сонувал или дека не се сеќава на сонот што го сонувал. Во текот на ноќта, всушност, ги менуваме моментите на спиење со моментите од соништата, кои се случуваат при најдлабоката фаза на спиење, позната како РЕМ (Rapid eye movement – брзо движење на очите).

За бремените жени, сонувањето останува сосема нормално, но за разлика од порано, многу е веројатно дека зачестеноста и времето посветено на соништата се зголемуваат, а меморијата што останува од нив по будењето е доста детална. Причината за ова е прилично едноставна. Бремената жена доживува различни сензации и емоции од порано, а на тие аспекти се додадени можниот замор и тешкотиите при заспивањето, кои произлегуваат од неможноста веднаш да се најде вистинската положба за спиење. Сето ова, на некој начин, влијае врз квалитетот на сонот и моментите на интензивен сон би можеле да бидат многу почести, макар и прилично кратки, бидејќи наизменично се менуваат со моменти на несоница.

Но, не само тоа – според некои студии и некои приказни на новите мајки, во периодот на бременоста се менува и содржината на соништата. Многу е вообичаено во оваа фаза од животот на жената да има соништа поврзани со бременоста, раѓањето на детето или трансформацијата на телото. Емоциите во овој период се интензивни и женското размислување е главно насочено кон оваа состојба, така што е сосема нормално мислите да се пренесуваат дури и во сон, при што тие се претвораат во слики од соништата.

Некои од најчестите соништа во овој период се однесуваат на природата, сфатена и гледана како мајка или расцутена вегетација, симбол на плодноста. Некои мајки може да сонуваат дека го повикуваат своето дете или дека нуркаат во море бидејќи детето е во плодовата вода. Сликите од соништата во овој период се многу значајни и жените ги доживуваат со голем интензитет.

Како се менуваат соништата по породувањето

Што се случува по породувањето? Всушност, дури и кога некоја ќе стане нова мајка, соништата се менуваат, а тоа е затоа што квалитетот на сонот се трансформира и вниманието на жените главно е насочено кон новороденото дете. Во врска со ова, некои научници се обидуваат да разберат што се случува во соништата на новите мајки. Меѓу нив, еден од првите што се занимавал со тоа е професорот по психијатрија на Универзитетот во Монтреал, Торе Нилсен, кој спровел истражување на 273 нови мајки. Студијата открила дека сите вклучени жени се сеќаваат, на некој начин, на соништата што ги сонувале во текот на ноќта и дека новите мајки или бремени жени имаат тенденција да сонуваат повеќе соништа во кои има деца.

Дополнително, студијата открила и дека новите мајки во нивните соништа имале поголема веројатност да искусат страв и вознемиреност за нивните деца во споредба со другите две групи жени кои биле интервјуирани. Според психијатарот, вршењето дејства за време на спиењето е вообичаен аспект кај сите нови мајки и тоа што се случува е хормонален фактор, а според други, произлегува од лошиот квалитет на спиењето. Може да кажеме дека причината за ова сè уште не е сосема јасна, но ако се повикаме на она што го наведува Каролина Маркус, вонреден професор по клиничка медицина на Универзитетот во Рочестер, Њујорк, тоа е феномен што произлегува од лишувањето од сон – нешто на кое се подложени новите мајки.

Всушност, оние што се грижат за новороденче може да поминат неколку ноќи беа сон или често да бидат прекинати во сонот од плачот на бебињата. Всушност, според д-р Маркус, новите мајки го искусуваат она што таа го нарекува „РЕМ ребаунд“, што е постојан прекин на спиењето во неговата РЕМ-фаза, а предизвикува мозокот да произведува поинтензивни и посилни соништа во следните циклуси. Кога ќе се случи тоа, соништата можат да станат толку живи за новите мајки што тие се принудени да преземаат активности додека неволно спијат.

Автор: Иларија Бараброса

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top