Поставувањето квалитетни граници е основа за развој на самосвесно и задоволно дете. Најголемата пречка на тој пат се стравовите на родителите, длабоко вкоренети блокатори на опуштено и интуитивно родителство. Како да ги препознаете, во кои наши реакции се присутни и како да ги совладате, советува д-р Шефали Цабари, клинички психолог и авторка на познатиот бестселер „Освестено семејство“. Идентификувајте го вашиот страв од конфликти, станете свесни како се покажува и надминете го!

Тешки последици од конфликтот

Поради емотивната шема што сме ја наследиле од нашето семејство, многумина од нас се плашат од несогласување и конфликт. Тоа е така затоа што последиците од конфликтот веројатно се движат во распон од срам до казнување, па дури и напуштање. Кога нашите родители ќе речеа дека сме немирни, следуваше одлука по секоја цена да се избегне конфликт, затоа што таквата емоционална болка беше премногу голема. Наместо да влегувавме во емотивни конфликти, се приспособувавме на она што се очекуваше од нас.

Можеби вашето детство беше различно и никогаш не сте ги виделе родителите да се расправаат. Затоа никогаш не сте имале можност да видите дека несогласувањата се решаваат на здрав начин; а тоа, пак, значи дека веројатно не сте стекнале вештини за решавање конфликти. Поради тоа, можеби сте заклучиле дека секое ниво на конфликт е непожелно.

Бидејќи конфликтот е нормален дел од човечката интеракција, оние што имаат емоционална шема што ги наведува да го избегнат не можат да им помогнат на своите деца да се справат со него. Бидејќи конфликтот толку нè вознемирува, не сме во состојба да им помогнеме на децата да се справат со важни елементи од детството, како што се почитување на границите, надминување на ривалството со браќата/сестрите и справување со подеми и падови.

Овој страв може да се манифестира во вашето родителство на некои од следниве начини:

– Не можете да им кажете „не“ на вашите деца;
– Превентивно скокате за да го спасите детето од тешки ситуации;
– Не поднесувате ривалство меѓу браќата и сестрите и постојано интервенирате;
– Се чувствувате виновни кога велите „не“, а потоа компензирате на нездрави начини;
– На децата не можете да им поставите цврсти граници;
– Децата лесно ве придобиваат со своите барања, им угодувате и им дозволувате да ве газат;
– Претерано ги задоволувате вашите деца, купувајќи им повеќе отколку што им е потребно;
– Им дозволувате да ве манипулираат, а потоа сте огорчени;
– Се плашите од силните чувства на вашите деца;
– Претерано ги штитите децата кога доживуваат болни чувства;
– Бдеете над децата и го контролирате нивниот живот за да ги заштитите од болка;
– Премногу зборувате, рационализирате и држите предавања наместо да кажете „не“;
– Не поставувате јасни граници со партнерот или пријателите;
– Се исцрпувате работејќи работи за другите затоа што едноставно не знаете да кажете „не“;
– Живеете во постојан страв дека луѓето ќе ве осудуваат или ќе ве сметаат за комплицирана личност.

Децата веднаш ја апсорбираат нашата вознемиреност

Ако не можете да поставите цврсти граници и се плашите од конфликт, тогаш не им давате на децата можност да најдат рамнотежа меѓу почитувањето на сопствените и туѓите потреби, а тоа е важно ако сакаме децата да ги сфатат своите граници и да откријат како во животот да соработуваат со луѓето. Без родители што ги водат на тој пат, децата се чувствуваат како да се без кормило и можат да се разнишаат.

Кога помислата за поставување граници ќе нè вознемири, децата веднаш ја апсорбираат вознемиреноста. А кога ќе се случи тоа, тие почнуваат да ги надминуваат границите, обидувајќи се да нè натераат да ги поставиме – тоа лесно може да се препознае кај децата кои уште на рана возраст се впуштаат во ризични однесувања. Во спротивно, ќе станат анксиозни затоа што не се појавува никој што ќе ги спречи мислите што им се вртат во главата.

Потребни сме им на нашите деца да ги ограничиме, но не и да ги контролираме. Нивното вистинско јас знае дека тоа им е потребно. Децата треба да се чувствуваат безбедно, знаејќи дека ќе ги ограничиме ако претераат во однесувањето – а тие всушност нè молат да поставиме граници. Тоа можеме да го направиме единствено ако сме се ослободиле од сопствениот страв од конфликти и потреби за граница.



912

X