Игротека

Поранешна наставничка моли – почитувајте ја одлуката на наставникот

Бев наставничка цели три години и седум месеци. Знам дека не е долго. Без разлика, тоа е како возење велосипед. Не го заборавате она што сте го научиле на работа.

Сега, како родител на двајца ученици, моето искуство како наставничка дефинитивно влијаеше врз моите постапки, вклученоста и начинот на кој комуницирам со наставниците на моите деца.

Не велам дека сум совршена (затоа што не сум), туку велам дека кога наставникот донел одлука за нешто што ги вклучува моите деца, јас го прифаќам тоа и го поддржувам.

Кога гледам како други родители се занимаваат со училиштето и наставниот кадар, ме потсетува на причината зошто ја напуштив оваа професија пред речиси една деценија.

Иако веројатно би можела да напишам теза на оваа тема, постои една одредена компонента што навистина ме нервира и на која би сакала да се фокусирам. Тоа е она што го нарекувам „кога родителите се вклучуваат во дисциплинирањето на наставниците или одлуката што тие ја носат“.

Со други зборови, кога родителите не ја почитуваат или не ја прифаќаат одлуката донесена од наставникот и ја оспоруваат.

Земете на пример една една неодамнешна ситуација. Без многу да навлегувам во детали во случката, на едно дете од четврто одделение наставникот му го зел „ајпадот“ во петокот попладне, што значеше дека детето нема да го има дома за време на викендот.

Мајката на детето се налути и веднаш испрати е-пошта до наставникот барајќи да знае зошто таа не била известена за оваа одлука, прашувајќи зошто бил одземен „ајпадот“ и доведувајќи ја во прашање валидноста на одлуката на наставникот. Кога слушнав дека го направила тоа, низ глава ми поминаа низа работи.

Прво, кому му е гајле?

Станува збор за „ајпад“ што ќе му се врати на детето наредната недела. Не е раката на детето или некој вид апарат што му овозможува да живее.

Второ, зошто наставникот треба да му ја каже својата одлука на родителот? Тоа е одлука на наставникот (и училиштен „ајпад“) врз основа на она што тој смета дека е соодветна опомена за злоупотреба на уредот. Според мене, сето тоа е фер.

Трето, дури и ако погрешил наставникот (иако сметам дека не погрешил), зарем ова не е лекција од која треба да научи детето?

Луѓето прават грешки и понекогаш треба да се соочат со последиците од грешките. Едноставно така функционира светот. И не е подобро што „ајпадот“ нема да биде во рацете на детето и тоа нема да поминува време на него?

Конечно, оваа постапка на родителот го учи детето дека ако некој направи нешто што не му се допаѓа, родителот ќе ја поправи целата ситуација. Многу гласно и јасно покажува дека правилата и одлуките донесени од училиштето и оние што работат во училиштето немаат вистинска легитимност и цел.

Какви родители, такви деца

Иако ја зедов мајката со „ајпадот“ како пример, работата е што како родител на ученици во последните четири години бев сведок и слушав за многу родители што прават слични работи. Друга интересна шема што ја забележав е дека родителската вклученост често се случува од ист родител и за исто дете.

Затоа, како поранешна наставничка, ги молам родителите да ги почитуваат одлуките на наставникот и да го поддржат. Немојте да го поткопувате, не предизвикувајте го и не барајте пауерпоинт-презентација за неговата одлука.

Автор: Шона Хендлеј
Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top