Како низ училиштето поминуваат децата кои уште во првите одделенија се означени како „добри“ или „лоши“ е тема на едно истражување.
Психолог редовно посетувала часови во прво и второ одделение во обично училиште во Москва. Седела молчаливо во последната клупа објаснувајќи му на учителот дека ќе го набљудува однесувањето на децата. Всушност, ја интересирало колку пати и на каков начин учителот ќе им се обрати на „одличните“ и на „недоволните“ ученици (за овие потреби во секое одделение биле издвоени 3-4 ученици). Цифрите биле поразителни. Секој „одличен ученик“ добивал на ден во просек 23 потврдни коментари, како „браво“, „угледајте се на него“, „знам дека сѐ си научил“, „одлично, како и секогаш…“ и само 1-2 негативни коментари.
Кај „недоволните ученици“ било сосема спротивно, критички коментари во просек имало по 25 на ден („Повторно ти“, „кога веќе ќе…“, „ништо не е како што треба“, „навистина не знам што да правам со тебе“) и само или ниту еден пофален или неутрален коментар.
Овој однос се пренел и на другите деца во одделението.
За време на одморот децата обично се движеле околу психологот и со волја зборувале со неа. Го покажувале своето расположение, обидувајќи се што повеќе да ѝ се приближат, ја фатиле за рака, понекогаш дури и по неколку деца за секој прст од раката. Кога со тој гест кон кругот на деца се приближувал „недоволен ученик“, децата го бркале: „Оди, не може ти да доаѓаш ваму! Ти си лош!“ Замислете да сте на негово место. 25 пати дневно да слушате само критика на своја сметка од авторитетни и почитувани луѓе и така од ден на ден, од месец на месец, од година на година! А на одморот помеѓу часовите вашите врсници ве отфрлаат.

Што ќе се случи со вас? Како ќе успеете да преживеете?
Како ли преживуваат ваквите деца, станало јасно кога истражувањето продолжило во поправен дом за малолетничка деликвенција. Се покажало дека 98 отсто од малолетните деликвенти не биле прифатени од врсниците и учителите уште од прво одделение во основно образование!
Извадок од книгата „Како да се разберете со дете“ – Јулија Борисовна Гипенрејтер