Никола Дукоски е психолог и психотерапевт во едукација, а во овој момент додека траат мерките за заштита од коронавирусот, едукацијата на група деца што претходно ја водеше во живо ја пренасочи онлајн, на интернет. Дукоски споделува низа совети и за родителите и за децата со кои ќе се олеснат организацијата и учењето дома

Онлајн наставните содржини за учениците кои веќе се прикачуваат се дел од редовната настава за 2020 година претставуваат голем предизвик за децата. Ваквиот начин на учење носи промени, а самите промени бараат и адаптација во домашната средина како и за децата така и за родителите.
За будно и редовно да се следи онлајн наставата како прв најбитен дел е личниот простор (свое катче), за да може детето да ги извршува своите обврски.
Има случаи кога и родителите или пак двете деца мораат да ја следат наставата од дома, па со тоа се ограничува пристапот до техничките помагала во домот.

Исто така, верувам дека ни вам како родители со целиот товар на денот и вашите обврски не ви е лесно. Но што е тука е, да пробаме да извлечеме најмногу и да се поставиме правилно пред она што ни претстои.

Поставете правила

Затоа поставете правила. Едно од децата нека биде прва смена, а другото втора смена, за редовно следење на наставата и нека се менуваат на една недела.

– Децата може да пробаат да учат од мобилен телефон: видеата се разбирливи, а преку телефонот ќе го имаат фокусот на видеото, материјалите за работа како тетратки и книги нека бидат во прв план.
Исто така, многу е битна и дисциплината која вие како родители би му ја посочиле на детето со тоа што ќе му објасните за навременото станување, за тоа колку порано ќе ги заврши своите ученички одговорности, толку ќе има поголемо задоволство од денот и од она што е сработено. Времето што преостанува во текот на денот (кој е и онака долг) дома ќе може да го потполни креативно ако е завршено она што му претставува обврска, бидејќи она што следува по учењето ќе биде мотив за успешно да се заврши задачата.

Она што мене ми помага во онлајн-предавањата е начинот како сум облечен, и тоа не во премногу опуштена варијанта – тренерки, пижами, туку носам облека која е соодветна за нормални услови за самите предавања.
Исто така, самата домашна атмосфера е добра подготовка и за студентските денови. Што значи кога учениците од основно и средно образование ќе искусат онлајн-учење, односно учење дома, многу полесно понатаму ќе се адаптираат на студентското учење. Она што секако е поддржувачко при учењето дома се свежите пијалаци или грицките, со предност на оние кои се здрави.

Насоки за полесно учење

Она што јас го издвојувам како најбитно во овој вид онлајн-учење е: самодисциплината во учењето и условите за учење. За условите веќе објаснив, додека пак самодисциплината би се поттикнала преку следниве параметри:

• Поврзувај го старото знаење со новото. Она што е претходно научено нека биде вклучено во новата наставна единица што се учи, добро е ученикот да се потсетува, да се навраќа на претходните содржини.

• Учи за знаење. Сега е вистински момент ова да се стимулира и развива и само така може да стане вредност и да се провлекува во текот на целиот живот. Што значи, не да се биде премногу темелен и да се навлегува во секоја содржина, но не и да се учи само формално, за да се презентира пред родителите, пред наставникот или соучениците. Она што е битно тука е ученикот да се самопроверува или да биде проверуван од родителите, но не испрашуван и секако да биде награден со пофални зборови, да е уважено она што се знае и да не се запира во своите излагања по завршувањето на учењето. Едноставно водете разговор со ученикот и тоа да биде интересно за вас, така ќе му го пренесете љубопитството. Не спречувајте ги дополнителните прашања што доаѓаат, туку дајте им простор.

• Прашувај го наставникот за она што не е јасно. Ова е помош и за вас како родители, односно е заемна соработка за да се развие критичкото мислење на децата. Тука проверувајте се и вие за содржината, како сте ја разбрале или како одговарате на поставените прашања од децата.

• Добро е децата да го споредуваат и разменуваат своето знаење со другарчињата преку камера. Ова е одличен начин за да се одржи социјализацијата, а и децата секогаш ќе имаат одлична тема на разговор. Покрај тоа, тие секогаш ќе го разменуваат, а со тоа и прошируваат она што го знаат. Ова е особено битно за нив.

• Користете дополнителна литература: користете ја домашната литература доколку ја имате, побарајте стари учебници соодветни за возраста, барајте од другарчињата идеи како тие учат. Сето ова ја зголемува креативноста и помошта при учењето.

• Поттикнете ги децата на самооценување. Наместо да се оценува со бројки, поттикнете го детето да најде некој интересен начин на самооцена. Пример – да си лепи стикер или некој емотикон така што би си го оценило својот труд.

• Ниту вие ниту децата не заборавајте на своето хоби. Паузата меѓу обврските нека биде повторно насочена, вклучувајќи го хобито во неа.

• Импровизирана табла. Децата обожаваат да пишуваат на табла, затоа дозволете им го тоа во домот. Нека биде едноставна, ако немате табла пиши-бриши, тогаш залепете хамер или листови хартија на ѕидот. Тоа им дава чувство дека тие се сами свои наставници, така полесно ќе се следат самите и ќе се охрабруваат во усвојувањето на задачите.

Сето ова ќе биде внесување боја во процесот на учење, но исто така ќе ја подобри домашната динамика за секој да го најде своето место во домот и да биде доволно ангажиран и организиран.

Со среќа.

Автор: Никола Дукоски, психолог, психотерапевт во едукација



912

X