„Се чувствуваше виновен за тоа што го прави и стравуваше дека родителите ќе се караат кога ќе се врати мајката. Се плашеше од нивните расправии кога лицата ќе им се намуртеа и ќе се вцрвенеа од бес, а зборовите сами навираа, му се чинеше како некој пред него да ставил стаклена плоча, пресекувајќи му го воздухот; силата го напушташе и одеше во најоддалечениот агол од куќата“, Џон Апдајк, „Бегај, Зајко, бегај“.

Писателите се сојузници, а често и претходници на психолозите во нивните настојувања за што подобро да ги објаснат најсуптилните обрасци на човечкото однесување. Кога интуицијата на писателот ќе ја издржи научната и емпириска процена, најчесто нејзиниот израз останува како најцелосен опис на некое душевно доживување.

Не е тајна дека детето е татко на човекот. Тоа го запишал поетот Вилијам Вордсворт, а со него се согласил и Фројд, како и мнозинството психолози по него. Раните години нѐ обликуваат, го формираат начинот на кој го доживуваме и го набљудуваме светот и себеси. Она што тогаш ќе го усвоиме како мерило за сѐ околу нас, силно ќе влијае и врз целиот наш живот, па иако не е ни конечно ни непроменливо, често може така да изгледа.

Затскривање на конфликтите и лажна слика на семејните односи

Како што вели Џејмс Хилман, несомнено најдобриот начин да се придонесе за цветање на детската душа е – „преземањето грижа за (сопствената) душа“. Еднакво несомнено, тоа е најреткиот начин кој го применуваат родителите (без оглед што мислат тие). Кога не се посветуваат на тоа, сигурно го пренесуваат товарот на таа задача врз детето.

Односите меѓу родителите се само дел од влијанието што се пренесува на детето. Тој пренос може да се направи случајно или намерно, свесно или несвесно, но сеедно, на крајот се претвора во нешто што остава последици врз мислењето, емоциите и однесувањето на детето. Кога односите меѓу родителите се интензивно негативни и агресивни, детето има проблем да се одреди во светот околу себе бидејќи недоволно ги разбира причините поради кои се случуваат работите во светот на возрасните. Дури и кога ќе се обидат да дадат некое смислено објаснување, родителите обично настојуваат да го прикријат конфликтот и со зборови да го убедат детето дека сепак сѐ е во ред, дека тоа треба да знае дека мама и тато го сакаат, дека ништо не се случува заради него и слично.

Многу често, поради обземеноста на родителите со своите проблеми, дури и изостануваат такви зборови на објаснување и утеха. Разговорот донекаде помага, но зборовите секогаш се помалку делотворни отколку однесувањето, невербалната комуникација и емоциите – кои детето ги забележува и ги усвојува несвесно и без јасна артикулација на значењето, а тие можат да бидат многу различни од она што на детето му се соопштува со зборови.

Несвесни обрасци

Во такви ситуации детето останува без ориентир. Тоа е принудено, без соодветни капацитети, само да си објасни што се случува околу него и да осмисли однесување кое ќе биде најсоодветно да обезбеди биолошки опстанок и што е можно повеќе да го зачува психичкото функционирање. На тој начин детето креира систем на вредности за светот во кој живее, како и ставови за тоа кои однесувања се пожелни, а кои не се. Развојниот недостиг на капацитет да се постави во толку сложена мрежа на односи секогаш ги ограничува мислењето и однесувањето на детето, кое има потреба за нега и поттик кои не може да ги добие од родителите што се обземени со себе. Приспособувањето кон кое детето прибегнува секогаш служи за опстанок, иако неговата вистинска вредност (само релативна) е ограничена на одреден момент, сепак тоа „успешно“ приспособување се врежува многу подлабоко во детското однесување и станува несвесен образец што се користи и во други, поповолни ситуации во кои би можело и да се промени. Упорноста на овој образец се пренесува и подоцна во однесувањето на зрела возраст.

Детето и чувството на вина

Една од вообичаените ситуации е детето да се гледа себеси и некои свои постапки како причина за кавга и конфликт меѓу родителите. Тогаш тоа чувствува лична вина, проследена со чувство на безвредност и страв. Детето не може јасно да ја утврди својата улога во она што се случува, па не може ни јасно да одреди кое однесување е точната причина за тоа. Тогаш детето само си поставува многу поширока забрана за конкретното однесување, како и забрана за група слични активности од кои тоа се одрекува под влијание на принудата што е предизвикана од чувството на вина, но и на страв.

Забранетите однесувања подоцна изостануваат и во други ситуации, кои само ги оценува како потенцијално загрозувачки. Тоа се повлекува од цели области од животот во кои не смее да се впушта, според неговата „процена“. Така детето несвесно останува во маѓепсаниот круг – погрешната процена на последиците од неговото однесување предизвикува вистинско, но несоодветно чувство на вина, кое за возврат исклучува одредени однесувања и така ја одржува активна повратна спрега меѓу вината и однесувањето. Ваквите вознемирувачки расправии меѓу родителите најчесто се проследени со вербален, но и со физички конфликт. Детето кое проценило дека причина за конфликтот е неговото однесување, доживува интензивен страв кога ќе дојде до конфликт. Тоа буквално чувствува дека со тоа е загрозен и неговиот живот, но многу често и животот на едниот родител. Неконтролираните изливи на бес меѓу родителите носат недвосмислено предвестување на опасност. Во даден момент детето најчесто нема подобра можност за спас од парализирачкиот страв. Тоа се чувствува одговорно за загрозувачката ситуација, но, пред сѐ, се чувствува немоќно и преплашено. Родителите може и да не ги забележат ваквите реакции на детето, што всушност, најчесто го прават.

Од запирање на дишењето до повлекување

Во атмосфера на меѓусебни конфликти и борба за надмоќ меѓу родителите, на детето не му се обрнува внимание. Тоа манифестира однесувања како повлекување во себе, одбивање да се дружи и да поминува време со родителите, има интензивни ноќни кошмари, се самоповредува и слично. Детето на единствен можен начин ја преработува ситуацијата, а тоа е дека не е доволно добро, па секогаш од тоа излегува со помала или поголема штета. Ускратувајќи си го правото на одредени однесувања, тоа ги стеснува и своите животни можности. Терапевтите го препознале механизмот на запирање на дишењето во вакви ситуации, што е универзална телесна програма за потиснување на непријатните емоции и доживувања. Тој механизам се забележува и кај деца и кај возрасни и со негова помош се запира доводот на кислород, а со тоа се снижува енергијата, што резултира со престанување на негативната емоција. И на физичко и на телесно ниво детето се одрекува од еден дел од своето постоење така што му ја одзема движечката енергија. Таа постапка носи олеснување и затоа се усвојува.

Конечна последица е тоа што детето се повлекува и чека да заврши загрозувачката ситуација. Со оглед дека тој образец иницијално е усвоен со цел да обезбеди преживување, тој станува вообичаен начин на реакција кој не се преиспитува, туку егзистира и натаму. Како возрасна личност принудно ќе се повлекува од одредени животни ситуации кои несвесно ќе ги перципира како ситуации што можат да му предизвикаат чувство на вина, да бидат проследени со агресивен конфликт и со самото тоа да бидат заканувачки, бидејќи не е развиен капацитет за соочување со таквите ситуации на соодветен начин. Тие ситуации се јавуваат во различни односи во кои учествува возрасното лице, а најчести се брачните, партнерските односи, како и во односите со претпоставените и колегите. Овие лица живеат во бегство од животот за да обезбедат гол опстанок. Меѓу двете зла не го одбираат помалото, туку попознатото. Како во песната: „гладот им е бескраен, а рацете вечно празни“.

Автор: Слободан Николиќ, психолошки советник и терапевт



912

X