Во текот на првите денови од наставата на децата им се нуди можност да изберат воншколски и воннаставни активности со кои ќе се занимаваат во текот на учебната година. Се разбира, тоа не е задолжително, но експертите препорачуваат секое дете да се занимава барем со една дополнителна активност надвор од школските клупи.
Воншколските и воннаставните активности се замислени како своевиден структуриран дел од слободното време, односно „продолжено“ воспитно дејство што го нудат училиштата, установите и приватниот сектор.
Да откријат за што имаат страст
Воннаставните активности се оние што се одржуваат надвор од школското време, но во просториите на училиштето, додека воншколските се одржуваат надвор од училиштето – во разни локални спортски клубови, училишта за танцување, за странски јазици и слично.
Во средината каде што живее детето би требало да има повеќе опции што може да ги избере затоа што токму слободното време е исклучително важно за негова самоактуализација. Тоа е време кога децата ги развиваат сопствениот потенцијал и своите вештини, време во кое ќе сфатат за што имаат страст, а тоа може да влијае и врз изборот на нивната идна професија.
Реално согледување на способностите и желбите на детето
– Пред сè, при изборот на воннаставните и воншколските активности децата треба да се водат од своите интереси и способности. Исклучително е важно детето да стекне што пореална слика за своите способности, што му оди од рака, во што е добро, можеби и најдобро, а во што не е, затоа што другите се подобри од него.
Имено, често поради подарените оценки и претераните пофалби без основа, детето не знае реално да ги процени сопствените способности, што подоцна може да се покаже како многу лошо, особено кога ќе замине на факултет – вели школскиот психолог Мартина Ковачиќ.
Што се однесува до улогата на родителите при изборот на овие активности, според Ковачиќ, треба да им се дозволи на децата да го имаат последниот збор.
– Се разбира дека родителите можат да им ги укажат можностите од нивната околина и да соберат податоци за различни опции. Но детето мора само да одлучи во согласност со своите способности и желби – објаснува таа, додавајќи дека по изборот на одредена активност родителите мора да се грижат дали детето редовно ја посетува, затоа што на тој начин се учи на одговорност и доследност, но и дека трудот и напорот се единствениот начин за совладување на пречките.
Повеќекратна корист од ваквите активности
Но што станува со другите училишни обврски што ги има детето? Дали наведените активности се вклопуваат во временската рамка на детето?
Според Ковачиќ, практиката покажува дека токму учениците со најмногу воншколски и воннаставни активности остваруваат и најдобар академски успех. Се разбира, тоа не значи дека детето треба да се принудува да се занимава со многу активности ако не сака, но барем една секако ќе биде добредојдена.
– Воопшто не е пожелно детето да остане целосно пасивно и невклучено затоа што токму преку воншколските и воннаставните активности ги развива и своите социјални вештини, организациски способности, се запознава себеси, склопува пријателства и собира искуства и спомени – заклучува таа.