Растењето не е лесно. Тинејџерскиот период е полн со многу дилеми, сомнежи и искушенија, врсниците стануваат најзначајниот пример, па детето кое дотогаш ги сметало родителите за апсолутни авторитети почнува да се „оттргнува“ од нив.

Ќе ви биде потребно многу трпение, љубов и поддршка бидејќи само на тој начин ќе му помогнете на адолесцентот да се избори со проблемите што ги носат „лудите години“. Доколку се прашувате за што треба да разговарате со нив и кои совети да им ги дадете пред самите да дојдат до заклучокот на потешкиот начин, еве неколку препораки од психолози кои составиле „список“ со теми што треба да ги отворите со вашите деца.

* Најважно е да им понудите слобода при носењето одредени одлуки. Тоа не значи дека не го контролирате детето и дека не го насочувате, но тоа мора да сфати дека учи низ сопственото искуство.
* Затоа дозволете му да прави свои избори во согласност со возраста и карактерот бидејќи само така ќе научи да биде самостојно. Не дозволувајте детето да ве смета за виновни што, на пример, сте го натерале да се запише во средно училиште по ваш избор. Родителите би требало на децата да им укажат на сите предности и недостатоци на некои одлуки, но на крајот, одлуката треба да биде на децата.
* Научете ги да бидат „најдобрата верзија од себе“. Тоа значи дека им влевате самодоверба, дека ги поттикнувате да не се споредуваат со другите и да не се вреднуваат врз основа на туѓи квалитети.
* Најдобро е да знаете со кого се дружи вашето дете и како му влијаат пријателите. Објаснете му дека секоја личност е единствена и инсистирајте да се „пронајде“ себеси, да сфати што најмногу му прилега и што го исполнува, па во таа активност да го даде својот максимум.
* Учете ги на емпатија. Обидете се да им објасните дека луѓето ќе ги повредуваат, но тие треба да се обидат да не им приоѓаат со страв. Ќе има и разочарувања и солзи, но важно е да веруваат во себе и да не се откажуваат од своите цели. За таков став потребна им е поддршка од семејството и затоа потрудете се детето да сфати дека без оглед на сè, вие секогаш ќе бидете покрај него.

* Обидете се да им објасните дека не е здраво да негуваат лоши емоции, гнев, горчина, лутење и стимулирајте ги секогаш да разговараат за своите чувства. Не мора вам да ви се доверуваат, но многу е важно да ги прифатат своите емоции и да ги канализираат. Кога ќе научат да простуваат, тоа ќе им помогне да водат поисполнет и посреќен живот подоцна.
* Научете ги да се ослободат од преголеми очекувања, да се обидат реално да ја согледаат својата реалност, пријателите и опкружувањето. Тоа можеби ќе биде и најважната лекција за вашето дете.
* Научете ги дека не можат да им се допаднат на сите. Тинејџерите имаат силна желба да се вклопат во друштвото и да бидат прифатени. Треба да ги цените таквите настојувања, но важно е да им објасните дека не смеат да одат во крајност и проблематично однесување или да се откажат од сопствените желби. Навреме научете ги да кажат „не“ на сето она што не е во согласност со нивната природа и карактер.
* На детето треба да му се даваат насоки, но не смеете да го живеете неговиот живот наместо него. Упатате го кон некој спорт или друга активност дури и ако не покажува особен талент. Учете го на здрав живот и на добри навики. Така засекогаш ќе води сметка за своето тело и ум, а тоа ќе им го пренесе и на сопствените деца. Научете ги децата да го сакаат своето тело, што можеби е и најтешкиот дел од воспитувањето. Девојчињата особено се чувствителни на физичкиот изглед, па ако вашата ќерка има неколку килограми вишок, помогнете ѝ да се ослободи од нив на здрав начин.
* Без оглед дали нивните проблеми ви се чинат смешни или неважни, мора да знаете дека за нив се најголеми и најтешки. Затоа никогаш не исмејувајте ги пред другите. Сослушајте ги внимателно, помогнете им да ги решат и однесувајте се како да станува збор за најважните работи на светот.
* Воспитувањето подразбира одредена доза фрустрација. Затоа не обезбедувајте им само комфор и „живот без грижи“. Обидете се да ги сфатат своите обврски и одговорности, чие непочитување ќе има свои последици. Психолозите советуваат дека најдобро е со детето да се договорите каква ќе биде казната за лоши постапки.
* Охрабрувајте ги децата и поставувајте им нови предизвици, научете ги да им веруваат на своите инстинкти.
* Охрабрете ги да им помагаат на другите, да ги подаруваат работите што не им требаат, да се обидуваат да собираат спомени на убави моменти, а не материјални работи.
* Сите животни искуства се вредни, а не само моментите кога детето доживеало некаков успех. Неуспесите се основа за личен развој и раст. Важно е детето да го научи тоа пред да порасне, бидејќи така ќе се развива во зрела и стабилна личност.



912

X