Родителството има многу дефиниции, но ниедна не е доволно сеопфатна во врска со тоа како вие лично го доживувате родителството. Сепак, една од најубавите е дека тоа е давање корен и крилја на детето. Коренот е метафора за чувството на потпорна точка, место за поддршка каде што детето се чувствува добредојдено, такво какво што е, со чувство дека не мора во сè да биде најдобро за да биде сакано. Крилјата се симбол на неминовноста дека ќе го пуштите своето дете во надворешниот свет, надвор од сигурноста на семејното опкружување, слободно и самостојно да истражува, да носи одлуки, да победува и да губи, односно – да лета. Дајте му ги на детето и едното и другото…
Немојте да глумите дека родителството ви е лесно ако тоа не е ваше автентично чувство. Подобро признајте дека ви е потребна помош и посветете му се на тој дел од својот идентитет, учете како да бидете што подобар родител. Со оглед на големите очекувања од средината, многу родители глумат некој вид суперхерои, а децата ги гледаат како суперсуштества. Тоа е погрешно.
Кога на детето ќе му покажете дека сте личност со доблести и маани, тоа за него е порака дека не мора секогаш да биде совршено за да биде достојно за вашата љубов. Со доаѓањето на детето на свет почнува воспитно-образовниот систем на однесување. Меѓутоа, како што родителите ги воспитуваат своите деца, така и тие учат од нив. Растењето заедно со своите деца значи меѓусебно одгледување.

Љубов

Најзначајното нешто што можете да му го подарите на детето е уверувањето дека вие, неговите родители, неизмерно се сакате, а дека потоа исто толку го сакате и него. Постојаното покажување на љубовта овозможува детето да расте сигурно во себе и во своето семејство.. Денес знаеме дека отвореното покажување љубов не влијае поволно само врз детската самодоверба и врз развојот на родителските вредност, туку и врз развојот на интелигенцијата на детето.

Поддршка

Најцврстите дрвја растат на неверојатни места. Само ако вистински чувствува дека во своето семејство има сигурност и поддршка, детето ќе може да има здрав дух, да биде здраво однатре. Наместо да го спречувате во експериментирањето, подобро речете му: „Ќе бидат тука за тебе, на мене секогаш може да сметаш“.

Крилјата на детето му даваат:

Самостојност

Кога му овозможувате на детето да ја понесе одговорноста за своите одлуки и избори, го учите на важни животни лекции. Ако не ги совлада вештините за снаоѓање во надворешниот свет, ќе биде осудено на несигурност, самотнички живот и ќе се плаши од ризици. Училиштето има други приоритети и задачи, така што вашето дете нема никој друг, освен вас, што ќе се обиде да го оспособи за надворешниот живот.
Како да го направите тоа? Давајте му ситни задачи преку кои му праќате порака дека верувате дека детето може да ги изврши. Дополнителна предност е тоа што децата се горди кога ќе почувствуваат дека се важни, големи и корисни.

Доверба

Имате ли доверба во себе како родител? Ако имате, тогаш веројатно имате и доверба во своето дете. Зашто, ако сте успеале да воспитате самосвесно, одговорно и полно со самодоверба дете, ако сте го научиле да им одолева на притисоците од околината, сте завршиле добра работа и има многу причини да се пофалите себеси за успехот.

Комуникација

Со начинот на комуникација влијаеме врз сите сегменти на детскиот развој. За многу пораки не сме свесни, а тие сепак се втиснуваат и го обликуваат начинот на размислување на детето. Размислете, на пр., со кои зборови го испраќате детето на училиште. Повеќето родители во оваа пригода ќе кажат: „Биди добар“ или „Чувај се“, несвесни дека со овој личен страв на детето му праќаат порака дека светот е полн со опасности, па потребно е да се биде послушен и внимателен затоа што, во спротивно, којзнае што може да се случи.
Од друга страна, кога би ги одбрале зборовите: „Убаво да си поминеш“ или „Уживај во денешниот ден“, би му порачале на детето дека животот не е само низа од опасности, туку, пред сè, на предизвици и можни радости. Кога на детето ќе му кажете: „Знам дека ќе напишеш одлична писмена по мајчин јазик“, на убав начин сте му дале до знаење дека верувате дека ќе успее да направи нешто добро. Истовремено, ваквото обраќање е и многу обврзувачко – сте ја искажале својата доверба, но сте внеле и доза на лична амбиција.
Имено, ако сте погрешиле, сте ги прецениле моменталните способности на детето, па ако не ја направи добро задачата, можеби ќе му биде тешко да ви го каже тоа зашто ќе мисли дека не ги исполнило вашите очекување. Затоа е многу поконструктивно наместо обврзувачки очекувања, да давате конкретни предлози, на пр., „Ти направи сè што е до тебе, дај максимум и резултатите ќе си дојдат“.

Автор: Јелена Холцер, педагог

 



912

X