Свети Никола, Дедо Мраз… како и да го наречете, неговата појава носи радост, особено кај најмладите. Дедо Мраз е всушност модерен наследник на свети Никола.

Европејците што емигрирале во Америка ја понеле традицијата, а до крајот на 18 век свети Никола бил препознаен од американската култура. Во декември 1773 и 1774 година неколку холандски семејства во Њујорк се собрале да го прослават заштитникот на децата и морнарите. Се верува дека Дедо Мраз го добил името по свети Никола, кого Холанѓаните го нарекуваат Синтерклаас.

Во Соединетите Американски Држави, во 1820 година, продавниците го поттикнале божиќното купување со своите реклами, а до 1840 година во американскиот печат почнале да се појавуваат божиќни реклами со ликот на Дедо Мраз. Неговиот модел почнал да се појавува во природна големина, а многу деца се собирале да го видат Дедо Мраз. Во раните 90-ти години од 19 век Армијата на спасот почнала да испраќа невработени мажи облечени како Дедо Мраз за да бараат донации за сиромашните семејства, со цел да им обезбедат божиќни оброци.

Изгледот на Дедо Мраз се менувал низ историјата. Првиот модерен приказ на Дедо Мраз бил претставен од карикатуристот Томас Наст за „Харперс викли“, во 1863 година. Наст на цртежите го додал Северниот Пол, фабрика за играчки и уште неколку елементи по кои денес го препознаваме Дедо Мраз. Наликувал на елф, а со годините ја сменил бојата на палтото од кафеава во црвена.

Крупниот, румен и весел дедо се појавува во реклама на „Кока-Кола“ во 1931 година. Создаден е од илустраторот Хадон Сандблум. Дедо Мраз на Сандблум е насликан како крупен господин со бела брада, облечен во црвен костим, со црн појас и облога од бело крзно. Носи црни чизми и црвена капа. Другото е историја. Дедо Мраз стана главен лик кога се во прашање божиќните подароци и на Запад и кај нас.

Генерациите што пораснаа во 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век со задоволство се сеќаваат на организираните подароци во фирмите каде што работеле нивните родители. Многумина се сеќаваат како изгледало доаѓањето на Дедо Мраз во поранешна Југославија.

фото извор: архива „Вечерњи лист“

Според татко ми, роден 1960 година, синдикатите и компаниите организирале новогодишни подароци. Дедо ми тогаш работеше во „Грамат“, а татко ми се сеќава на пакетите со слатки и играчки. Момчињата обично добива автомобил играчка, а девојчињата кукла.

Некои луѓе чувствуваат носталгија кога ќе ги погледнат старите фотографии, додека помладите генерации се малку изненадени од изгледот на Дедо Мраз. Тоа делумно се должи на црно-белите фотографии, но разликата помеѓу денешниот Дедо Мраз и тогашниот е тоа што во 70-тите тој немал многу опции за маскирање. Имало памучна вата на располагање, но немало перика, вештачка брада и слични додатоци. Сепак, оние што се сеќаваат на подароците од Дедо Мраз, најмногу се сеќаваат на веселата атмосфера.

-Татко ми работеше за „Далмацијавино“, но не организираа подароци за ограноците, туку само за Сплит, а ние живеевме во Загреб. Мајка ми работеше во угостителската компанија „Сплендид“. Секоја година пред Нова година организираа подароци за децата, а Дедо Мраз секогаш беше тука за да им дели подароци. Добивавме пакетчиња со бонбони и се сеќавам дека еднаш добив и огромно кадифено куче. Се радував на тие подароци, но сепак еднаш се плашев од Дедо Мраз. Бев малечка, па не се сеќавам точно зошто – се присетила новинарката Маријана Матковиќ на нејзиното растење во 70-тите години.

Сцени од донациите раскажува и пензионираната наставничка по хемија Милка Ѓуркан (76), која работела во основното училиште во Сигет, а до пензионирањето во основното училиште „Младост“ во Утрина, Загреб. Нејзиниот постар син бил дете во средината на 70-тите, а како што било случајот во другите компании – и во секторот образование организирале новогодишни настани за децата на вработените.

„Дедо Мраз тогаш изгледаше нормално, барем за мене. Децата му седнаа во скут за да им дава подароци. Беше убаво и весело, а нашите деца едвај чекаа да ги отворат пакетчињата. Колку и да изгледаше скромно, ваквите настани беа многу поживи и попразнични од денешните. Имавме приеми и во просториите на училиштето. Се забавувавме до 2 часот по полноќ. Тоа беа добри времиња. Имам убави спомени од тој период“ – се присетила професорката Милка и додала:

„Порано децата се радуваа. Имам чувство дека денес не се радуваат премногу затоа што добиваат сѐ на тацна. Премногу играчки и премалку комуникација со децата. Тоа е грешка.
Ако се вратиме неколку децении наназад, во 50-тите и 60-тите, подарувањето кон крајот на годината беше уште поскромно, но и тогаш не фалеше радост“.

„Децата добиваа подароци според можностите на нивните родители. Сепак, училиштето организираше подароци за Нова година, еден месец однапред. Во ова се вклучуваше и Црвениот крст. Се делеа пакетчиња, а во нив имаше сирење, млеко во прав, сладок сируп… Знаете, тоа беа намирници кои тогаш не беа лесно достапни“ – се присетила на своето детство во 50-тите години во Карловац педагогот Марија Хорватинчиќ (78), која се сеќава многу добро на сцената кога се собирале на училиште и оделе да земат подароци од Дедо Мраз.

„Свеченото подарување се одржа во голема киносала. Тоа беше посебно искуство и радост. Сè уште се сеќавам на тие седишта во киното. Децата се редеа како сардини и одеа кај Дедо Мраз, еден по еден. Се сеќавам на фотелјата. Таа навистина ми остана во меморијата. Беше како кралски трон“ – низ смеа раскажала Марија, додавајќи дека некои од децата биле преплашени, а други ги насмеал изгледот на Дедо Мраз.

-Беше очигледно дека е вештачки. Во тоа време немаше избор за маскирање во Дедо Мраз. Некогаш децата му ја повлекуваа брадата или му паѓаше, па сите се смееја – изјавила Марија.

„Меѓу подароците, во хартиените кеси имаше неколку бонбони, јаболка и можеби портокал, а ако имавте среќа – и божиќно лижавче.

Се сеќавам дека на едно момче му испадна пакетчето. Сите слатки беа расфрлани на подот и ни беше многу смешно и нам, на возрасните, а и на децата. Тоа беше обична хартија, а не фолија, па беше тешко повторно да се затвори кесата, но барем дознавме што ќе добиеме“ – изјавила на крајот Марија.

Автор: Ема Крстиќ

Извор



912

X