Неколку жени од различни краеви на светот откриваат како изгледа породилното отсуство во нивната земја.

Норвешка

Сесил Л., мајка на две деца од Норвешка, е изненадена што некои западни земји се толку назадни (како САД) кога станува збор за работничките права на жените и породилното отсуство.

– Во Норвешка од жените се очекува да се вратат на своите работни места по породилното отсуство, без никакви проблеми. Во Норвешка добиваме 100 отсто од платата во период од 40 недели, 80 отсто од платата во период од 52 недели. Повеќето татковци земаат породилно отсуство и постојат посебни правила и опции за самохрани родители – вели таа.

Како тоа функционира во Норвешка?

Градинката е достапна за деца на возраст од 9 месеци и нагоре, иако повеќето почнуваат да одат во градинка откако ќе наполнат една година.

– Сите градинки во Норвешка ја следат истата наставна програма, а вработените се специјално обучени професионалци. Ние веруваме дека децата во градинките учат како да станат добри граѓани и дека градинката ги подготвува за животот и за училиштето – вели Сесил и додава дека сите градинки имаат исто работно време, односно од 7:30 до 17:30 часот, а правилото е децата во градинка да поминуваат најмногу осум часа.

Велика Британија

Велика Британија има политика што им овозможува на своите вработени 52 недели породилно отсуство, а идните мајки можат да започнат породилно отсуство 11 недели пред датумот на породување. Сите мајки мора да земат најмалку две недели породилно отсуство по раѓањето на бебето.

Ненси Ц. која и двата сина ги родила во Лондон, го споделува своето искуство.

– Благодарна сум што живеам во Велика Британија затоа што имав можност да бидам дома со моите деца. Би ми било неизмерно тешко да морам да се вратам на работа за 8 или 12 недели, како што направија многу мои пријателки во САД – вели таа и истакнува дека првата година од животот на бебето е физички и психички важна за родителите да ја поминат со своето дете.

Велика Британија има и со закон пропишана плата за време на породилното отсуство, што им овозможува на вработените кои ги исполнуваат условите да добиваат фиксна плата до 39 недели породилно отсуство.

– На пример, со постариот син земав цела плата во период од 20 недели, а потоа со закон пропишана плата 19 недели. Последните 13 недели не бев платена. Исто така, мојата компанија ми понуди да доаѓам на работа повремено во текот на последните 10 дена од породилното за да дознам што се случува, да разговарам со колегите и слично. И тие денови ми беа платени – вели таа.

Ненси додава дека не е сигурна какви се правилата во Велика Британија за тоа дали жените избираат да земат цело породилно отсуство или не, но на жените што ќе се вратат на работа по шест месеци им се нуди истата работа.

– Не можам да генерализирам како жените одлучуваат колку породилно да земат, но јас и мојот сопруг одлучивме врз основа на нашите финансиски можности: дали можеме да си дозволиме да бидеме без целосна втора плата во период од шест месеци. Затоа што мислевме дека е важно да бидеме со бебето, некако бевме одлучни дека можеме да преживееме финансиски – вели таа.

Исто така, кога Ненси се вратила на работа, таа работела четири дена во неделата одреден период, наместо пет дена. Оваа практика не важи секаде во Велика Британија, но вообичаена е на многу места.

Хонгконг

Трејси Ј., Американка која живее во Хонгконг, објаснува дека жените во Хонгконг мораат да земат најмалку две недели породилно отсуство. Повеќето компании дозволуваат 10 недели породилно отсуство.

– За оние мајки што ќе родат две недели по терминот, нивното породилно отсуство е скратено. Традиција во кинеската и кантонската култура е дека мајката треба да мирува еден месец откако ќе се роди бебето, да биде дома, да јаде одредена храна и да закрепне – вели Трејси и додава дека многумина ги гледале чудно со сопругот кога виделе дека шетаат со бебе старо две недели.

Трејси објаснува дека во Хонгконг постои силна поддршка кога станува збор за услугите.

– Ова им овозможува на мајките да се вратат на работа додека нивните деца се згрижени, алиштата се испрани и вечерата е приготвена – вели таа и додава дека мајките во Хонгконг претпочитаат да им даваат адаптирано млеко на своите деца.

Австралија

Мелита Л., која работи во мала приватна компанија во Сиднеј, вели дека нејзиното породилно отсуство во Австралија е главно позитивно сеќавање, но од финансиска смисла е тешко. Исто така, таа вели дека породилното отсуство таму зависи од работата и позицијата на работното место.

Мелита првпат отишла на породилно отсуство пред 15 години, а потоа пред 12 години.

– Тогаш немаше опција за мене освен да земам неплатено породилно отсуство поради организацијата во која работев. Едноставно, во тоа време не постоеше опција за платено породилно отсуство, па тоа беше прилично тежок период затоа што моравме да живееме само со платата на сопругот – вели таа.

– Немаше притисок кога треба да се вратам на работа, а мојот работодавец ме поддржа во мојата одлука да земам 12 месеци (што е максималниот период што можете да го земете). Во последните години во Австралија можат да се земат шест месеци породилно отсуство на половина плата.

Мелита објаснува дека градинките во Австралија се многу скапи.

– Кога го родив моето второ дете и повторно зедов 12 месеци неплатено породилно отсуство, одлучив да ја пуштам ќерка ми во градинка. Исто така, тешко е да се вратиш на работа на половина работно време ако ти треба градинка, затоа што трошоците за градинка ја „јадат“ речиси целата плата – вели таа.

Франција

Ингрид П. работи во туристичка агенција и вели дека породилното отсуство во Франција е добро прифатено и организирано, особено ако работите во голема компанија. Жените можат да земат четири месеци породилно отсуство со цела плата. Ингрид објаснува дека жените генерално одат на породилно шест недели пред датумот на породување и се враќаат 10 недели по раѓањето на бебето.

– Условите се исти на сите канцелариски работни места и за жените што работат во продавници – вели таа.

Таа додава дека четири месеци се основното правило, и ако имате малку посложена бременост, вашиот лекар може да ви „препише“ уште две недели бонус. Ова се нарекува „congé pathologique“ и оваа практика ви овозможува целосна плата во овие две дополнителни недели. И, ако ви треба повеќе време поради некои здравствени проблеми, ги имате истите права како и секој друг на „боледување“.

– Ако сакате да поминете повеќе време со вашето дете, можете да го додадете годишниот одмор на породилно отсуство, што значи дека сепак ќе земате плата, а некои жени успеваат да добијат еден месец „congé pathologique“ од докторот, во зависност од ситуацијата – вели таа. Исто така, на жените им е дозволено да земат дополнителни шест месеци неплатено отсуство или, во зависност од работодавецот, работа со скратено работно време.

– Мајките често се враќаат на работа само четири дена во неделата – вели Ингрид, додавајќи дека имала позитивно искуство поради одличен работодавец кој ѝ олеснил сè што можел и ја охрабрил да го намали работното време за да не биде истоштена, кога се вратила на работа по шест месеци.

Извор



912

X