Наставниците се согласуваат во едно: дека децата се прекрасни и дека никогаш не би работеле нешто друго

Додека во Босна и Херцеговина се вреви за застрашувачките вести дека во Заводот за згрижување ментално инвалидни деца и млади лица „Пазариќ“ децата се врзувани за кревети и радијатори, редакцијата на српскиот портал „Телеграф“ разговарала со наставниците во Србија за тоа како е да се работи со деца на кои помошта им е и тоа како потребна, како и за тоа колку е важно децата со пречки во развојот да почувствуваат приврзаност и посветеност од своите учители за да можат да се чувствуваат и безбедно и заштитено.

Наставниците зборуваат дека нивната работа е навистина тешка, но никогаш не би ја менувале. Децата со пречки во развојот се прекрасни, само е потребно да ги запознаете и тие да ве запознаат вас. Кога ќе ве прифатат, сè е полесно, велат тие.

Овие ставови и мислења ги делат соговорниците за порталот „Телеграф“, кои се вработени во установи за деца со пречки во развојот. Како што велат тие, никогаш не би ја менувале својата работа, колку и да изгледа тешка. Тие работат во групи со четири до осум деца и на секое му се посветуваат еднакво.

Ива Бијаловиќ од основното училиште „Нови Београд“ вели дека во моментов им предава на деца од трето одделение, кои имаат 10 години. Малите деца, нагласува таа, не се распоредени според степенот на попреченост, туку според возраста, што често знае да биде и отежнувачка околност.

– Бидејќи не се распоредени по степенот на попреченост, работата во таквите групи може да биде отежната. Во групата има деца што се на повисоко ниво, кои можат да цртаат и да пишуваат. Од друга страна, другите деца мора да добијат задача да спојуваат точки. Важно е сите деца постојано да бидат окупирани со нешто – вели таа.

Бијаловиќ објаснува дека децата со кои работи имаат различни психијатриски нарушувања: аутизам, церебрална парализа со интелектуална попреченост и истакнува дека е многу важно учениците да ги прифатат своите учители.

– Не само што треба наставниците добро да ги познаваат своите ученици, туку е неопходно и децата да ги познаваат учителите и нивниот начин на работа за да не се вознемират поради нешто непознато. Децата може да бидат многу вознемирени само затоа што се гладни. Имаме деца што самите се повредуваат. Во тие моменти првата работа што мора да ја направите е да одите да повикате колега за да ги причува другите деца – раскажува Ива.

Фотоизвор: Телеграф.рс

Таа вели дека наставниците што работат со деца со пречки во развојот се обидуваат да воспостават однос помеѓу децата во групата.

– Тие се навистина осамени, немаат потреба да си играат со другите, но работиме на тоа да им дадеме што повеќе активности кои ќе ги извршуваат заеднички, да се обидат да си помагаат меѓусебно колку што можат. И најмало придвижување е придвижување – наведува таа.

Наставничката вели дека децата со кои работи се прекрасни, односно дека го сака тоа што го работи.

– Се изморуваш, тешко е, како и работата на воспитувачка, но во принцип убаво е да се работи со деца – истакнува таа.

Не ги набљудуваме децата низ нивните тешкотии

Наставничката Сања Дениќ од основното училиште „Миодраг Матиќ“ нагласува дека тие не ги гледаат децата преку нивните тешкотии, туку низ она што тие го можат.

– Гледаме на кој начин можеме тоа да го искористиме за да доведеме до напредок на одредени способности и ново знаење. Децата се тие што го водат наставниот процес. Денес имате едно дете кое ќе го бара целото ваше внимание, утре тоа може да биде друго дете. Потребно е да ги познавате, да ги следите и да ги слушате нивните потреби. И морате да имате многу трпение – вели Сања.

Како што вели таа, се случува во групата да има деца што се автоагресивни, а да не знаете што ја предизвикува агресивноста.

– Сепак, како што ги запознавате, дознавате и што сакаат, а што не и во согласност со тоа можете да го контролирате нивното однесување. Децата се такви главно во нижите одделенија. Тоа се менува како што растат и го запознаваат наставникот – објаснува Сања Дениќ.

 

Наставничката Сања Дениќ/Фотоизвор: Телеграф.рс

Децата реагираат на емоции

Светлана Ѓорѓевиќ од школата за основно и средно образование „Умка“ наведува дека наставниците се соочуваат со проблеми, особено бидејќи родителите на децата со пречки во развојот најпрво се обидуваат да ги испратат децата во редовната настава.

– Тука се губи скапоцено време, кога децата можат да совладаат некои основни работи. Проблем е што во редовната настава има премногу деца, учителите не постигнуваат да се занимаваат со децата што имаат попреченост. Практично, од прво до четврто одделение имаме помалку деца во класовите отколку од петто до осмо. Тогаш доаѓа напливот бидејќи децата не можат да се снајдат. Другите деца им пречат, а и тие им пречат на другите деца – вели Светлана.

Децата, порачува таа, можат да се вклопат во различни средини со сите хендикепи, освен со менталниот. И тоа е голем проблем.

– За секое дете и за секој предмет правиме посебна програма, индивидуално, а тоа е голема работа. Децата во нашето училиште се среќни, се чувствуваат заштитено, меѓу своите. Иако може да се случи некоја ситуација, ние сме тука да го средиме тоа. Има секакви ситуации. Но, имаме медицински сестри, па брзо можеме да реагираме. Пријателка во класот од редовна настава има аутистично дете кое се самоповредува и вреска. Тогаш се вознемируваат другите деца, таа не знае како да реагира, а немаат ниту медицинска помош која веднаш би можела да интервенира – објаснува Светлана.

Како што наведува, најважно е тие деца да бидат заштитени.

– Го работам ова 23 години и ја обожавам работата, човек или е или не е за тоа. Не би ја менувала за ништо друго. Навистина е тешко, особено кога имаме деца во количка кои не комуницираат… Како жена, тешко ви е да ги гледате тие деца. Имаме деца што можеме да ги допреме, да зборуваме со нив, но тука нема повратни реакции. Потребно е трпение, но и нема резултат преку ноќ. Она што за мене е мотив е дека секое дете реагира на емоција. Така нема да има дете што нема да ве прифати – порачува оваа наставничка.

Извор



912

X