Секоја генерација на родители се труди да ги надмине слабостите на претходната. Додека многумина сè уште се борат со идејата за „совршено родителство“, начинот на кој тоа се манифестира најчесто е специфичен за нивната генерација.
– Најкорисно е да го земете најдоброто од секоја генерација и да го приспособите на сопствениот стил. Исто така, важно е да сфатите дека не мора да се придржувате до сите карактеристики на вашата генерација – вели д-р Амелија Кели, терапевт и автор.
Секое време носи уникатни предизвици што го обликуваат родителскиот пристап. Еве како главните генерации пристапуваат кон воспитувањето, според експертите.
Генерација X (родени 1965-1980)
Главни настани во нивните животи:
Падот на Берлинскиот ѕид
Крајот на Студената војна
Подемот на ХИВ/СИДА
Почетоците на персоналните компјутери
Појавата на Ем-ти-ви
Генерацијата X е позната по „хеликоптерското родителство“ – стил во кој родителите постојано „лебдат“ над детето и внимателно следат сè што прави.
– Тие сакаат да добиваат и да даваат совети за родителството и постојано учат како да бидат подобри родители. Родителите кои ѝ припаѓаат на оваа генерација често се вклучени во активностите на своите деца, особено во нивното образование – вели психологот д-р Холи Шиф.

Ова може да биде реакција на воспитувањето што самите го имале. Родени од генерацијата бејби-бум, многу од нив израснале со помалку вклучени родители, па затоа настојуваат да бидат поприсутни во животот на своите деца.
Овој пристап поттикнува индивидуалност, но и прекумерна заштита, што кај децата може да доведе до недостиг на независност и емоционална отпорност.
Милениумци (родени 1981-1996)
Главни настани во нивните животи:
Големата рецесија
Растење со интернет
Ковид-пандемијата
Скапи трошоци за живот и грижа за децата
Подемот на социјалните мрежи
Изумот на паметните телефони
Милениумските родители се поприспособливи и поотворени од претходните генерации. Наместо строги родителски стилови, тие повеќе вреднуваат позитивно родителство и емоционална интелигенција.
– Оваа генерација има помалку деца, што делумно е резултат на финансиски притисоци и промена на традиционалните вредности – вели д-р Шиф.
Социјалните мрежи имаат големо влијание врз нивниот пристап кон воспитувањето. Истражувањата покажуваат дека дури 80 отсто од родителите бараат совети на интернет.
Исто така, милениумците настојуваат да одржуваат рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, но честопати нивната зависност од технологијата доведува до зголемена употреба на екрани кај нивните деца.
Генерација З (родени 1997-2013)
Главни настани во нивните животи:
Масовна употреба на паметни телефони
Ковид-пандемијата
Доминацијата на стриминг-платформите
Кризата со опиоиди
Појавата на инфлуенсери
Генерацијата З има тенденција да се стреми кон „совршенство“ во родителството, но истовремено се чувствува понесигурно од милениумците.
– Оваа генерација порасна во ера на социјални мрежи, каде што сè се документира и анализира. Тоа создава притисок и постојана споредба со другите родители – вели д-р Шиф.
Родителите што ѝ припаѓат на оваа генерација повеќе го ценат индивидуалниот израз и менталното здравје на своите деца. Многумина избираат нетрадиционални образовни системи, како Монтесори, наместо класични училишта.
– Оваа генерација се обидува да ги отфрли традиционалните норми и да создаде нови родителски пристапи. Психолошки гледано, децата чии родители се од генерација З може да бидат емотивно поздрави бидејќи нивните родители го ставаат менталното здравје на прво место вели д-р Кели.
912