Една од најтешките ситуации за родителот е кога детето излегува од училиште или од градинка тажно, молчаливо, потиштено, а не сака да разговара за тоа. На прашањата: Што не е во ред?, Зошто си тажен?, Дали некој бил лош кон тебе?, родителот добива краток одговор – сè е во ред, не сум тажен, никој не бил лош кон мене.
А вие сте родители, го знаете секој дел од неговото битие и кога нешто не е во ред, не може да ве измами. А до неодамна сте зборувале за сè и сешто, секогаш ви кажувало кога се чувствувало лошо, секогаш се отворало и барало совет. А сега, одеднаш – тишина. За родителите тоа е многу стресно, а речиси секој од нас еднаш го доживеал тоа или ќе го доживее, обично во пубертет, но тоа не е правило.
Моите деца имаат 4 и 6 години и во овој период сè е така едноставно во споредба со она што мислам дека нè чека. „Јутјубери“, „тиктокери“, потреба да се истакнеш во друштвото, потсмев затоа што немаш патики кои чинат колку месечен минималец – мојот сопруг и јас уште сега бараме начин како да се соочиме, да објасниме, погрешните примери да ги елиминираме или барем да ги научиме дека тоа не треба да им биде модел на однесување.
И сè да направиме совршено (што е невозможно), сигурно ќе дојде ден кога ќе имаат проблем, а нема да сакаат да зборуваат со мене за тоа. Моја задача ќе биде да проценам – дали е тоа нешто навистина важно или нешто со што можат самите да се борат. Една мајка на социјалните мрежи се нашла во таква ситуација со својот син, кој тогаш сè уште бил во основно училиште. Не знаејќи како да му пријде, како да му помогне да се отвори, дошла до одлична идеја која многу ми се допадна. Имено, по неколку дена ненападно обидување да извлече од него одговор на прашањето што не е во ред, му предложила едноставна, генијална работа – ќе купи посебна тетратка за нив двајца. Во неа и двајцата ќе можат да запишат нешто што на другиот би му била порака, а што не може или не сака да го каже на друг начин. Така и било. Мајката купила тетратка, му покажала каде ќе стои и секоја вечер проверувала дали нешто запишал. По неколку дена конечно наместо празен лист, здогледала една страница срамежливо напишан текст каде што тој полека отворил врата за разговор. Мајката мудро ја продолжила комуникацијата на ист начин. По 2-3 дена го прашала дали сака да разговара за тоа. Одговорил дека сака.
Понекогаш е тешко некои работи да се искажат додека гледате некого в очи. Стравот од осуда, неразбирање или едноставно од тоа дека ќе „паднете во нечии очи“ може да ве парализира. Оваа мајка му отворила врата на својот син за да ѝ го раскаже проблемот, а да не мора во тој момент да се погледнат. Можел секој збор да го измери или избрише, па повторно да го напише. Можел и да ја искине хартијата ако се премислел.
Дајте им на своите деца шанса она што ги мачи да ви го кажат на начин кој им ја олеснува работата. Или дајте им шанса да не ви кажат, ако сте процениле дека тоа не е нешто од животна важност.
Јас сега ќе купам 2 вакви тетратки, нека стојат, можеби ќе затребаат…
Автор: Александра Цвјетиќ
912